Бубрег пресаден од генетски модифицирана свиња функционирал во телото на пациентот 271 ден, што е најдолгиот досега забележан период, соопштија американски лекари
Тим Ендрус изјави дека трансплантацијата му дала „надеж“ и му овозможила со месеци да не оди во болница на дијализа, односно филтрирање на крвта со помош на апарат.
Тимот од болницата Mass General Brigham наведува дека нивната работа покажува оти свинските органи би можеле да послужат како своевиден „мост“ додека пациентот чека да му стане достапен човечки орган за трансплантација, пренесува BBC.
Сепак, свинскиот бубрег на крајот престанал да функционира и морал да биде отстранет. Ендрус потоа кратко време повторно бил на дијализа, сè додека не бил пронајден соодветен донор.
Лекарите и научниците ја истражуваат ксенотрансплантацијата, односно користењето органи од други видови, поради недостигот на човечки органи за трансплантација.
Во САД околу 100.000 луѓе чекаат на трансплантација на бубрег, додека годишно се изведуваат само околу 25.000 такви трансплантации. Во Велика Британија, на листата за чекање за бубрег има повеќе од 7.000 луѓе. На Ендрус му било кажано дека би можел да чека дури седум години за да дојде на ред, додека луѓето на дијализа во просек живеат околу пет години.
„Имав малку време… Тоа станува многу депресивно“, рече тој.
Идејата за трансплантација на свински бубрег ја опиша како „надеж“ и „светло на крајот од тунелот“.
„Надежта е најважна, шансата да се ослободите од апаратот за дијализа и да си го живеете животот.“

Генетски модифицирани свињи
Свињите се сметаат за идеални животни за ксенотрансплантација. Нивните органи се приближно со соодветна големина, а луѓето имаат и долгогодишно искуство во нивното одгледување.
Сепак, не е можно едноставно да се земе бубрег од обична свиња и да се пресади кај човек. Човечкиот организам веднаш би го препознал органот како туѓо тело и би активирал силен имунолошки одговор кој би го уништил бубрегот.
Поради тоа, истражувачите развиле минијатурни јукатански свињи кај кои се направени 69 генетски модификации со цел нивните органи да бидат посоодветни за човечкиот организам.
Со овие промени се отстрануваат одредени карактеристики на свинските клетки кои човечкиот имунолошки систем ги препознава и ги напаѓа.
Се додава и дел од човечката ДНК кој помага свинското ткиво да биде помалку забележливо за имунолошкиот систем, додека со дополнителни промени се деактивираат вирусите скриени во свинската ДНК за да се спречат инфекции.
Ендрус имал терминална фаза на бубрежна болест како последица на дијабетес тип 2, поради што неговите бубрези откажувале. Тој имал 66 години кога на 25 јануари 2025 година му била извршена ксенотрансплантација.
Според податоците објавени во медицинското списание „The Lancet“, пресадениот свински бубрег почнал веднаш да функционира.
Бубрегот функционирал 271 ден, сè додека не бил отстранет во октомври истата година. Ендрус потоа 82 дена бил на дијализа, пред во јануари годинава да му биде пресаден бубрег од човечки донор. Тој орган засега функционира добро.
Докторот Леонардо Риела од Центарот за трансплантациски науки при болницата Mass General Brigham рече дека недостигот на органи за трансплантација претставува „криза“.
„Напорно работиме за да им дадеме надеж на пациентите и навистина веруваме дека ксенотрансплантацијата може да биде алтернатива за пациентите кои немаат жив донор, при што потенцијално би можеле да избегнат дијализа додека не добијат орган за трансплантација“, рече тој.
Зошто свинскиот бубрег почнал да откажува?
Постоеле рани знаци дека имунолошкиот систем на Ендрус го отфрла органот, но тоа било успешно ставено под контрола со приспособување на терапијата.
Меѓутоа, по околу шест месеци крвните садови во бубрегот почнале да се оштетуваат, органот се воспалил, а потоа почнал да откажува.
Сè уште не е целосно јасно зошто се случило тоа, бидејќи немало знаци дека антителата го напаѓаат свинскиот бубрег.
Лекарите во трудот објавен во списанието „The Lancet“ заклучиле дека овој случај ги покажува и потенцијалот и предизвиците кои сè уште постојат кога станува збор за клиничката ксенотрансплантација на бубрези.