Мајмунската сипаница кај луѓето доведува до иритации на кожата со пустули и плускавци кои на крајот пукаат и потоа чешаат, иако ретко оставаат лузни. Инфекцијата е слична на нормална сипаница (сипаници или вариола). Првиот сомнеж за активен случај во Македонија се појави во 2022 година кога едно лице од Кичево беше сомнително на вирусот. Во тој период низ Европа се рашири епидемија на овие сипаници која беше најакутна во Велика Британија.
Во август 2024 година, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи највисоко ниво на тревога, откако се појави мутирана варијанта на сипаниците во Демократска Република Конго. Оваа варијанта беше позаразна од претходните видови со опасност да предизвика исклучително тежок тек на болеста.
Речиси една година подоцна, во четвртокот на 22 мај, македонскиот Институтот за јавно здравје потврди дека лабораториски се потврдени два случаи на мајмунски сипаници во земјата. На двајцата позитивни пациенти им е препорачано да се јават на Инфективна клиника. Засега нема подетални информации за тежината на болеста кај пациентите.
Преносот од човек на човек на мајмунска сипаница најчесто се одвива преку близок телесен контакт. Честопати, синџирот на пренос се прекинува откако мал број поединци се заразени.
Мајмунските сипаници имаат период на инкубација од седум до 21 ден,. Покрај иритацијата на кожата, вообичаени симптоми се болки во главата, мускулите и грбот, а може да се јават и треска и отечени лимфни јазли.
Мајмунските сипаници се откриени уште во 1958 година. Тие најчесто се појавуваат во западна и централна Африка. Досега многу ретко стигнуваа до други земји.
Според СЗО, вакцинацијата против човечки сипаници (вариола вирус) е ефикасна и против мајмунски сипаници, бидејќи мајмунските сипаници и човечките сипаници се сродни. Поради опасноста и високиот ризик од инфекција со човечки сипаници, СЗО во 1966 година започна кампања за вакцинација, со цел – искоренување на сипаниците. Тоа имаше ефект: во 1980 година, СЗО ги прогласи човечките сипаници (вариола) за искоренети. Оттогаш веќе не се вакцинира против оваа вирусна болест.
Вирусот може да се пренесе од животните на луѓето преку „близок контакт со заразени животни како резултат на каснување (верверички, стаорци, примати), близина (домашни миленици), контакт со животинска крв или секрет, конзумирање на заразено месо од мајмун или инфекција со капки“.