Сутерен.мк

Ахмед Буриќ: Новинарство на патерици

Ахмед Буриќ (1967) е новинар, писател, поет, преведувач и сценарист. Роден е во Сараево, каде што завршил политички науки, а досега работел во Радио-телевизија Сараево, во словенечкото списание „Младина“, бил уредник во неделникот „Дани“ и во „Ослобоџење“. Во моментов пишува колумни за порталот Радио Сараево, а соработува со многу други интернет-изданија од регионот.

Овој насмеан и ведар човек, за кого хуморот е неизбежен дел од животот, работел и како сценарист во документарците „Опсада“, „Слики од аголот“, „Христијаните од истокот, муслиманите од западот“, како и на филмот „724“ во режија на Дино Мустафиќ. Член е на музичката група „Каблови“, во којашто свират двајца уредници, еден фотограф и еден дизајнер. Во неговите најзначајни авторски дела, освен илјадниците пишувани новинарски текстови, се вбројуваат: „Богот на транзицијата“, „Последните солзи од крв и нафта“, „Мајчин јазик“…

Буриќ не крие дека опсесивно е врзан за фудбалот, а оваа есен ја користи за едномесечен резиденцијален престој во Скопје во рамките на програмата „Традуки“. Во својата колумна за порталот Радио Сараево, за своето доживување на Скопје, Буриќ ќе напише: „Седам на скопскиот кеј во бермуди и сламена шапка, поминуваат прекрасни жени, зад мене е неоантичката зграда на Археолошкиот музеј, а пред него невешто направен брод што треба да биде трипати помал ако сака да заплови по Вардар. Келнерот ми се обраќа на англиски, од менито на ресторанот ’Каса Кубанитаʻ ме гледа лицето на Ернест Хемингвеј. Денот е топол, речиси идеален, а животот понекогаш знае да биде и убав“.

Неговите колумни, но и збирките песни, се меѓу најчитаните на интернет-порталите во регионот. Не само поради интригантноста на содржината туку и поради народниот јазик и луцидноста во изразувањето.

  • Значи, Ви се допаѓа ли Скопје?

– Ако мислите на новите згради, може да разговараме за вкусовите. Ми се допаѓаат некои плоштади и понекој споменик. Но, спорно е она што се крие зад ова: потрагата по некаков идентитет. На почетокот на деведесеттите, кај Хрватите се случуваше нешто слично кога некои структури ја промовираа тезата дека тие потекнуваат од Иран. Имено, на гробот на кралот Дариј била пронајдена шаховница, а тоа било доказ дека тие не се Балканци. Ајде сега сетете се на Милиќ од Мачва кој зборуваше дека Србите се постари од 7.000 години, па сериозни луѓе со професорски титули и научници под наводници официјално се произнесуваа по ова прашање. И ние Босанците не сме лишени од ова, истово може да ве снајде и во Унгарија, па дури и во земјите на Западна Европа. Во време кога пропаднаа сите идеологии, освен национализмот, последната негова храна е параван за најбруталниот облик на капитализмот. И во таа смисла мене Скопје не ми е ново, ниту ми е ексклузивитет.

  • Што е со неговите жители?

– Овде постојат позитивна енергија и фантастични луѓе. За ова време додека сум тука, не можев да не се сретнам со Тони Китановски, кој како да го познавам целиот живот. Отидов во ателјето на Миро Масин и сфатив каков сликар е тој во суштина. На подарок добив два цртежа од Касиопеја Наумовска, што се фантастични. Јовица Ивановски ми е мил пријател подолго време, а со Тихомир Јанчовски сме заедно секој ден. Мислам дека и двајцата се извонредни поети. На Македонија ѝ се случи она што и на Босна. Народот е подобар отколку власта. Во вашиот случај ми се чини дека дискрепанцата е и малку поголема.

  • Како во моментов би го опишале балканското новинарство?

– Да, имате право кога велите балканско новинарство, затоа што сликата е горе-долу секаде иста. Пред извесно време дадов оставка од уредничкото место во сараевскиот весник „Ослобоџење“, затоа што мене логиката според којашто му даваш огромна плата на главниот уредник, а ги оставаш новинарите да работат за ситно е против принципите на професијата! Значи, јас немам образ да барам од човек да се занимава со истражувачко новинарство ако знам дека платата му е одвај триста евра. Тој мора да си ги храни децата, да ги плати сметките, мора да отиде на пазар и на лекар. Мислам дека сите сме доведени во најлошо препишување на евтиното и жолто новинарство од Западот, во коешто е важно само она што е на површина и што не трае повеќе од еден ден! Новинарството денес стана производство на секојдневна агониска хистерија што, во принцип, не значи ништо.

  • Што е обично на површината и не значи ништо?

– Еве, на пример, цели нации денес разговараат кој играч каде потпишал… дали ќе оди во „Манчестер сити“ за пет или за четириесет милиони… Јас, кој го сакам фудбалот и го знам составот на „Вардар“ од 1986 година и кога ќе ме разбудиш од спиење (бидејќи сериозен психопат никогаш не се откажува од предметот на својата опсесија), мислам дека тоа е имбецилно. На луѓето како да им е вграден чип за да не мислат. И ние новинарите тој чип го голтнавме многу лесно. Се разбира некои од нас се противеа, па побегнаа од професијата, други се снајдоа поинаку, но суштината е дека сите ние сме на патерици. Одиме на патерици, а тоа е инвалидитет!

  • Има ли лек?

– Можеби кога би се воспоставил некаков баланс меѓу сопствениците на медиумите и вработените, работите би биле подобри. Но, прво да си признаеме некои работи. Ние треба да се почитуваме себеси, за да го направат тоа и другите. Ајде да признаеме јавно дека новинарските здруженија не се прославија во оваа смисла. Секогаш кога газдите ќе речат „пу“ и кога ќе нѐ исплашат, ние бегаме без размислување. Од дистанца гледаме, се шлепаме, чекаме и се надеваме дека ќе бидеме во тоа малцинство кое нема да лета од работа…

  • Има ли надеж за печатеното новинарство наспроти експанзијата на интернет-порталите и популарноста на електронските медиуми?

– Мислам дека некои работи ќе преживеат, други не. Пред пет години зборував дека весниците за десет години ќе бидат нешто како џезот сега. Голем број колеги од целиот регион тогаш ме нападнаа, велејќи дека не знам што зборувам и дека интернетот ме излудел и восхитил тотално. За да дојдеме сега на моето! Како и да е, технологијата последните години е толку многу напредната, но ние сѐ уште слика на ѕидот закачуваме со шајка и чекан! Во една смисла, чеканот може да биде книгата, зашто кога е таа во прашање работите нема да се сменат драстично. Со весниците е поинаку. Ќе преживеат оние весници што ќе понудат нешто повеќе од она што може да се добие на интернет. „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, „Индепендент“ преминаа на виртуелната страна. Иднината на печатените изданија може да биде во локалните културни информатори каде што можеби некој наш колега понекогаш ќе напише и некоја колумничка од областа на културата. Толку.

  • Кон печатењето книги немате толку песимистички став. Дали се согласувате дека најтиражните и најпопуларните изданија на овие простори последниве десетина години ги пишуваат новинари?

– Така некако излегува. Како да ми ја кажавте песната што сум ја научил напамет во основно, но сум ја заборавил со текот на годините. Борис Дежуловиќ би ме надополнил и би прашал: Зошто има толку многу пливачи меѓу ватерполистите?

  • Има ли допирни точки меѓу новинарството и литературата?

– Матош, Хемингвеј, Чапек, Крлежа, Хашек… Сите тие и безброј други најпрвин почнале како новинари.

  • Може ли истовремено да се биде и добар новинар и добар писател?

– Може, но не долго. Нешто ќе надвладее во еден момент. Ќе одлучи животот по свое или ти сам. Јас полека излегов од светот на известувањата, пресовите, вестите… Ова е веќе друга димензија, поинаков поглед. Еднаш една моја колешка ми рече дека додека ме чита не знае дали е тоа новинарство или литература. Заглавен сум во некој вид „кросовер“, етно-џез варијанта. Но, лично сметам дека на доброто пишување не може да му избега ништо што се наоѓа околу него. Најдобар е оној текст што е генетски мутиран: информација, слика што поминала низ тебе, а ти си ја запишал на хартија. Записничарот е еден вид спроводник во чијашто внатрешност се случува хемиска реакција, за да излезе готов производ на крајот.

  • Како поет, мислите ли дека поезијата може да ги спаси луѓето и народите, како што вели Чеслав Милош?

