Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Денеска ќе пиевме кафе

И овој ден на почетокот на јуни е сончев, како пред една деценија. Ете, по толку време пак не можеме да го испиеме пладневното кафе. Ниту цигара ќе запалиме заедно. А мислев. Се надевав дека…

Денот кога замина не беше толку тежок, оти не можев се уште да ја почувствувам присутноста на неговата отсутност. Имено, не ни сакав да прифатам зашто имавме многу долги денови пред тоа. Неверојатно, и потоа, кога неговите зборови и нашите расправии ми татнеа низ главата. Неговите размислувања што пред да се „смени“ ги отфрлав како наметнати, а потоа почнав да сфаќам дека тој само кажува тоа што знае и мисли, а јас треба да слушам и да избирам. Да си ги активирам сивите мозочни клетки, да правам ментална гимнастика, да паѓам и да застанувам простум. Така и беше. Така и е.

„Знам дека не можеше да дојдеш. Не грижи се! Има и друг ден, јас нема да избегам. И кога ќе ’избегам’, пак ќе сум тука. Хм! Ха,ха!“, со насмевка ми велеше не ретко кога поради бројни обврски некој ден ќе прескокнев да дојдам, откако тој не можеше да излегува. Откако левата нога и левата рака му откажаа послушност. Имаше денови кога тоа премногу тешко му паѓаше, ама имаше и такви кога умееше да се насмее и да се пошегува на своја сметка. Заедно се смеевме. Со смеењето од срце му олеснувавме на срцето.

„Да не ми се случи ова ќе немавте толку време да се дружиме. Во секое лошо има и нешто добро. Ма да, добро е што десната рака ми е слободна па можам да ја држам шолјата и цигарата. Вистина наизменично, но добро е“, велеше додека широката насмевка му се распослуваше по лицето. Потоа ќе ја помилуваше брадата и пак со насмевка ќе речеше дека сум се усовршила за берберин. Ха!

И јас се смеев дури и тогаш кога кнедлата од грлото ми се спушташе како снежна топка низ дишникот до белите дробови. Стегаше, а јас мисловно ги кинев синџирите.

Една деценија и секој ден преку мислите по нешто ми кажува. Годишнината од заминувањето кога не успеав да дојдам и да пиеме кафе, да исчуриме по две-три, немоќта да не ја претворам во лутина, бес, револт, ме сети на една наша расправија кога за секој од мене постар, макар и пет години, велев дека е старец.

„Младоста, ах, младоста! Брзо поминува, ама кај тебе тоа тешко оди. Се прпелкаш како млада кокошка во пепел и не се „даваш“, се до еден ден кога ќе сфатиш дека и ти си возрасна, повозрасна од другите. Особено од твоите деца. Не вели пежоративно старци, вакви или онакви. Туку, искуството и мудроста доаѓаат со возраста. Млад човек е енергичен, но неискусен. Ете, нашиот претседател да не беше искусен кога се распаѓаше СФРЈ кој знае како ќе поминевме! Мала државичка сме, а многу разединетост меѓу луѓето. Не знам како ќе биде по него, но ако наредните водачи бидат млади, а немаат ’старец’ покрај нив од тука, ќе мораат да слушаат туѓи ’старци’“…, блага насмевка му се појавуваше и исчезнуваше, додека јас си замислував дека иднината ќе биде подобра. Никако полоша, потешка. Така сакав.

„Како биде така, тогаш ќе му ја мислиме“, одговарав колку нешто да кажам, зашто не премногу ме допираа неговите зборови.

Еве денес му ја мислиме и никако да ја измислиме. Епа, не можев ниту да замислам, ниту во најтраорниот сон да сонам дека ќе бидам дома, без многу обврски, а нема да можам да одам барем на едно кафе и една цигара. Со голтките кафе да премотам грст мисли. Меѓу прстите да префрлам зборови, расправии и опростувања. Насмевки и прегратки.

„Не грижи се, ова ќе помине, ама новото време ќе донесе и ново, непознато бреме. Кој ќе преживее на овој свет ќе раскажува како било, кој не успее, таква му била судбината. Тоа е животот!“, како да ги слушам неговите зборови исполнети со утеха. Обоени со трпение за неправдите. Изречени со блага насмевка додека низ усната шуплина се разлеваат млаки голтки кафе, а чадот од цигарата се заплеткува во дишникот.

Денеска испив три кафиња. Триесетина пати се закашлав, по половина за двајцата. Низ главата ми татни „судбина“ и напати се насмевнувам.

„Низ векови човештвото минало низ многу искушенија. Можеби ова е најтешкото, ама во ова време и луѓето се поинакви. Немаат храброст, ако зад грбот не им стои некоја заштита. Немаат љубов, ако немаат интерес. Немаат добрина, а оптоварени се со завист и љубомора. Ненаситни станаа за материјалните богатства. Ќе го плаќа цехот човештвото оти не живее живот, ами импровизира“, ми вели мојата нова познајничка. Тивка и богоугодна, напоменувајќи дека и во ова сулудо време треба да ја негуваме добрината. Таа секогаш победува.

„Како Фаучи ветерот и благото Сонце. Ха,ха!“, се смеам и ја прашувам знае ли за нивниот облог.
„Ха,ха! Знам,знам. Токму така.Сонцето го победило Ветерот иако тој бил многу силен. Како ти текна?“, ме прашува, а јас како од топ и одговарам дека тоа ми е од моите мудреци. Од таквите кои што не само што природно ги губиме, туку и неприродно некој „добронамерно“ сака да ги уништи.
„Сака, но нема да може!“, ме охрабрува таа.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *