Таткото на Фросина: Неказнивоста е тотален распад на општеството

Во Неготино денеска се одржа граѓански собир во знак на сочувство со родителите на трагично загинатата Фросина Кулакова, која завчера вечерта беше прегазена од 20-годишниот возач Васил Јованов. Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, порача вакво нешто да не се случи никому.

– Имаме ли неказнивост, се соочуваме со тотален распад во општеството и последиците ги живеат децата. Честитам за сенсот граѓански, не знам што планирате, дали ќе продолжувате. Мој совет ви е, доколку сакате да продолжите и доколку сакате вистински да стигнете до она што вие сте го зацртале, тогаш под број еден, никако немојте да дозволите да ставите која било политичка позадина. Движете се чисто како граѓански сектор и вашите ставови да не се исто така препознатливи дека се од некоја, една или друга политичка група. Ако така настапите, тогаш стварно ќе бидете едно здружение на граѓани за пример. А јас, од тој аспект гледано, од срце најискрено ви посакувам голем успех, рече Кулаков.

Граѓаните денеска излегоа на протест и на улицата Партизански одреди во Скопје, каде што 20-годишниот Васил Јованов завчера ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова.

Се оставаат цвеќиња и се палат свеќи крај фотографијата на Фросина, а демонстрантите носат транспаренти, на кои пишува: „Врските не враќаат човечки животи“, „Сите одиме кај ист судија, а таму има само една правда“, „Уште колку?“, „Не е несреќа, туку убиство“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *