Сутерен.мк

Цената на размножувањето!

Омажена сум неколку години (имам 34) и сопругот инсистира на дете, но јас не се чувствувам подготвена се уште за тоа иако, сакам. Се плашам од самото породување, се плашам од обврските, а се плашам и дека ќе ми помине времето за мајчинство. Знам само дека не сакам да се откажам од многу привилегии на слободното време што сега ги имам, а познаничките ми велат дека ќе морам, со мајчинството...

Б.Н.

Б.Н. дарлинг, да знаете што не сакате е навистина, добар почеток. Меѓутоа, тоа што ви го зборуваат некакви очајни домаќинки, кои не успеале да го организираат и да го освојат својот живот, па сега го саботираат секој иден, заборавете го!

Породот се планира со партнерот и со него и се делат обврските. Не е лесно, ниту едноставно, но родителството не треба да значи тотално откажување од овоземниот свет или домашен притвор! Не, ако имате соодветен сопатник (не мажјак за приплод!) покрај себе. За жал, на нас жените, кога е во прашање репродукцијата, времето ни е најголемиот непријател, а созревањето доцни зад животот.

Всушност, детето ќе се роди, вака или онака, но некој треба и да го одгледа, нели!? Да има време, да го стори тоа. Во тој поглед нема многу простор за калкулации. (Јајчниците можеби нема да откажат, ама тоа ќе го стори физичката и психичка кондиција.) Секако дека ве плаши и самиот чин на раѓање. Со приказните што протекуваат од гинеколошките клиники во таканареченото државно здравство, кој нормален не би се уплашил!?

Меѓутоа, со малку прашување, се наоѓа и по некој добар доктор. Секако дека со раѓањето на дете доаѓа една непредвидена огромна одговорност и обврска за нечиј живот, но во исто време тоа е и безмерна радост. Кога ќе добиете дете се случува и едно невидено олеснување – вие, за вас, веќе не сте најважната личност на светот! Тоа е некој друг. И, тоа чувство на второстепеност е прекрасно.

Откако ќе станете мајка, вашата женственост ќе се разбуди како никогаш пред тоа. Ќе ја прифатите како предност, дарба, моќ, а не како слабост, како што овде на балканите најчесто е третирана. Секако, постојат и други опции. На пример, со помош на магии и филмски трикови, да го натерате сопругот да ви роди дете.

Некаде прочитав дека и тоа е можно. Му вградија нешто или некој… Или, беше за сопруга, што станала сопруг!? Се збунувам со новиве терминологии, определби, желби …

( Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба фа се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *