Епл мора да престане да го продава својот модел Ајфон 12 во Франција поради нивото на зрачење над прагот, изјави францускиот министер за дигитална економија Жан-Ноел Баро за весникот Ле Паризиен во интервју објавено вчера. Француското надзорно тело АНФР го информираше Епл за својата одлука да ја забрани продажбата на Ајфон 12 по тестовите
Тестовите покажаа дека специфичната стапка на апсорпција (САР) на паметниот телефон е малку повисока од законски дозволената, изјави министерот. Ројтерс побара коментар од Епл за одлуката, но не доби одговор.
Баро тврди дека ажурирање на софтверот би било доволно за да се решат проблемите со зрачењето поврзани со мобилниот, кој американската компанија го продава од 2020 година.
„Се очекува Епл да одговори во рок од две недели. Ако не одговори, јас сум подготвен да наредам повлекување на сите Ајфон 12 кои се во оптек. Правилото е исто за сите, вклучувајќи ги и дигиталните гиганти“, додаде тој. Европската унија постави безбедносни ограничувања за вредностите на САР поврзани со изложеноста на мобилни телефони.
Француското надзорно тело сега ќе ги проследи своите наоди до регулаторите во другите земји-членки на ЕУ. Во 2020 година, Франција ги прошири регулативите кои бараат од трговците да ја прикажуваат вредноста на зрачењето на производите, вклучувајќи ги таблетите и другите електронски уреди, на нивното пакување.