Секогаш во предновогодишна атмосфера ги гледам толпите мажи како се мачат во парфимериите за да изберат некаков подарок за сопругите со кој, залудно ама упорно („т’пи, ама упорити…”), се надеваат дека барем малку ќе ги обелат дамките од целогодишните изневерени очекувања на поубавите им половини, и си терам мајтап со балканските мачомени.
Ама, ми навираат и спомени од предновогодишните атмосфери пред безмалу три децении, кога дома се китеа елки, а ние како загари трчавме по слободните девојчиња, дури и по оние кои во текот на годината не би ги ни погледнале, само за да не ни се случи резил: да одиме на „чекање” како тек.
И, сè некако, во ноздрите, како да го чувствувам мирисот на лосионот сосе едрото, што го стававме после бричење (всушност, освен Ѕверот кој кутриот, во војска се бричеше и навечер, за наутро да има време за финално л’снување, главно ја деревме мовта од лицата, само за да имаме причина за афтершејвот). И ми се враќа филмот во времето, кога татко му на Ѕверот, му ги донесуваше шишенцата од Холандија како некој „торбар” од Дивиот Запад, а ние како и луди и збунети Индијанци, го чекавме и му се радувавме на „еликсирот од змиско масло”, со кој ќе ги скршиме срцата на девојките од сите скопски гимназии, за оние од економските, дума да нема… Море, се сеќавам на вечерите кога пареата на Олд Спајс околу мојата бушава глава, ме правеше посигурен, додека застанат во редот на многуте копуци без „стална женска” (особено во неделите кога двете еднојајчани сокласнички си имаа дечковци, а другите девојки од класот ми беа лути поради некоја тинејџерска глупост), со нај-мачо поглед, демек, горделив ама и благо натажен, ги убедував непознатите осамени девојчиња, или дури и ретките, постари&почувствителни девојки, на релацијата Путник – Таверна, да влезам со нив во диско. Чисто за да не морам (најчесто безуспешно) да го молам до заоѓање Каратистот, да ме пушти барем последните пол саат пред „полицискиот час” на поголемиот дел од женската популација…
Еееееј, а саканата ми поубава половина, денес не може да сфати – зошто покрај толку парфеми достапни на фришоповите на секое патување, јас купувам Олд Спајс „мејд фром” Санџак или Арачиново, сеедно, се капам во него и сè поцимолкаво сум расположен. Море и со Брут и со Деним, се „прскам”, и секој ден, одејќи до работа по истата петочна и саботна релација од гимназиските денови, ми шумоли во ушите она морничавото, а демек, крајно незаинтересирано: „Женскаааааа, може да влезам со тебе?”. С’што, ама не е исто.
Па, сакал-нејќел, правејќи списоци на подароци кои кои ќе се обидувам да ги избледнувам петната и дамките создадени со моите целогодишни утки, се сеќавам и на „шпикуваните” возови со кафе и детерџенти и на смрдливиот пазар во Трст на кој, воспитувани во ОНО&ДСЗ – дух, ги криевме скапите црвени пасоши во гаќи и купувавме фармерки (стриктно: Левис, Рифле и Фиеруџи – комбинезони). И секако, на сопатниците&сопаталци, врањски Роми, со чија песна не ги забележувавме ни гнасните седишта и купеа, ни десетиците часови еднолично чукање на тркалата…
Ни стравот, како кога конечно ги фатија Браќата, кои редовно си крадеа од тезгите (принцип: едниот ја зазборува продавачката, обѕирајќи се кон големото огледало – камерите не беа измислени – а другиот, наведнат над тезгата, демек пребира, а со другата рака тегне фармерки за ногавиците, спуштајќи ги во отворената торба меѓу нозете), и толку ги изгазија од ќотек, што помладиот од нив, на регрутација не „помина”, поради проблеми со бубрезите… Си спомнувам за времињата кога шверцувавме, не толку за пари, колку – за да бидеме главни во гимназија и во маало. Онака, чисто романтичарски, меѓу рециталите, литературните вечери, СВОЗ-вежбите и носењата Штафета, земавме боледување секој втор петок, за по целодневно акање со воз, да испиеме кафе на истиот смрдлив – ама, капиталистички – пазар, и да купиме по некое рало фармерки, со чие шиткање, ќе му конкурираме на Бушавиот, кој на големите одмори се перчеше со Марлборо, украдено од татко му-директорот, а претходно испратено како поздрав од некојси вазелин-претставник во Источна Европа. (Дигресија: Татко ми, спасувајќи ги братството&единството и комунизмот, никогаш и не знаеше дека цел викенд сум во странство – „спиев кај другар” – а јас, денес се мислам и кога син ми, сосе баба му, оди до Врање, ’бати времето… )
Шверцери-романтичари?! Па, да…! А не, како во годините подоцна, кога некои нови копиљаци јадеа грчки чоколади и африкански банани, а ние, официјално, кај Јарузелски купувавме гедори, кожни ракавици и крзненца за околу врат (сељачиштата и карики за трактор), а всушност, се убивавме од пат и мрзневме како кучиња, за по кило Вегета и шише Цезар, да се будиме во постелите на збрчканите мајки на младите госпоѓи-ескортки, кои претходно на уво ни го пееја Тевје и по 40 пати на ноќ… Или, сигурно – не, како во годините, уште подоцна, кога како единствен невозач, додека другите спиеја, морав да ломотам цела ноќ, да му палам цигари и да му сипувам кафе од термос, на младиот преобразен комунист со надежна иднина како социјалдемократ, за додека вози, да не го фати дремка и да не скршне од линијата. Онаа доооолгата и права, на унгарскиот автопат кон Австрија, за во Виена да си купиме по четири видео-рекордери на секое одење – на секој пасош по еден… (Дигресија: На едниот таков „виенски” диктафон, купен патем, работејќи за три редакции потоа, снимив едно 3-400 интервјуа. Е, тоа беше техника, кога и Запад беше Запад, а не сега, кога Запад ни се Романија&Бугарија…)
И каде и да патувам, иако сè поретко и поретко, на граничните премини обично ми текнува на насолзените очи на Цвикерот, со смк’нати фармерки до глуждовите, и на менувањето на намуртеното лице на цариникот во широка насмевка, па во громогласна смеа, откако сфати дека дебелите бутови на шверцерот-почетник си се природни и дека нема облечено неколку рала фармерки едни врз други… Или, на Кумот, кога поткупуваше полска цариничка со најлон-чорапи, кои, откако таа широкоградо го пропушти без да му ја проверува торбата, со движење на искусен кибритџија („бржа рука од ока”), пак си ги врати во торбата. Или…
Ќе да е до празниците, што сум олку распекмезен. Не, до зачинот ќе да е… Ај, да не бидам ептен мрсулко и да тврдам дека откако сè стана некако блуткаво и крајно невкусно, останаа само зачинетите сеќавања, ама…
(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.