“Ние, Оливера Николова и јас, не сме од оние луѓе, кои велат дека литературата им е единствениот живот. Нам на прво, заедничко место ни се децата, нашиот брак, пријателите, па после пишувањето. Затоа и немало никогаш некој судир на суети и слично. Не сме го мистифицирале творештвото и тоа се покажа како добар рецепт да останеме толку долго заедно, во пријатна атмосфера.”
Цане Андреевски пишува поезија и проза за деца и возрасни, а работел и како новинар во “Пионерски весник”, “Млад борец” и со години во Радио Скопје. Автор е на голем број книги и добитник на многу награди. Меѓу последните негови творби се една прекрасно шарматна дидактичка книга за деца “Малата голема точка” и збирката хаику песни “Дождот”, што кај повеќето вљубеници во поезијата предизвика повеќе од пријатно “изненадување”. Тука некаде и би завршило формалното претставување на писателот Цане Андреевски.
За она, неформалното и нема премногу простор, но накусо, тоа би изгледало отприлика вака: г-динот Андреевски е еден пријатен и ненапорен соговорник. Тој, иако е “етикетиран” како писател за деца, е еден од ретките наши автори, чија љубовна поезија денешните блогери ја цитираат на интернет.
Сопруг е на писателката Оливера Николова и тоа што таа понекогаш е попопуларна од него, не му претставува проблем. Зашто, вели: “Ние не сме од оние луѓе, кои велат дека литературата им е единствениот живот. Нам на прво, заедничко место ни се децата, нашиот брак, пријателите, па после пишувањето. Затоа и немало никогаш некој судир на суети и слично. Не сме го мистифицирале творештвото и тоа се покажа како добар рецепт да останеме толку долго заедно, во пријатна атмосфера.”
Со Николова имаат ќерка и син, но живеат сами во бараката на скопско Водно, која изгледа така џиџано, што уште на прв поглед алудира дека тука живеат луѓе кои создаваат бајки. Меѓутоа, нејзините станари велат, дека секојдневието не им е приказна туку напротив, се справуваат со истите проблеми, како и останатиот народ од земјава. “Немојте сега за тоа.” вели, Андреевски. “Дајте, кажете некој рецепт за зимница, пинџур или за торта за внуката. Нешто практично.”
Така, ненаметливо ви селектира за што сака да разговара, а она за што сакаше, ви го пренесуваме. Како и уште една попатна информација дека писателот е роден во Кратово, на 10 јули, во 1930 година.
- Сê уште пишувате. Од каде ја црпите страста за творештво?
– Во текот на животот пишував бавно и не многу редовно, така што врутокот не е исцрпен докрај. Така јас се чувствувам. Независно од годините. Тоа што сега го пишувам сакам да не прозвучи изнасилено, туку да означува пројава на опфатеност од нешто во овој момент. Не би рекол дека тоа е страст за творештво. Ми се чини дека ми се туѓи таквите забегувања. Повеќе може да се рече, односно јас можам да речам, дека е убаво да се живее, и покрај сê, и покрај сê, и да се најде некое задоволство, некоја трогателна и творечка радост, кога ќе размислуваме за животот и кога ќе посакаме некои нешта да ги запишеме и да му ги соопштиме на некој друг.
А понатаму, здравје… Како кому му е пишано. Во одминати години убаво е да се чувствуваш и задоволен, а не само да ‘ржиш околу себе како некое папсано ѕверче…
- Последната книга ви е хаику поезија. Зошто хаику? Се “приклучувате” на модерни текови или…?
– Кај нас стана модерно. Точно. Но, хаику како поетска форма, како жанр, се негува одамна. Познато е дека таа е родена и најмногу се развила во Јапонија. Уште во почетокот на мојот интерес за поезијата, пред повеќе од педесет години, јас сум читал хаику поезија преведена на српски или бугарски јазик.
Во мојата свест е длабоко врежано името на јапонскиот поет од седумнаесеттиот век, Башо. Некои стихови и денеска ги паметам, иако тогаш не сум размислувал како некој теоретичар за самата форма. Ме пленувале концизноста, поетичноста и мудроста што дошле до израз. Во некои мои песни од поранешниот период, во пократките песни, можеби има некои траги од тоа доживеано искуство. А историјата и теоријата за хаику не сум ги знаел. Една славна писателка има речено дека најдобрата обука за писателот е читањето на дела, а не на теории.
