Граѓаните на сметките за електрична енергија од 1 јануари нема да го почувствуваат ниту зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти, бидејќи тоа ќе се компензира со намалување на трошокот за пренос и дистрибуција.
Цената на киловат потрошена струја по блокови ќе остане непроменета, тврдат нашите извори. Владата на денешната седница треба да ја утврди цената која ЕСМ ќе ја понуди на тендерот на ЕВН за снабдување со струја на домаќинствата и малите потрошувачи во следните шест месеци.
Досега државните електрани продаваа по субвенционирана цена од 48 евра. Дали таа ќе остане иста, министерот за економија Крешник Бектеши денеска не сакаше да открие, давајќи, како што рече, само насоки за тоа.
Бектеши тврди дека енергетскиот сектор во земјава е стабилен. Бројките покажуваат дека производството на струја во термоелектраните послените десеттина дена е зголемено, што се должи на вклучувањето на ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј. Од почетокот на неделава намалено е и купувањето струја, кое во првите два дена од неделава учествува со 5 отсто од вкупно потрошената електрична енергија, наспроти 30-те отсто од минатиот месец.
Како стабилна Бектеши ја оцени и состојбата со природен гас, сектор во кој од денеска двете компании ГАМА и НЕР се спојуваат во една. Првиот економист во земјава уверува дека новата компанија ќе биде многу поуспешна, профитабилна и ќе влијае на независноста на државата во снабдувањето со природен гас.