Сутерен.мк

Снежана Сани Богдановска: Младоста е убава, но зрелоста е прекрасна!

Пред кусо време ја сликав својата последна фотосесија во која се промовираше нова колекција за чанти и чевли. Јас на свои 60 години во друштво со „стандардна“ моделка од 20-тина години. Не случајно, и не поради кобајаги фактот „се уште изгледам добро“ туку намерната идеја за апотеоза на возраста (фотографиите со намера едвај се дотерувани).  Мошне мудро осмислена рекламна кампања која треба да им порача на купувачите: ова се производи кои подеднакво добро им стојат на сите жени, во сите возрасти! Нешто што е тенденција веќе подолго време во глобалната модна индустрија а кое особено се засили пред некоја година со враќање на супермоделите од 80‘-те, на кое ете, некој се сети и кај нас.

„Никој не е млад по 40-та година, но неодоливи можеме да бидеме секогаш“ – ќе изјави легендарната дизајнерка Коко Шанел, која ја паметиме не само по трајниот белег во модата туку и по нејзините генијални совети за животот.

Колку вистинито е ова, покажува и тоа што сé повеќе станува јасно дека жените над 40 години го имаат својот момент токму сега. Како што обично бидува, тенденциите радикално се испревртуваат по одредени периоди на заситување, па иако филмот, модата и медиумската индустрија долго време ја форсираа младоста, сегашните нови тежнеења насекаде драматично ги рушат бариерите, но и предрасудите за зрелите дами. И додека многу од успешните жени најчесто избледнуваа во заборав како се доближуваа до својата петта деценија, овие денови оваа идеја добива нова димензија.

Со актуелното реоживување на успешните кариери во сé, од моден дизајн па до моделинг  (можно е, сé повеќе се форсираат модели во зрели години), одредената возраст сега се доживува како неважна или пак, можеби дури и како особено почитувана. Не случајно наметната да биде инспирирана од напливот на новиот тренд на едиторијали во кои се реактивираат супермоделите од 90-те како Синди Крафорд, Кристи Тарлингтон, Ел Мекферсон, Клаудија Шифер или актерките Памела Андерсон, Шерон Стоун и Моника Белучи, овие жени кои изгледаат подобро од било кога, стануваат примери за моќта на зрелата жена.

Затоа новиот слоган „40-те се новите 20-ти“ сé повеќе ќе се среќава низ медиумите како знаменосец на новото време. И не случајно, зошто младоста е убава, но зрелоста е прекрасна. Не се 40-те новите 20-ти, 30-ти, тие се подобро од тоа.

Затоа и е сосем јасно дека најновите случувања како доминантните природни изгледи на црвениот килим во Кан, истапувањата на Сара Џесика Паркер, па и на Кристина Ковач, и лавината на полемики кои ги повлекоа, не се случајност туку јасен одговор на презаситеноста од вештачките, карикатурални силиконски изгледи ала Ким Кардашијан кои предолго ги труеја младите (а богами и некои повозрасни) заблудени души.

Повеќе од јасно е дека овој бесмислен тренд (кој фино ја товеше бјути индустријата) е на изумирање и сега прашањето кое „живо“ ме интересира е: што ли ќе прават со изобличените лица и тела кога дефинитивно ќе станат демоде? А да се биде бајат во модата е најголем грев нели?

Да бидеме искрени, не постои жена која не посакува да биде привлечна, од векума. Сите жени сакаат да бидат убави, но под тоа најчесто се подразбира и млади. Но уште побрутално искрено е дека нема ништо попатетично од зрела жена која очајнички се обидува да го конзервира своето лице со силувачки методи и покрај сите завидливи и одушевувачки погледи на жените од страна (се ми се чини дека голем број на мажи не се особено одушевени од тој напор). Патем, психолозите тврдат дека причината зошто жените имаат негативен став кон сопствените години не е предизвикан од мажите туку токму од жените.

Современата култура е опседната со младоста. Но само оние кои стареат би можеле да се надеваат дека ги разоткриваат мистериите на постоењето. Без разлика колку и да сте интелигентни, кога сте млади сте по малку заблудени (општо место кое возрасните го потврдуваат преку сопствениот изоден пат). Едноставно, немате изживеано одредени искуства од кои се извлекуваат поуки и тогаш недостига мудрост која младоста ја компензира со енергија и решителност. Или според зборовите на Бенџамин Френклин: „на 20 години владее волјата, на 30 духовитоста, на 40 расудувањето“.

Еден ден сите ќе остареме, ако живееме доволно долго. Па иако повеќето од нас сакаат долг живот, никој не е одушевен од стареењето. Модерниот култ на младоста ни забрануваше (се досега) да изгледаме во склад со возраста. Дискриминаторскиот однос кон возраста како дел од културата во која живееме ги дели луѓето според генерацијата. Овој однос подмолно ги окупира нашите мисли а со тоа и ставови, така што сето се манифестира како нешто нормално и очекувано – се додека не го именуваме проблемот и гласно не му се спротивставиме.

(Авторката е во долгогодишен среќен брак со модата. Модел, моден новинар, некои ја нарекуваат критичар, но дефинитивно – аналитичар. Врската ја зацврстува со модна кореографија, проектно менаџирање, стајлинг и имиџ консалтинг.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *