Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Тајните на подрумот

По една година од зафатеното светско лудило се сетив дека само кус период го набљудував од мојата мансарда. Од неа видов она што не очекував дека ќе го видам. И она за што тешко можев да го споделувам со тие што не го виделе. Така си одлучив виденото „лудило“ да го оставам во „подрум“.

Не долго време од тогаш се посилниот и опсесивен сомнеж зачести со туркање по скалите кон подрумот. Во тој полузатемнет простор со два на три квадрати скоро секој ден лека- полека пребарувам по полиците. Понекогаш ќе подзастанам, ќе се заџарам во нешто, замислено ќе ги протријам очите и ќе продолжам. На почетокот на моето подрумско талкање сфатив дека некогаш многу битни работи, по наша одлука анахрони, сме ги оставиле во подрумот. Не сме ги фрлиле на буниште, туку сме ги затскриле од нас самите, па и од најблиските ни. Така прекриени со ќилим исткаен од премногу прав во повеќе сиви нијанси, ги чуваме за „не дај Боже!“.

Кога немам многу паметна или било која попаметна работа, времето можам да си го трошам во превртување на бележниците од некој дел од минатото. Така ги превртувам старите дневници во кои некогаш биле бележени реченици за нешто да остане незаборавено. Тетратки со испишани страници од прва до последна. Некакви лекции. Учебници со полураспаднати корици и по некој одлепен лист. Пакетчиња со писма од луѓе од далечина. Сега веќе и временска, не само просторна. Роденденски подароци од некои веќе загубени и заборавени пријатели. Разни дребулии кои раскажуваат. Незапирливо потпевнуваат, чинам како да се живи. Како тогаш, а ете точно знам кога било тоа сегашно тогаш…

При секој допир и оставените траги од прстите на тие предмети ми топоти прашањето зошто копам во не многу осветлената мала, а преполна просторија. Наизглед толку мала, а како во неа да се сместил цел еден живот. И зошто не оставам се за некоја друга прилика, а сега да се вратам на мансардата. Од осветлената мансарда треба сонцето да ме радува, да ми ги топли коските, да влева надеж,… А јата птици да ме потсеќаат дека слободата е неограничена, иако немам крилја. Хм! Кој вели тоа?!

Слободата е слободна само во подрумот, оти таму можам да голтам прашина додека го откривам сјајот на минатото. Да пребирам по него и да го одбирам само она на што ќе се насмевнам. Ќе ме облева пријатна топлина. Ќе ги оживувам миговите. Можам гласно да се смеам и никој да не сети дека се смеам себеси. Дури и да си се потсмевам. Да пцујам, охо хо, а никој да не се навреди. Па и да не се исплаши во помислата дека ми се измешале нишките во умот. Можам да липам. Да плачам гласно и сиот гнев, тага, бес, лутина, мака, да ги истурам, а тие пресретнати од летечкиот сив ќилим набргу да станат невидливи. Што ти е подрум! Ха!

Во подруми се чувале многу тајни документи за некои особено важни работи. Таму се сокривале и луѓе бегајќи од дневната светлина и од оние што ги прогонувале. Во подруми започнувале многу подоцна славни музички бендови. Во подруми и некои почетници сликари ги создавале своите први дела. Во подруми се сокривале и љубовници, ама и многу зависници од пороци. Тинејџери со првите цигари. Од подруми пак, на виделина по одредено време излегувала и вистината за некого, за нешто, за правдината,…

Подруми се засолништа и од природни или воени катастрофи. Во подруми се складира вино,ракија,зимница, храна. Во подрум има се за „не дај Боже!“, па дури и за забава, тихување, самување. Подрумот може да биде и слобода за некое извесно време. Вкопан најмалку до половина в земја подрумот веројатно може да ја апсорбира негативната енергија и како што мене, на пример, на мансарда ме враќа со насмевка.

Во ерата на демократијата што по аналогија би било и слобода на мислата,на говорот, на различноста, подрумите и бункерите прераснаа и во погодни места од кои излегува светлината. Блеска, блеска, само уште недоволно е видена. Или занемарена. Сепак, од некаде треба да се почне, а почетокот е од семето и неговото ртење во земјата или водата. Или? Круг. Хм!

Како и да е, подрумот ми шепоти дека се е мој избор. И Севишниот така вели. Или не? Ха!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и четири книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романите „Ликот во огледалото“ и “Молчи и танцувај”.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *