Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве го објави второто издание на романот „Суво мастило“ на македонскиот писател Владимир Илиевски.
Романот беше финалист за наградата „Роман на годината“ во 2021 година, а овој месец (февруари) е книга на месецот во акцијата на „Градската библиотека „Браќа Миладиноци“ во Скопје „Читаме современи македонски автори“.
Романот е посветен на Едуард Пенкала, пронаоѓачот на пенкалото и на уште многу други пронајдоци. Дејството на романот го опфаќа бурниот период на преминот меѓу XIX и XX век и се одвива во неколку средини во Европа (Битола, Дрезден, Загреб, Софија…). Животните патишта на хрватскиот инженер и пронаоѓач и на македонски чорбаџиски син, студент по музика во Дрезден, се сечат во временски, просторни и судбински точки. Тие точки отвораат моќни егзистенцијални прашалници кои не се поврзани само со времето и просторот, туку се и универзални.
Авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.
Главниот лик, односно еден од трите главни лика во романот е хрватскиот пронаоѓач Едуард Пенкала, кој патентирал околу 80 пронајдоци, меѓу кои и хемискиот молив, наречен по него – пенкало. Романот се одвива на три нивоа, односно со три приказни раскажани во прво лице еднина од аспект на трите главни лика.
Секој дел е приказна за себе, но истовремено приказна која ја дополнува и приказната на другите два главни лика. Се добива впечаток дека секој дел може да егзистира самостојно, но ако се погледне, од аспект на затворената целина на романот, јасно се заклучува дека секој дел има јасна позиција и функција во прозната композицијата, и структурална и наративна. Иако раскажувањето е во прво лице еднина, во нарацијата се среќаваат три раскажувачки гласови. На овој начин јас-раскажувачот е разбиен на три одвоени раскажувачки потстила и секој од нив се одликува со сопствени карактеристики.
Во раскажувачката постапка доминира хронолошкиот ред на настани, но тој ред наместа е прекршен. Со ваквата постапка, авторот умешно го дозира наративното темпо и, кога е потребно, ја зголемува динамиката на дејствието во романот.