– „Убавината ќе го спаси светот“ беше насловот на една песна од Тихо Јанчовски. Ако одиме кон тоа да се спасуваат народите и светот со поезија, тогаш не сум сигурен дека сме на вистинскиот пат. Веројатно поезијата нема да спаси никого, затоа што тоа не го направила ни досега. Светот е само состојба што поезијата ја подобрува!

  • Во југословенско време, Сараево беше за копје пред другите народи и народности кога е во прашање производството на естрадни мајстори. Како Вие однатре гледавте на тоа?

– Да, Сараево беше космополитска средина во едно дамнешно време, затоа што можеше да видиш дека во ист момент, на иста маса, во иста кафеана седат Раде Шербеџија, Џони Штулиќ, Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Бора Тодоровиќ и Вељо Исовиќ и Сафет Зец. Широко, многу широко друштвенце, а сите мајстори! Кафеаната „Центар на Југославија“ беше шест километри од Сараево, тука се преклопуваа оските. Тоа Сараево неспорно привлекувало некаква енергија, но јас мислам дека во тоа време тоа го правеше и Скопје. Односно тврдам, затоа што создавањето на „Мизар“, „Архангел“, Горан Стефановски со своите „Хај-фај“, „Ослободување на Скопје“, Унко, Поповски не можеше да биде случајно.

  • Како се смени Сараево во оваа смисла, од војната, па наваму?

– Во демографска и во културна смисла. Отидоа многу луѓе, дојдоа помалку. Сараево денес има околу 400.000, а пред војната бевме близу 650.000 жители. Значи, ние сме и физички и ментално помали. Градот е силуван од сите оние што ја обележаа својата територија. Она што кај вас се античките споменици, кај нас се „богомолките“. Од федералната страна никнаа не знам колку стотини нови џамии, од страната на Република Српска се изградија не знам колку цркви, од страната на хрватското мнозинство не знам колку нови катедрали… Не сме она што бевме. Нема културна политика што би нѐ обединила, туку само истакнати културни поединци.

  • Од каде желбата да се занимавате со музика?

– Во времето кога со југословенската сцена владееја „Дугме“, „Чорба“ и, во помала мера, „Булдожер“, се појави нешто што во музичката индустрија се нарекуваше нов бран. Тогаш јас имав 15 години и си направив свој панк-бенд за да не останам покусо. Свирам на клавијатура, завршив дури и вишо музичко училиште. Гитарата знам да ја земам кога некој пее, само за да му бидам поддршка.

  • Кажете го и остатокот од приказната, што свирите сега? Зошто музичката група во којашто членувате се вика „Каблови“?

– Добро, 25 години подоцна вампирот се разбуди, но во еден мутиран облик. Како човек кој набргу ќе си ја запише шестката како прва цифра во бројот на годините, со својата „раја“ свирам на некои забави и тоа што ми е ќеф, а ќеф ми е главно нешто од Ал Грин, „Токинг хедс“, „Стоунси“, Дилан, но во меѓувреме сум усвоил и некои знаења за пејачите како Вида Павловиќ, Пепи Бафтировски и Костадинка Велковска. Сакам да видам што ќе се добие кога ќе се спојат тие две работи. А „Каблови“, затоа што се клучна работа во секој бенд: каде ми е кабелот, зошто не ги зема каблите, ги заборавив каблите за гитарата, се скина кабелот… Би сакал кога каблите се спроводници од типот на „Лола В. Штајн“ или „Черкези“ на Тони. Е, тоа се вистински кабли!

  • Што е толку фасцинантно кај фудбалот?

– Бидејќи сум Херцеговец по мајка, на првиот натпревар што го гледав како дете играше „Вележ“. Тоа те предодредува за цел живот. Не може сега затоа што живееш во Сараево да менуваш сѐ. Не ги сакам луѓето кои напамет навиваат за големи клубови. Јас мислам дека да се биде навивач на „Работнички“ или на „Пелистер“ сега е почесна работа отколку да се биде навивач на „Манчестер сити“. Во поттекстот на оваа моја теорија има нешто библиско: биди секогаш на страната на послабиот.

  • Во една Ваша колумна велите дека единствен начин да се живее среќно е среќно соседство. Дали сте Вие среќен човек?

– Дали е среќата трајна или повремена состојба? Би рекол второто.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2015 година 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us