Сутерен.мк

Пандемичен речник

После неколкумесечното ограничено движење и физичка комуникација, летово се очекува масовна појава на романтични врски, тектонски поместувања на хормоналните статуси и сосема нови возрасни граници за зборот пубертет. Еве мала помош во дешифрирањето на емотивните состојби што ќе следат!

  • Вљубитис
    Акутно заболување на кое се подложни луѓето од сите возрасти, а особено пубертетлиите. Како и за сите вирусни болести, така и за ова, не постојат соодветни лекови. Треба само да се јакне организмот и да се чека болеста сама од себе да помине.
  • Симпатикус
    Личност која, кога ќе помине покрај вас, предизвикува црвенило на образите, несигурност во нозете, спуштање на погледот и сите останати симптоми на вљубитис. По правило е арогантна и недостижна.
  • Затрескитис
    Посилен облик од вљубитисот при што болниот е зашеметен. Просто, го акнува во глава. Средбите со симпатикусот му се чинат како лек, но во суштина, ја влошуваат состојбата, чие траење е неизвесно. Она што е сигурно е дека одненадеж престанува исто како што и се појавила.
  • Земјотреситис
    Тектонско пореметување кое е зачестено за време на вљубитисот. Се манифестира со губење на тлото под нозете секогаш кога симпатикусот ќе помине покрај вас. Доколку сте затечени во некоја смешна ситуација, земјата не само што ќе се затресе, туку и ќе се отвори.
  • Довереникус
    Другар или другарка кои го познаваат симпатикусот. Служат за пренесување пораки и слушање на љубовните јадови. Се препорачува внимателна употреба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *