Филмски сценарија

Мојата мајка е алкохоличарка. Пие стално и не бира ни место ни време. Татко ми брка други жени и не го обвинувам. Со таква жена што да се очекува друго од него!? Не дека се жалам, со мене се океј, не сум имал некои сериозни проблеми. Ми купуваат, ме тинтраат, мајка ми особено е наклонета мене, ме обожува, со другарите е океј, лекарка е и ја почитуваат.

Таа нејзина стална потпивнатост мене многу ми смета и сум и кажал, а таа вели дека немам право ништо да и префрлам. Ми вика дека не е моја работа и дека што сака ќе прави. Ме срами, а јас не знам како да ја убедам дека треба да се смени.

Марко, 22, Скопје

Марко дарлинг, еднаш и јас сонував сопруг да ми биде Пол Њумен, таксист Роберт Де Ниро, батлер Ентони Хопкинс, возач Морган Фримен, учител по пилотирање Мел Гибсон, газда Марлон Брандо, а шеф Клајв Овен.

Mечтаев притоа, швалер да ми биде Џек Николсон, бебиситерка на моите три деца Робин Вилијамс, другарки да ми се Сузан Сарандон и Џина Дејвис, да трачарам со Анџелика Хјустон и ручам со Мадона. Да флертувам со Хју Џекмен, а во мене смртно да е вљубен Даниел Дел Луис. Си замислував дури и дека мајка ми е Кети Бејтс, а татко Клинт Иствуд и дека еден ден ќе имам црн кокер шпаниел и мала куќа покрај вода во која ќе пишувам романи од калибарот на „Големиот Гетсби“.

За среќа, мојата биолошка мајка, гледајќи ме како и забегувам, на време ми рече – „дарлинг, ние сме во синдикатот на глупиот којот.“

Таа реченица ми овозможи да преживеам и кога беа минималните шанси за тоа. Синдикат е важна работа. Со или без којотот. Важно е дека има некој глуп. За жал, овде такви зборови се игнорираат. Како и „брзите птици – итрици“. И токму тие им доаѓаат до ак на големите глупи, брзи и итри којоти. Што ќе рече, ваква распрденост е „ту мач“.

Ајде сега, да земеме гајда мариовска и да ве жалиме зашто вие имате „мајка алкохоличарка“? Која ви пружила се, не ги занемарила своите обврски и уште поважно, ве сака и респектира, одржува каков – таков брак, ама нејзиниот имиџ, ич не одговара на вашиот беџ „најбољи дечко у долно маало“. (Кај долната река, улица, бурекџилница и бутик за долна облека увезена од Грчка.)

Познавам купишта луѓе кои се срамат од своите мајки затоа што тие се цицлести, провинцијалки, брадавичави, вулгарни, превисоки, шифуњерести, дебеловрати и дебелогазести, големоглави, неелоквентни, минорни, маргинални, дрчни и носат една иста облека четири сезони.

Не сум баш во тек, но ми се чини дека новиве генерации се пософистицирани, па повеќе им пречи мајка која е постојано на фризер, козметичар, на муабет со другарките на плоштад или фејсбук, купува ташни што чинат колку една цела просечна плата, постојано се притресува околу секоја климатска промена и не мие раце по користење на тоалетот, отколку некоја што потпивнува.

Немате никакво право и не е ваша работа што прави мајка ви, се додека тоа не го загрозува вашето егзистирање. Со вашите 22 години таа веќе нема ни морална обврска да ви се правда за било што.

Оставете го простаклукот што просто блика од вас и пуштете ја мајка ви да живее најдобро што умее. Лично, најнаклонета сум на луѓето што лебдат. Тие знаат дека долу нема ништо за нив, а горе се само чавките…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *