Сутерен.мк

Тие, останатите

Имам момче кое е 15 години помладо од мене. Супер ни е се. Вљубени сме, се забавуваме, водењето љубов е лудница! Заеднио сме шест месеци. Живее кај мене и ептен е тоа добро. Тој е студент, а јас сум сериозна интелектуалка во општеството и малку ми е непријатно кога ќе не видат заедно моите колеги и пријатели. Потешко ми паѓа што понекогаш е површен. Постојано зборува за пари и богатење. Толку млад не би требало да е опседнат со материјалноста. Дали е тоа во ред?

Сирма, 40, Скопје

Сирма дарлинг, војвода не се станува со заведување пилиштарци! (Боже, боже жено, кога ќе ми текне колку мачна може да биде таа таканаречена младост, не би се вратила ни самата временски таму, а не пак да довлечкам некој таков во сегашниот ми живот?!)

Ај, настрана што ова не се вика љубов, туку забава и збудалени хормони, туку не ми е јасно на пример, како вие, како „сериозна интелектуалка“ го проголтувате секојдневниот негов вокабулар исполнет со фрази како „форевер алоун“, „хејтер“, „хипстер“, „фенси“, „даун“, „таг лајн“, „ватевр“, „игнор“, „на крајот на денот“… а секој трет збор му е менаџмент?

Или и вие си го „збогативте“ речникот? Не личи на образована средовечна жена никоја која спика како пубертетлиски сноб. Барем, не онаа која држи до себе.

Денешната младост нема врска со онаа од пред две децении. Повеќето од новиве шизици не сонуваат да бидат идниот Лешек Колаковски туку, Доналд Трамп. (Секоја втора тинејџерка, а ги има и од оние пред менопауза, фантазира дека е следната Ким Кардашијан!? Знаете која е таа, нели!? Една од оние калаштури кои порано беа на Зајчев рид, а сега се на телевизија.)

Актуелната младина не е лута, ниту бунтовна туку со дигитронот (паметниот телефон, де) в рака постојано калкулира колку гимнастиката со вас ќе и донесе валидни карактери во нејзината општа биографија.

Денешните адолесценти се банални шминкери кои не можат да се договорат дали на постерот е Максим Горки или Ниче.
На младоста по автоматизам и припаѓа светот, но не сум убедена дека оваа држава поседува заслужен процент на таква иднина. И, ако ги имаше, таквите оддамна си заминаа.

Доколку имате кондиција да го трошите црниот фонд на подигнување на градите, филери, ботокси, мачкање бутини со пудра за да ги камуфлирарте испуканите капилари, а дебелите мишки со неглиже на долги ракави и носите танга на омлитавениот задник, терајте.

Контра на ова, ваш врсник, не би имал ништо против германските мидер гаќи, кои ќе ве направат самоуверени. Секако, во случај да не и тој забеган по шмизли.
Како и да е, се надевам дека вие ќе го откачите пред тој да ве шутне за некоја свежа, безгрижна мома, која е убедена дека никогаш нема да има брчки и бели влакна.

Просто ви се чудам како успевате да одржите секојдневен контакт со таква возраст!? Младоста знае да биде толку здодевна…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *