Сутерен.мк

Нова типологизација на системите на пишување

Денеска во Македонската академија на науките и уметностите е промовирана научната студија „Типологија на писмото“ од д-р Игор Радев, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик.
За книгата, која е издание на „Македоника литера“, зборуваа академик Катица Ќулавкова и авторот.

„Типологија на писмото“ е компаративно и научно изведена студија за видовите писма во светот, историјата и развојот на писмата, но и за писмата како фактор на влијание во развојот на културните системи низ историјата на човештвото. Врз основа на прецизни методолошки рамки авторот нуди нова типологизација на системите на пишување што се користат во светот.

Книгата се состои од три главни дела: во првиот е образложен концептуалниот апарат врз којшто се темели методологијата применета за да се изврши класификација и типологизација на разните писма, односно, системи на пишување на повеќе рамништа; во вториот дел нуди решение од теоретска природа на проблемот на односот помеѓу типот на писмото и својствата на јазикот кодиран од него; во третиот дел, со помош на анализа на конкретни примери од историскиот развој на писмото, ја оценува валидноста на понудената теорија.

Игор Радев (1977) дипломирал класични јазици на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирал лингвистика и докторирал (доктор по кинеска филологија) во Пекинг, Народна Република Кина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *