Сутерен.мк

Хонорарци за ништо од општина Кисела Вода земале по 90 000 денари

Општина Кисела Вода во континуитет ангажира лица преку приватни агенции за вработување, се констатира во ревизорскиот извештај, со препорака дека тоа може да се прави само во случаи кога треба замена за привремено отсутен работник. Во него се додава и дека во 2021 година се ангажирале лица со авторски договори, а ревизорите не можеле да најдат што тие правеле.

Ова се само дел од забелешките во делот на договорите за ангажирање лица, кои ги има во извештајот, додека на чело на Општината е првин Филип Темелковски, а по него и Орце Ѓорѓиевски. Авторски ангажираните лица земале од 12.000 до 89.000 денари.

„Некои од склучените авторски договори имаат предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи, кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување систематизација, план за организирање културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго)“, велат од Државната ревизија во извештајот.

Тие за авторските договори додаваат: „Од доставените извештаи на лицата што биле ангажирани со авторски договор утврдивме дека некои од нив воопшто не презеле активности во насока на креирање авторско дело во согласност со склучените договори (стручен труд) и дефиницијата утврдена во член 12 од Законот за авторското право и сродните права, туку тие презеле конкретни и повторливи дејства како работни задачи во рамките на општинската администрација и за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање така и во поглед на стручните квалификации и компетенции што би требало да ги поседуваат и не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и тие се движат од 12 до 89 илјади денари“.

Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека вкупниот број привремени вработени лица во 2021 година изнесувал 82, кои по месеци се движеле од 45 до 64.

„Отстапените лица од приватната агенција се ангажирани за вршење редовни работни задачи предвидени со правилникот за систематизација на работните места, а 30 од нив биле ангажирани континуирано за период подолг од две години.

Ваквиот начин на работење не е во согласност со член 24 од Законот за приватните агенции за вработување, кој предвидува во кои случаи агенцијата може да отстапи работник за вршење привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без прекин. 29 од вкупно ангажираните лица не ги исполнуваат потребните услови за образование утврдени во правилникот за систематизација на работните места, што не е во согласност со одредбите на член 19 од Законот за приватните агенции за вработување, каде што е наведено дека основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници, кои треба да бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавецот корисник, се истите оние услови што би се обезбедувале доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавец за извршување на истата работа“, се додава во ревизорскиот извештај.

Во него се посочува дека во ревизорскиот извештај се вршела проверка на работењето на Општината, и тоа додека градоначалници биле Филип Темелковски (до 26.10.2021 година) и Орце Ѓорѓиевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *