Го чита една моја роднина текстот „Кројач за дами“ и ми вели: ’Ти, ова ќе го играш? Овој ’Обен’!?“ „Да!“ , одговарам јас. „Па тој е такоб кретен!“, не може да се изначуди таа. А мене уште со првото читање ми се бендиса многу тој Обен. Таков, каков што е: кретен, а сепак, не е толку кретен колку што ситуацииите тоа прават од него. Жорж Фејдо дал добар, податлив „материјал“ за да направиш успешен лик.`
Така, јас почнав да го замислувам Обен како човек кој никогаш не се успива туку напротив, станува секогаш рано наутро, педантен, секогаш мазно избричен, брзоплет, верува на авторитети, сака да е близок со секој чие име нешто значи, постојано да е главен, работите ги зема здраво за готово, се прави многу умен, а ништо не сфаќа.
Тој е мачо мен, а папучар. Тој има љубовница, заводник е, но ни на ум не му паѓа дека и неговата жена е нечија љубовница. Па зарем е тоа можно!? Неговата жена!? Ни на сон! Та таа го има него за маж! А таков маж никој не го изневерува! Освен тоа и, хипохондар е.
Почнуваат подготовките за претставата, а јас се обидувам да го „вклопам“ Обен со другите ликови во претставата. Почнувам да го сфаќам, да го сакам, но се уште тој е само рамка, сликата ја немам. Еднаш наводно, Лоренс Оливие рекол: „И кога играш трет копјаник од лево, ти треба да мислиш дека целата драма е напишана за третиот копјаник од лево.“ Тоа е клучот. Обен е всушност, главен иако е епизода во претставата.
Секој лик, како и секој човек, си има си има свој ритам, свој универзум. Тој е главен во својот филм, а сите останати се епизоди. Некои впечатливи, некои незабележителни, некои остануваат, некои се губат… но тој е главниот. Не сакав да направам нова драма, туку „Кројач за дами“ да ја погледнам со очите на Обен, од негов агол. Не беше лесно. Многумина на водвиљот гледаат со потценување. Демек, тоа е лесно. Но, не е така. Во водвиљот се е заплеткано, има многу непредвидливи ситуации. Да се направи класичен, добар водвиљ е вистинско мајсторство. Морав да внимавам да не претерам, да не го „преиграм“ Обен. Да му ја средам главата – кој е кој во одредена ситуација – да не отидам предалеку.
Почнав да замислувам што прави Обен кога не е на сцената. Што му се случува во она слободно време, што мисли тогаш, како се однесува, како се движи, во кој филм е?
Течат пробите, се консултирам со колегите, режисерот, со контролните очи – едното на Јоцо (Јордан Симонов, кој ја игра главната улога, заб. Нов.), а другото на мојата сопруга, кои ми се онаа потребна кочница да не ја преминам границата. Мозаикот наречен „обен“ почнува да се гради, Обен веќе добива карактер, реагира… го гледам. Само професорот (Димитрие Османли, нов. Заб.) не ми е нешто задоволен од мојот Обен. „Темпо, темпо!“, повторува тој. Каде да го најде тоа темпо Александар Микиќ, кој е еден лежерен, опуштен човек!? И, како таков, низ свој филтер си ги презентира работите. „Темпо, темпо!“ , се нервира професорот. Нема темпо!Се препотувам на пробите под двата костима (нема време за пресоблекување), Обен е Обен, само темпо нема. Сепак, на крајот и тоа темпо си дојде. Потоа, се беше полесно. Професорот (а и јас) конечно, задоволен.
Премиера, публиката вистински реагира, се забавува, се смее, се препознава во Обен и останатите (или барем во некоја од нивните ситуации), аплауз! Наградени сме сите. На репризата сум со температува со 39 степени. Сета потисната напнатост и умор наеднаш избиваат. Не е важно. Тука е Обен.
Обен кој по малку личи и на мене. Ниту тој, а ниту јас не сме вклучени во процесот на создавање на аферите, последни за нив (и за многу други работи) дознаваме и тоа – погрешно! Па ќе прокоментираме нешто, не сфаќајќи дека ситуацијата е „поинаква“. Само што тој се зема на „прва топка“, јас пак, се обидувам да направам дистанца, да навлезам во суштината на нештата.
Како и да е… Баш пред некој ден ми се јавува Обен и ми вели: „Абе, ме разбираш ли ти мене?“ „Апсолутно!“, одговарам јас. „А ти мене?“
Сочувствува со мене Обен, па ми вели:„ Јас би требало повеќе да те разберам. Ти си тој што сега е очи в очи со публиката. Јас сум бил ехехеееј! Пати со неа.“
Многу повеќе време и сила потрошив да го разберам јас него отколку, тој мене, но најважно е дека на крајот сепак, се разбравме.
„Екран“, 1996 година
(Забележала: Б. Д. Н.)