Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Прикаски за големите и малите луѓе од големите и малите маала

Кога на почетокот на 2004-тата, се договаравме со колешките да почнам да соработувам во „Семеен Магазин“, како редовен колумнист, најпрвин не ми беше најјасно, што да пишувам во месечник што пред сè, го читаат жени. Нели, како фундаменти и души на секое семејство. Разговарајќи со уредничката, за да ми се расчисти што се бара од мене, дојдовме до заклучок дека можеби би било интересно – во магазинот да имаат и еден балканско-машки став. За сè, освен за политиката. Од која сме сите отруени. И така, за да избегам од политиката, за која сакал-нејќел, морав секојдневно да пишувам и известувам, за корка леб&кригла пиво, почнав да лицитирам…
Спортот не беше и не е за широки женски читателски маси, а и јас нешто не помнам кога последен пат ме заинтригирал некој натпревар без навивачка тепачка и полициски десант; хортикултурата и базените или внатрешното уредување на живеалиштата сосе спуштените плафони и вградените камини – се, најблаго речено, навредлива тема за еден кирајџија со 15-годишен стаж; кулинарството ми беше и е – посилна страна, ама како конзумент, а не како теоретичар и рецепт-мајстор; оперисан и бев и сум од модата и трендовите („тексас&старки” – засекогаш); домашните ракотворби ми одеа и одат на ганглии, речиси колку и домашните галеничиња; од диети&здрав живот бегав и бегам како од зараза, репортажите беа и се – по дифолт исклучени, оти за егзотични патувања во странство сум патриот до балчак, ем џебовите ми се ептен – новинарски; за љубовни приказни и бев и сум – Балканец во срцевина…
Така, решив да ја баталам класичната колумна. И да се обидам секојдневно колку е можно повеќе да муабетам, да забележувам и да се сеќавам на поубавите маалски времиња. И да ги споредувам со денешниве, на кои, како сме тргнале, по само некоја година патетично ќе се сеќаваме – како на прекрасни стари времиња… Се откажав од колумната и почнав да го раскажувам сето она што ми (ни) се случува. Едноставно, (како и секој новинар, демек, прононсиран ѕиркач и прислушкувач на околината) станав само пишувач и запишувач на збиднувањата во кои учествуваат оние обичните, простосмртните, жителите на нашите маала. (Оние, кои „советниците” од странство почнаа да ги учат и како да живеат и како да се сакаат, токму тормозејќи им ја и саканата фраза за „нашите маала”). И пишував за моите блиски и далечни сопаталци, со кои катадневно го арчам животецот на Случаен Минувач. За големите луѓе од малите маала. Прикаски. Од сè срце…

Фото: „Забранети мечти“ – Андреј Гиновски

Како постземјотресно дете, на свет сум дојден во „Плавата” кула, една од трите близначки, онаа до Полицијата, во најбавото за мене големо „маало”, всушност огромниот триаголник меѓу Театарот, Универзална и Паркот, во Градот на солидарноста. Во кулата, моите среќни родители&сестра ми, се преселиле од блиското Дебар Маало (во кое, поради комшиското Музичко училиште, на татко ми му се родила идејата дека син му ќе свири виолина, што, за жал, остана една од многуте негови неостварени желби во поглед на мојата светла иднина), но јас, таа преселба не ја помнам, од оправдани причини. Иако, за НИВНОТО маало во кое тогаш младите, мои родители, ги греела љубовта и без централно греење, слушав со години потоа, МОЕ маало беше и си остана она омеѓеното со Болницата, Факултетите, Зоолошката градина, Киното и Партизанска… (Добро, можеби и онаа улица кај кумовите во Ѓорче Петров, на која секоја година, го минував најубавиот период од годината – по училиштето, а пред летувањето со родителите, ама тоа му доаѓаше како дел од ваканцијата…)
Затоа, кога пред повеќе од четврт век, родителите жизнерадосно ми соопштија дека ќе се селиме во нов стан, не можев да ја сокријам лутината и тагата заради напуштањето на сопственото детство, распослано на границата меѓу првите два Карпоша. И подоцна, како никогаш вистински да не запознав никого во новото маало со нови автомобили на паркингот пред зградите, секојдевно враќајќи се во старото маало, кое, за жал, како едноставно не беше истото. Ама ме влечеше…
А кога, по уште десетина години, поубавата ми половина ме убедуваше дека ќе живееме и на гранка ако треба, од чиста љубов, нели, како вистински скопски мачо, видов-невидов, ја послушав. И, без жал и некое особено чувство кон сега веќе застареното ново маало, во кое ми останаа родителите, ние двајцата, загреани тргнавме на кирајџиската турнеја низ скопските маала. И со секоја преселба (а сите ги мразев од дното на душата), се откорнував уште незакрепостен, и ги менував комшиите, пиљарите, навиките, кафеаните… И пишував за нив. За сите нив… Ламентирајќи за проекциите во Киното и за маалската Кафеана, во која доаѓаа на починка и на Чашкомет и нашите родители, и постари браќа, и ние, години по нив… И лека-полека сфаќав, дека во сите скопски маала живеат истите луѓе. Маалски. Оние ликови кои залудно се обидував доволно успешно да ги пресликам и доловам во своите раскази. Бабата Шпионка, Мутлето, Поштарот, Кондураџијата, Љубовџиката, Пиљарот, Стари Алишта За Пластични Вангли, Полицаецот, Чистачката, Таткото Пијаница, Ученичката, Комарџијата, Разведената, Келнерката… Оние наши ликови, кои сите ние неизмерно ги сакаме и мразиме. Со кои живееме. Сите тие, иако директно можеби и неспомнати, се милјето во кое се одвиваат прикаските.

Затоа моите „Маалски прикаски“, не се колумни ни раскази, туку, само и само, прикаски. Мали. За маалата и сите „маалски”. Жители. Мои, наши, најверојатно сосема свои луѓе, ама сепак, „маалски”. Колку да се знае дека маалата биле и ќе бидат наши.
И ќе ни припаѓаат нам, на обичните, маалски луѓе.

(2007)

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – подолго од три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *