Најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент нотира сериозна корупција во власта, отсуство на судска независност, напади врз новинари. Владата во извештајот чита напредок во многу области. За ВМРО-ДПМНЕ извештајот е доказ за нефункционален систем.
Корупцијата, политички притисоци врз судството, но и напади врз новинари и неказнивост се главните критики за состојбата на човековите права во Северна Македонија во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент.
Извештајот укажува дека Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност
„Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“, се наведува во извештајот.
Се потенцира дека минатата година се продолжени, но и завршени судења кои вклучуваат сериозна корупција, вклучително и против поранешни владини функционери. Тука се наведени пресудите во отсуство на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и пресудите на Сашо Мијалков и Јордан Камчев, но и нивниот престој во затворот од отворен тип во Струга.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во извештајот децидно се потенцирал напредокот во многу области и дека тоа треба да се сфати како охрабрување на реформите.
„Довербата во судството ќе се врати со реализацијата на процесот на ветинг, за кој е потребна поддршка од САД и ЕУ. Во меѓувреме, состојбите може да се превенираат со носење на законски решенија-Закон за конфискација на имот. Исто така, оваа состојба може да се надмине и со задолжителната електронска распределба на предмети во судовите и јавните обвинителства“, коментира Ковачевски во делот на забелешките за правосудството.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека извештајот покажува уназадување во сите области, а вината за лошата состојба ја лоцираат само кај СДСМ и ДУИ.
„Извештајот ја констатира владината корупција, за која алармираме постојано. Власта ги партизира и политизира институциите, а тоа е целосно префрлено и врз правосудството. Во делот на односот со медиумите исто така се гледа автократскиот карактер на власта. Низ извештајот провејува констатацијата на нефункционален систем, каде ниту една институција не функционира како што треба“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Стејт департментот ја потенцира корупцијата како еден од клучните проблеми во државата
„Владата останува најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи на граѓаните“, се наведува во извештајот .
Според меѓународната организација Транспарени интернејшнал, Македонија е на 85-то место (од 180 држави) со 40 индексни поени на Индексот на перцепција на корупција. Иако се бележи минимално подобрување од 2021 година, сепак нашата држава во 2022 година ја одбележаа големи корупциски скандали.
Закани и напади врз новинари
Во делот на слободата на изразување во извештајот се наведува дека според Здружението на новинари, Владата покажала недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во текот на годината имаше случаи на наводни закани и малтретирање на новинари, се наведува во извештајот.
Премиерот Ковачевски потсети дека со измените на Кривичниот законик усвоени во февруари 2023 година нападот врз новинар се третира како напад врз службено лице.
„Според измените на Кривичниот законик, за закани по живот кон медиумски работници, адвокати и здравствени работници, напаѓачите ќе одговараат со парична казна или со затворска казна до 6 месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност казната може да достигне и до една година затвор“, рече Ковачевски.
Во делот од извештајот за слободата на интернет, пак, во извештајот на Стејт департментот се вели дека Владата не го ограничува или нарушува пристапот до интернет и не цензурира онлајн содржини, а нема веродостојни информации дека се обидувала да ги следи приватните онлајн комуникации без соодветно законско овластување.
Инаку Македонија останува во групата „делумно слободни “ земји, и според рангирањето на организацијата „Фридом хаус“. Во најновиот извештај насловен „Слободата во светот 2023“, Македонија бележи напредок од еден индексен поен и има годишен индекс на слободата од 68 од можни 100 поени.
Условите во затворите – лош и нехуман однос кон затворениците
Извештајот укажува на „старите“ проблеми во затворите. На некои локации затворските услови беа сурови поради големата пренатрупаност, недостигот на храна и несоодветните санитарни услови, се вели во извештајот.
„Народниот правобранител забележа дека, генерално, властите ги прифатиле неговите препораки за подобрување на затворските услови, но не презеле доволно активности за нивно соодветно спроведување“, се вели во извештајот.
Од Владата велат дека се прават напори за подобрување на условите
„Во насока на надминување на состојбата со преполнетост на КПД Идризово особено во затворениот дел на установата информираме дека завршена е процедурата за одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски по што во почетокот на 2023 година се очекува да биде распишана постапка – јавна набавка за изградба на нови објекти во КПД Идризово“, велат од Владата.
Од Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа постојано бараат од властите во Македонија „конкретно дејствување“ за подобрување на условите во затворите. Народниот правобранител исто така редовно укажува дека здравствената заштита на затворениците е ургентно прашање.
Семејно насилство – постојан проблем во земјата
И семејното насилство е постојан проблем во Северна Македонија, се наведува во извештајот.
Од јануари до јуни, Министерството за труд регистрирало 662 преживеани од семејно насилство, од кои 463 се жени, а 83 деца. Извештајот нотира и злоупотреба на децата во одредени области. Јавните обвинителства примиле 625 кривични пријави поврзани со родово насилство, од кои 222 биле одбиени. Скопскиот Кривичен суд донесе одлука за 45 случаи на родово насилство, од кои 21 завршија со правосилни пресуди со условна осуда.
Освен тоа сексуалното вознемирување на жените на работното место е проблем, а жртвите генерално не покренуваа постапки поради страв од јавна осуда и можно губење на работата, пишува во извештајот.
Етничка и расна дискриминација – Ромите најпогодени
Ромите се најпогодени во областа на етничката дискриминација. Повикувајќи се на Канцеларијата на Народниот правобранител, во извештајот се вели дека Ромите останале недоволно застапени во државните и јавни институции, додека другите помали етнички заедници останале недоволно застапени на раководно ниво. Невладините организации и меѓународните експерти објавија дека работодавците често им ги оневозможувале на Ромите апликанти можности за работа, а некои Роми се жалеле на недостаток на пристап до јавните услуги и бенефиции. Комисијата за антидискриминација пријави најмалку три случаи на дискриминација на Ромите, од кои два се однесуваат на пристап до вода за пиење, а еден за сегрегација на ученици Роми во училиште.
Стејт департментот го потенцира и проблемот со насилство против ЛГБТ+ заедницата. Оттаму велат дека невладиниот сектор пријавил дека надлежните несоодветно ги истражувале и процесирале случаите со насилство кон оваа заедница.
Работнички права – принудна работа и трудова експлоатација
Владата и работодавачите не секогаш ја почитувале слободата на здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање, наведува извештајот.
„Има извештаи за трговија со луѓе за сексуална и трудова експлоатација. Имаше случаи кога жените и децата беа подложени на принудна работа и сексуална експлоатација. Некои деца Роми биле предмет на принудно питачење, најчесто од роднини“, наведува извештајот.
Оттаму потсетуваат дека иако работниците имаат законско право да ја напуштат работата ако го загрозува нивното здравје или безбедност без да биде загрозено нивното идно вработување, вработените не секогаш го користеле ова право, наводно поради страв од губење на работата и поради високата стапка на невработеност.