Српската пејачка Сека Алексиќ го воодушеви регионот со еден великодушен гест – ѝ беше придружба на една полуматурантка од Врбас, откако нејзините соученици со месеци ѝ вршеле врсничко насилство и ја дискриминирале врз основа на нејзината етничка припадност.
Минатиот месец, српските медиуми известија за овој случај во основното училиште „Петар Петровиќ Његош“, каде група ученици од осмо одделение ѝ подариле бакарна жица на своја соученичка од ромска припадност и ѝ рекле: „Твоите секако собираат бакар, па да придонесеме“. Исто така, момчето кое требало да ѝ биде партнер на прославата ја одбил поради слична причина.
Тогаш Алексиќ се огласи на Твитер и напиша „Еве, јас ќе одам со неа на полуматура. Каде е тоа девојче?“.
Вчера пејачката го исполни ветувањето и пристигна во домот на дискриминираното девојче, заедно со актерите Амар Мешиќ и Стеван Пиале. Потоа сите заедно отишле на полуматурската прослава и ѝ го разубавиле денот на малата Миа.
„Ние возрасните паднавме на испитот. Миа отиде на полуматура со другарите, можеме само да се надеваме дека децата ќе бидат многу подобри луѓе отколку што сме ние. Стоп на насилството“, напиша Алексиќ на Твитер.