Топлата и спарна августовска квечерина тивко навестуваше дожд. Можеби и грмотевици или олуја. Сакав да не ме обременува мислата за движењето на облаците на небото над мојот град. Во тоа ми помогна и внукот кој со насмевка беше подготвен да не придружува мајка му и мене до Спомен костурницата. Со опрема наметната од состојбата, особено јас, бидејќи некако спонтано се изолирав и од познати, уште повеќе од непознати, тргнав да го пробивам мразот.
Високите дрвореди и миризбата од зимзелената шума на Споменикот на паднатите борци од НОБ уште еднаш потврдија дека се лек за зачмаените бели дробови. На платото со широка насмевка, облечена во бело, ни тргна во пресрет харизматичната и прекрасната Јасмина, ширејќи ги рацете за забранетата прегратка, наеднаш пружајќи ни ја топлата десница. Антон немаше дилема за поздравување. А потоа и со сите останати чии што лица не беа прекриени со маски. Ја испочитува и насмеаната полицајка Вики, а тупаница му пружи на маскираниот и колега. Ха!
Во својот трииполгодишен живот Антон научи називи на многу дрвја, цвеќиња, кучиња, мачки. Имињата на луѓето ги памети по тоа што му кажале, детски оценувајќи кој е добар,а кој не е. Јасмин гледавме и мирисавме покрај ограда на еден од цветните дворови при една од бројните наши прошетки низ населбата. – Што значи јасмин? Зошто се вика така?, ме праша додека не можев да го оттргнам од цвеќето.
– Јасмин е цвеќе на доброто расположение, на надежта и радоста. Тој е крал на цвеќето, како што нашите рози се кралици, одговарав очекувајќи дека ќе ја задоволам неговата љубопитност. Ама не, тој продолжуваше со детската љубопитност, како што е, дали од овој цвет и од листовите се прави чај, дали имам парфем со мирис на јасмин, зошто го немаме во нашата градина, во саксија. Ха!
А оваа, штотуку запознаена Јасмина сосема соодветно го носи името од цветот. Ако стручњаците за ароматерапијата велат дека јасмин сивиот ден го претвора во карневал, и иако овие тврдења наликуваат на луцидни, познато ни е дека мирисот, како и музиката можат да не орасположат и да ни влеат задоволство и самодоверба. И веројатно не случајно Јасмина го носи духот на убавината, на човечноста, на надежта дека и она што ни изгледа невозможно стамено го најавува како реално и остварливо.
Едночасовното предавање го започна точно на време, без познатите „академски“ петнаесет минути за оправдано доцнење, незапирливо и со еднаква интонација зборуваше за средновековната црковна архитектура во денешна Македонија. При тоа не осврнувајќи се на молњите, а потоа и на грмотевиците над градот, кои навестуваа невреме. Не запре ниту трпеливо да разговара со секој љубопитен посетител кој со устата и носот под маската се обидуваше да биде разбирлив.
За моја среќа, од времето на „пландемијата“ во мојата меморија ќе останат запишани и сликарот и Даскалот. Во Манастирот Свето Преображение над Крушево, на илјада и седумстотини метри надморска височина, искачен на скела неуморно од рано наутро до два часа пред полноќ, со тивка духовна музика, белите ѕидови ги фрескоживописува сликар од бугарскиот Благоевград. Не сакајќи да ја нарушиме тишината во овој духовен храм, вториот овоземен дом на незаборавниот ни Тоше, освен поздрав и движење со лесни чекори, се обидувавме да не му го нарушуваме вниманието. Ама не, тој својата топлина и чест што токму нему му припаднала, како што рече, со божја промисла, не покани да се искачиме по скалата и да видиме што насликал.
А потоа, расположен да сподели нешто од оваа неслучајна случајност, раскажа дека кога како турист со сопругата првпат го посетил овој духовен храм со остатоци од 12-от век си помислил дека белите ѕидови треба да се исполнат со фрески.
– Божји наум е како токму мене ми припадна да оставам своја трага тука. Имам син, па нека е жив и здрав, нека го посетува Манастирот и нека му оддава почит на Тоше. Не се најважни парите. Ова го работам со некоја особена вдахновеност, рече сликарот не прекинувајќи ја работата.
На излегување од дворот на Манастирот бавно и со подзапирање шетавме со погледот де кон Манастирот, де кон сликата на Тоше. Речиси и да не забележавме кога пред нас се појави бел стар „голф“, од кој со насмевка и со мелодичен глас не поздрави белокос човек со насмевка.
– Бевте во Манастирот? Како ви изгледа? Не потпраша додека ние малку збунето одговаравме и се џаревме во непознатиот кој наликува на младото момче од сликата.
– Јас сум Даскалот, така овдека сите ме знаат. Чичко му на Тоше. Прашајте што ве интересира. Љубезно и со несимната насмевка од лицето ни се обрати непознатиот. Прашувавме внимателно за да не ја извалкаме чистотијата на душата, а тој искрено со свежи сеќавања како да било вчера раскажуваше од првото доаѓање на Тоше тука, на негова седумгодишна возраст.
– Се смеевме со татко му кога играјќи си со количка, ни рече дека ќе изгради крст висок триесет и три метри. Толку колку што имал Исус кога починал,… Тоше започна, а ние и покрај сите пречки настојуваме да го извршиме она што тој го започна,… Многу луѓе помагаат со доброволни донации, главно остануваат анонимни. Сега малку посетители има од странство, ама ќе заврши ова со короната. Ние во семејството сме биле на нозе, па сме паѓале на глава, тоа е животот. Власи сме и не се предаваме, заврши Даскалот, извинувајќи се што не задржал при тоа не симнувајќи ја насмевката од лицето.
Иднината преку децата може да мириса на јасмин, зошто да не, ха!
(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)