- Сепак, таа форма дури сега се прифати кај нас.
– Сега и дошло времето. Се видело дека таа форма дава шанса за изразување, особено кај младите и љубопитните… Не, не е задоцнето нејзиното прифаќање. Иницијацијата ја даваат поединци и некоја појава станува потоа општо прифатена.
- Значи, се вклопува во современите текови…
– Да, се вклопува, а особено кај нас зрачи со некаква новина… И í дава извесна свежина на нашата поезија. Тоа покажува дека овој поетски жанр е плодотврорен. И е прифатен од читателите. Мислам дека имаме добри резултати, особено кај младите автори. А кај постарите може да им служи за проверка на рефлексите. Да се насмееме…
- Зошто токму дождот е темата?
– Решив малку да си играм со некоја тема. Звучи несериозно, но сепак размислувањето, чувствувањето е игра на нашиот дух. И играта може да направи заграб во некои длабочини. Во една олабавена атмосфера, духот се чувствува слободен и се искажува во најразлични варијанти. Сакав таа тема да ја варирам, да је набљудувам од разни агли, да ја доживувам на разни начини… Тие различни слики и доживувања се искуство од еден цел живот, а не на моменталното замислување.
Се определив за дождот како тема, бидејки во оние хаику песни што ги читав во младоста од јапонските поети, дождот, росата, цвеќето беа чести теми од една страна, а од друга, ми се чини дека дождот е една магистрална природна појава. Откако постои, човекот бил судбински поврзан со овој феномен, зашто и од него зависела човековата егзистенција. И денеска дождот претставува доживување со широк спектар…
Со него, низ него, чувствуваме колку сме слаби, колку сме зависни од него, ја чувствуваме неговата моќ во нас да се раздвижат некои прастари емоции на страв, на чудење, на нежност, благодарност. И добро е што возбудата не престанала… Така сме поблиску до природата, така сме почовечни. И поезијата помага да се потсетиме на тој факт.
- Факт е и дека живееме во тешки времиња. Културните институции и покрај повремените проблесоци се во континуирана ерозија. Творците се на границата на финансиската издржливост и обземени од егзистенционален страв. Најнадарените ја напуштаат земјата. Со каква алхемија творците денес сопствената тага и пониженост ја претвораат во уметнички чин?
– Е, во едно прашање – многу, многу потпрашања. Ќе треба да организираме некој конгрес… Всушност, не е за шега, на овие прашања би требало да одговорат нашите најголеми умови. Еден ум тука ништо не може да поправи и да направи. Првин треба да сме на јасно во каква голема невола сме и каква попара сркаме. Она, што е општа светска невола – молам, но она што сами сме си го надробиле и самите си го сркаме, тука треба остар, безмилосен рез.
Ниедна власт досега не покажала спремност да го апсорбира целокупниот капацитет на нашето домашно знаење. Како што на времето Пулески рекол дека треба да се соберат учени луѓе од сите страни на Македонија и да составет една македонска граматика, така и сега треба да се соберат учени луѓе од сите области на науката, образованието и уметноста, без оглед на партиската припадност, и да состават една нова граматика на однесувањето и работењето во полза на општонародните интереси.
Како држава ги имаме сите институции на власта, но тие се однесуваат толку самобендисано, што со својата самоувереност мислат дека се на врвот на познавањето на работите. И затоа не се ефикасни, бидејќи секогаш, по изборите, веков и светов почнува со нив. Се користат одделни партиски припадници однадвор, а на научните, образовните и културните институции не им се овозможува својата креативна енергија да ја вложат за подобрување и осмислување на дадената ситуација.
- И, каде го гледате излезот?
– Излезот е во обединувањето на силите, во меѓусебната партиска и лична толеранција, во почитување на фактите, во создавањето на поспокојна работна клима, во закопување на “воинствените секири наострени во злодоба”, во насочување на погледот напред, во создавањето на визија за клучните национални и државни елементи, потребни за една подобра иднина. Разбирам дека сега е друго време и дека не владее едноумието, но да учиме од оние земји што ги надминале тие фази на егоизам, кавгаџиство, злоба… Особено нам ни е тоа потребно, зашто сê уште сме загрозени, сê уште некои насилници сакаат да го запрат тркалото на нашиот развој како народ и како држава.
Поголемиот дел од светот е убеден дека таквите фашизоидни идеи се одживеани, но, за жал, ние речиси ништо не правиме да му ја кажеме на светов нашата трагична вистина. Времето, состојбата, пројавите, плачат за една Бела книга за македонската судбина, книга која ќе се разнесе и ќе одекне во светот, ќе стане негова размисла, негово соочување и реагирање во заштита на оправданоста на нашето опстојување такви какви што сме биле и какви што можеме да бидеме во иднина како дел од општочовечката заедница. Не треба да се протнуваме само низ бирократските канали на светската комуникација.
Не знам зошто се плашиме? Вистината е на наша страна.
- Вие сте писател, но сиот ваш работен век го минавте и како новинар. На кое ниво се нашите медиуми?
– Нашето новинарство ја дели судбината на нашето општество. Не е упатно тоа да ја презема интонацијата на портпаролите. Во услови на сеопшта слобода сензационализмот е негова неминовна составка. Но има, и треба уште повеќе пуштање подлабоки сонди во третирањето на проблемите. Мене како новинар, бивш, ме боли кога некој ќе ми рече дека сê му е преку глава, дека веќе не чита весници, не слуша радио, не гледа вести на телевизија. Добро, може да се има и таков став. Но, сепак, не можеме да ги затнеме ушите и очите.
Денеска во новинарството има школувани и талентирани кадри. Имаме новинари и уредници на кои треба да им се даде висока оценка и да им се оддаде големо признание за настојувањето новинарството да не се сфаќа само како хроника на сообраќајни несреќи, на убиства и самоубиства, на партиски препукувања, на баботењето на приземните погони на свеста… Напротив, читателите и гледачите ја ценат културата и објективноста на соопштувањето, смелоста, аналитичноста и визионерството во третирањето на појавите и проблемите, и така натаму. Веќе имаме такви и дневни и неделни гласила.
- Имаме ли инвазија на кич и шунд во нашиов духовен простор?
– Причина за тоа е погодната почва. Инаку, кич и шунд имало и ќе има.
Работата е во тоа да се спречи неговата поширока инвазија, како што велите. А ова може да се постигне само преку продор на вистинските вредности, на повисоките дострели во сите гранки на уметноста. Значи, треба да се подигне нивото на вкусот на консументот, да се развие неговата критичност, па самиот тој да биде способен да оцени што е што. Во некои области на уметноста кичот и шундот можат да бидат и корисни, како прво, преодно стапало кон квалитетите од повисок ранг.
Жално е што мораме да ја поднесуваме тортурата врз нашите сетила од страна на некои јавни објекти, чија архитектонска и сопственичка препотентност длабоко загазила во плиткиот шарм на невкусот.
- Што би издвоиле од вашето творештво на што особено сте горд?
– Можеби ништо не би издвоил, зашто се знае дека авторот е мошне субјективен кон своите дела. Можам јас да речам, како што тоа го прават некои, дека моите дела се генијални. А дали се такви или не се подобро е да оценат читателите. Но, и читателите во извесни случаи не се во можност тоа да го сторат, зашто делата не се преиздаваат. Дали треба само авторот да се грижи за тоа? Самиот да бара спонзори. Да се понижува, во извесна смисла.
- Знаете ли дека делови од вашата љубовна поезија ја цитираат младите на интернет форумите?
– Ова не го знаев. А многу, многу ми е драго, зашто тие песни се напишани
пред педесет години. Ова говори дека љубовта е бесмртна тема.Веројатно тие
песни се вклопуваат во емотивната сфера на современите млади луѓе. Јас друго
нешто би издвоил, т. е. би потсетил на еден факт. Во мојата поранешна поезија
доминираат мотивите на етичноста. И мојата прва збирка поезија за возрасни има
наслов “Добрина”. Па и во другите книги се провлекува тој лајтмотив. Моето сфаќање на поезијата е дека таа сепак служи за нешто. Таа не може да го измени светот, но во нас како поединци може да побуди подлабоки, похумани чувства. А тоа не е малку. Ќе додадам – за што сум горд?
Особено сум горд на книгата “Разговори со Конески”. Иако е тоа книга со друг профил и не е целосно моја, оригинална, сметам дека таа е корисна книга, за која малкумина знаат. Од неа има што да се научи и за животот и делото на Конески, и за нашата литература и јазикот, а особено може да се ужива во говорната реч на Конески – во кристално чистиот македонски јазик.
- Штом го спомнавте јазикот – колку и како го негуваме…?
– Веднаш да истакнам. Јас не можам да бидам критизер на нашава денешна јазична состојба. За кратко време нашиот нормиран литературен јазик постигна фантастични резултати. Имам право да го речам ова, затоа што јас не сум бил само сведок на развојот на тој јазик од 1945 година наваму, се служев со него и од етапа во етапа заедно растевме. Толку ми е драго кога денеска ќе чујам и школувани и обични луѓе колку течно го говорат литературниот јазик.
Ова нешто не паднало од небо и не е плод на некоја фабрикација, како што сакат да кажат некои наши соседи и злонамернци. Ова излегло од длабините на македонската народна душа… Друго е прашањето за извесни пропусти, недоследности, навики… Всушност тука се работи за лична и службена одговорност. Службена неодговорност е ако нема лектори таму кај што треба да ги има. Службена неодговорност е ако некој издал решение за отворање на фирма, а не го прецизирал јазикот и писмото на јавно истакнатата фирма, туку имаме наплив на латинично писмо. Службена неодговорност е ако учителот, професорот им предава на учениците, на студентите на лош јазик, ако му недостига основна говорна култура… И т.н.
Инаку нашиот литературен јазик стана фин, личен, сестрано образован господин, а со тоа и ние станавме јазични чистунци, па секако ќе ни пречи и најмалото влакно што ќе падне врз него. И треба да ни пречи. И треба да реагираме.
- Има ли млади македонски автори кои можат да обезбедат иднина за нашата литература?
– Имаме и млади и постари автори… Нашава современа литература е во полн расцут. Спротивното можат да го тврдат само оние што не ја следат со благонаклоност, односно ги мрзи да продушкаат низ книгите, да поразговааат со информираните… Но, треба да знаеме, на ниедно литературно дело не му е осигурана трајната вредност.
Вкусовите се менуваат, се менуваат опшествените ситуации и по ред години некои работи прозвучуваат поинаку, или не прозвучуваат никако. Можеме да прогласиме некое дело за врвно за овој миг, во споредба со претходните, но иднината не можеме да му ја предвидиме. Сепак, на една литература í е потребна широчина. Таа не може да се стесни на неколку дела или да се задржи на две три имиња. Затоа треба да се помага издаваштвото, да се стимулираат авторите… Што поширока е основата, повисока ќе биде планината.
- Каква е улогата на критиката во овој однос?
– Нејзината улога е голема, но за жал ние ја немаме. Онаа што ја имаме во голем дел е корумпирана, односно влезена е во системот “услуга за услуга” и со тоа компромитирана. Ова е широка и болна тема, која треба да ја опсервира и разрешува самата критика. Сепак, толку весници и неделни списанија, а никој не ја негува дневната, актуелната книжевна критика. Кратка, концизна, објективна, заради читателот и побудување на неговиот интерес за нашето литературно творештво. И уште нешто, на кое треба критиката да укаже.
Имено, важни историски настани и личности не станале предмет на литературата, драмата, на филмот. Нашите теми никој нема да ни ги обработи. А тие се и универзални. Имаме дела што се палеле и уништувале. Значи, тие носеле со себе некоја енергија што била “опасна” за некого. Хитлер палел книги. Да! Ама на Балканот палеле и уништувале книги пред Хитлер. Тоа треба да го знае светот и низ нашата литература, низ драмата, филмот. А можеме безброј вакви примери да извлечеме од минатото…Но, ај доста.
Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2007 година
Фото: Андреј Гиновски