Сутерен.мк

Што глупости правиш, кога ти се тркалаат пари по ќерамиди?

Уметничкото дело на Маурицио Кателан, банана залепена на ѕид со селотејп, беше продадено за неверојатни 6,2 милиони долари на аукцијата на „Сотби“ во Њујорк, што е четирипати повеќе од проценетата сума.

Аукциската куќа изјави дека кинескиот инвеститор во криптовалути Џастин Сан победил шест други понудувачи за да ја купи уметничката инсталација наречена „Комичар“ од италијанскиот уметник.
„Во наредните денови лично ќе ја изедам бананата како дел од ова уникатно уметничко искуство“, изјавил Сан.

Залепената банана, која сега е веројатно најскапото продадено парче овошје, всушност била купена претходно за 0,35 долари.
„Ова не е само уметничко дело. Претставува културен феномен кој ги премостува световите на уметноста, мимовите и заедницата на криптовалути“, се наведува во соопштението на „Сотби“.

Делото „Комичар“ првпат беше откриено во јавноста во 2019 година и веднаш стана сензација и предизвика бројни дебати и расправии за тоа што всушност е уметност. Инсталацијата, која го обиколи светот како дел од различни изложби, доаѓа со инструкции како да се замени бананата кога ќе скапе. Всушност, бананите досега се веќе двапати изедени.

Минатата година, јужнокорејски студент по уметност се послужи со бананата која беше изложена во музеј во Сеул. Вработените во музејот набрзина ставија нова банана.

Пред тоа, во 2019 година, друг уметник изведе перформанс кога ја извади бананата од ѕидот откако делото беше продадено за 120.000 долари во Мајами. Бананата повторно беше брзо сменета.
Инаку, Џастин Сан ја води мрежата „Трон“, која овозможува различни трансакции со криптовалути.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *