Сутерен.мк

Ќе го казнат ли албанскиот репрезентативец кој ги пцуеше Македонците?

Албанија вчера во драматичен финиш успеа да остане непоразена со фаворизираната Хрватска (2-2) и со тоа ги задржа шансите за пласман во наредната фаза на Европското првенство.

Овој резултат донесе радост кај навивачите, но и кај фудбалерите, ама некои граници беа надминати и сега УЕФА отвори истрага која би требало да донесе казна санкции како за Албанците така и за Хрватите.

Во целата оваа приказна бевме и ние спомнати, Македонците/Македонија од страна на играчот на Рубин Казањ, Мирлинд Даку (роден во Гњилање, Косово, во 1998 година), а тие негови навреди допреа до дисциплинците кои поведоа истрага.

-Во врска со натпреварот од групната фаза на УЕФА Европското првенство 2024 меѓу селекциите на Хрватска и на Албанија одигран на 19 јуни 2024 година во Хамбург, Германија, е отворена истрага во врска со наводното непристојно однесување на играчот на Албанија, Мирлинд Даку. Дополнителни информации за овој случај ќе бидат достапни подоцна, -порачаа од УЕФА.

Имено, после мечот Даку на мегафон ги пцуеше Македонците. На неговиот испад имаше реакции од сите страни. Официјално реагираше и ФФМ која го осуди испадот на албанскиот фудбалер и побара од УЕФА да го разгледа случајот.

Скандалозниот гест на Даку го осуди дури и неговиот клуб Рубин Казан кој исто така напиша дека УЕФА е задолжена за евентуална санкција.
УЕФА и официјално потврди дека отворила истрага против Даку. Албанецот може да добие суспензија и да не заигра на следните мечеви од Европското првенство.
Покрај за Даку, УЕФА отвори истрага и за однесувањето на албанските навивачи на трибините, за нивното националистичко скандирање против Србите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *