Сутерен.мк

Без документи нема аристократија

Во државава најстарите матични книги имаат двесте години, а сите се фалиме со потекло?!

Додека во последнава деценија светот го доживуваше антрополошкиот и социјален бум, во Македонија се случува(ше) сосема спротивното. Односно, додека британскиот научник Брајан Сајкс докажуваше дека цела Европа потекнува од само седум жени, ние тврдоглаво не попушта(в)ме со теориите дека сме уникатни.

Работата оди дотаму што речиси секој втор граѓанин во државава ќе ви се пофали дека потекнува од „славна лоза“, притоа, се разбира, игнорирајќи ги фактите дека податоците за родените и за мртвите во земјава досегаат едвај, до 19 век. Уште поапсурдно е што меѓу народ со толку „благородни предци“ изгледа не постои никој кој сериозно се занимава со барање докази за сите тие силни тврдења да имаат каков било фундамент.

Меѓутоа, тоа не е пречка во секое село да сретнете разгранети семејни стебла, правени по митови и легенди. Еден од оние што поинтензивно се занимава со родовите стории, особено за тетовскиот крај, е м-р Бранислав Светозаревиќ од Државниот архив на Македонија, кој нагласувајќи дека, сепак, е недоволно компетентен за темава, вели дека малку историчари и антропогеографи се зафатиле со генеалогија и тоа не така како што се прави тоа во светот.

Прекинати врски

„Ваквите истражувања, ако ги ставиме настрана оние што не ги знам, се сведуваат, главно, во две групи: првата, истражувања на монографиите на македонските села, во кои голем број од нив ги имаат прикажано селските родови, што даваат, секако, драгоцена основа, но не можам да кажам во колкава мера се употребува вистинската методологија на работа; и, втората, се луѓе кои посветено се занимаваат со истражување на своите семејни стебла. Повеќето од нив го прават тоа со анкетирање на роднините и паметењето на усно предадените информации од нивните предци“.

Потенцирајќи дека е значајно ова, Светозаревиќ, сепак, нагласува дека дури и тие преданија досегаат до малку повеќе од два века. Според него, посериозни генеалошки студии постојат за одредени мијачки и охридски родови, а традиција на фамилијарни стебла има и во Битола. Нашиот соговорник додава дека ни се неопходни поопсежни истраги на одредени познати трговски семејства, на зографите, ѕидарските тајфи, занаетчиите и слично, но вели дека во официјалните архиви ваквите податоци се вистинска реткост и секој истражувач ќе се соочи со недостаток од релевантни информации, како што е примерот со матичните книги од Тетово и од Тетовско што досегаат најдалеку до осумдесеттите години на 19 век.

„Македонската историја е преполна со пљачкосувања, уништувања и разнесувања документи и ракописи што се создавале на овие простори, така што повеќе ќе најдете материјали во Османлискиот архив во Турција, од едноставна причина што при повлекувањето, турските, бугарските и другите војски ги носеле со себе и документите“, раскажува Светозаревиќ. Тој додава дека османлиите биле прецизни документаристи (заради ефикасно оданочување), но, главно, пописите, потпирајќи се врз шеријатското право, се однесувале на машката популација и на вдовиците. Притоа, во тефтерите се среќава името на попишаниот и името на неговиот татко (Цветко, син на Петко, на пример), неговото занимање, имот и примања. Тој нагласува дека пописот од 1910 година е најобјективен, но, секако, недоволен.

На слично мислење е и еден од ретките пасионирани посветени на оваа област Александар Донски, кој тврди дека во Македонија не постои генеалогија. „Не можев да најдам дури ни рецензенти за моите книги. Со ова не се занимава ни една научна институција. Едноставно, нема пишани документи, а без нив нема сериозна работа. Во Охрид, на пример, најдалеку со податоците за родените и за умрените ќе стигнете до 18 век, а во Штип ни дотаму. Генеалогијата е својствена на слободните земји, а бидејќи постојано сме биле под некого, кога заминувале војските, ги носеле архивите со себе. Многу се ретки семејствата што ги запишувале раѓањата и умирањата. Главно, се’ се сведува само на ентузијазам и претпоставки. Наспроти тоа, за античките кралски семејства постојат податоци и тука може да се истражува“, тврди Донски.

Ваквата ситуација на теренот, всушност, ги прави патетични обидите за претставување дека сме „директни“ потомци на овој или на оној.

Гордост и предрасуда

Меѓутоа, соговорниците на „Глобус“ напоменуваат дека не се само Македонците опседнати со корените и минатото. Тие велат дека и останатиот развиен свет се занимава со ова, па така постојат многубројни компјутерски програми со кои се олеснува пребарувањето и проверката на податоците, основани се и здруженија, Интернет-портали и слично. По новинарската „проверка“, сепак, забележливо е дека западната цивилизација ги сфаќа персоналните семејни стебла како забава за разлика од нашите соседи, кои, како и ние, пресериозно се сфаќаат себеси.

Имено, Европејците покажуваат многу повеќе интересирање и љубопитност за тврдењата на споменатиот Сајкс во почетокот на текстов, професор по генетика на Институтот за молекуларна медицина на Оксфорд и втемелувачот на биоархеологијата, кој е еден од најцитираните генетичари во последните години, а причина се неговите две книги. Со првата „Седумте ќерки на Ева“, објавена во 2001 година, докажа дека целото население на Европа потекнува од само седум жени, а со втората, „Проклетството на Адам“ (2006), тврди дека поради постапното уништување на хромозомот Ѕ, неизвесна е иднината на машкото постоење. (Патем, колку и да звучи вознемирувачки последниот податок, никој досега не го оспорил.)

Британскиот научник вели дека е смешно да се зборува за големи разлики меѓу народите денес кога се знае дека 95 проценти од сите Европејци се „синови и ќерки“ на седумте прамајки, наречени Урсула, Ксенија, Хелена, Тара, Јасмина, Велда и Катерина, кои живееле пред неколку десетици илјади години. „Кога се гледаат денешните европски етнички групи, јасна е измешаноста по мајчина линија. Со други зборови, без разлика дали сте од Балканот или од Шкотска, немате чисто, расно потекло. Тоа не значи дека сме сосема измешани, сепак, постојат некои правила. На Блискиот Исток дел од населението потекнува од Тара, но повеќето се потомци на прамајката Јасмина. Расистите и ксенофобите со децении се обидуваат да најдат оправдување во генетиката и во биологијата за своите теории, но науката не го прифаќа тоа. Секоја расна група што ја населува Европа потекнува од сите прамајки. Мислам дека расното или националното потекло немаат цврста генетичка подлога. Народите имаат меѓусебни разлики, но тие не се толку големи“, тврди Сајкс, кој смета дека се апсурдни националната гордост и предрасудите спрема другите народи во денешно време.

Фамилијарните стебла не се ексклузивитет!

Во ординацијата на д-р Биљана Давчева значајно место зазема и семејното стебло на Ѓурчин Кокале, чиј потомок е таа. Изработено е во 1959 година од страна на академик Александар Матковски и го опфаќа периодот од 739 година, па до шеесеттите години на дваесеттиот век. Давчева, сепак, вели дека не мисли оти поседува некаков ексклузивитет или дека треба да се чувствува особено поради импресивното потекло. „Како деца растевме со приказните за Кокале, односно со раскажувањата на баба ми за ‘сечење глави’, ‘тепање османлии’, ‘јавање коњи’, а не за Ивица и Марица. Тоа ‘славно минато’ отсекогаш било дел од нашите секојдневни комуникации, наша семејна историја, која е толку за нас нормална што никој не и’ обрнува значајно внимание”, вели д-р Давчева.

Кралот што се вика Боге

Неодамна во јавноста се појави извесен Боге Колоски, кој тврди дека е единствениот (барем засега) кој има право да претендира на титулата крал на Македонија. Дванаесет години ја докажувал и на крај ја докажал крвната врска со својата пра-пра баба – пруската принцеза Ана и со тоа и со главната лоза на пруските кралеви. Неговиот пра-пра дедо Петер Колаја бил многу богат човек-трговец со мрежа низ целиот Балкан. Тој во една расправија убил некој турски бег и морал многу бргу да распродаде се’ и да се пресели во Епир, каде што семејството живеело 30 години. Но, и таму се судрил со Турците, па заминал за Елбасан, Албанија. И таму имал проблеми, па се преселил во Неапол – каде што живеат и денес многу Македонци-католици доселени од Епир, иако се претставуваат како Албанци.

Во Неапол, синот на Петер, Никола, се оженил за Ана кон крајот на 15 век. Таа потекнувала од кралската лоза на Зибенбурген во Долна Саксонија. Во семејството Колоски, во текот на седум генерации се пренесува името Никола. Боге Колоски сега поседува Кралски указ со восочен кралски печат, доделен од кралицата Ерна на Ниска Саксонија, во кој стои дека таа лично заедно со Кралскиот клуб на бароните, со особена чест и задоволство – со одлука на Кралскиот совет – му ја предаваат на Неговото височество Боге Петер Колоски наследната титула – гроф. Во указот на кралицата Ерна понатаму се вели:

„… Моите овластувања ми дозволуваат да Ви ја предадам златната кралска круна и симболите на кралството со одобрување потпечатено со восочен кралски печат за да го водите и управувате нашето кралство, за негување на историјата и нејзино продолжување…“

Со овој указ, Колоски е заведен во кралското семејство на кралицата Ерна како единствен наследник на кралството што треба да го наследи по нејзината смрт. Станува збор за „пасивно кралство“, бидејки монархијата е укината во Германија во 1919 година за разлика од Британија, на пример, која е „активно кралство“. Седиштето на кралството е близу Минхен, но гроф Колоски работи на тоа неговото кралство да е со престол во Скопје. За Колоски да стане принц на Македонија и Епир, мора да се одржи кралска конференција само во земјата од каде што потекнува лицето кое претендира на таа титула. Затоа, гроф Колоски формираше Македонска кралска фондација.

Потреба и оптовареност

Прецизното запишување и чување за родените во семејството некогаш било повеќе од потребно. Не само меѓу благородниците, туку и меѓу обичниот народ. Во дамнешните времиња се живеело во компактни роднински заедници , а бидејќи претежно се занимавале со земјоделство и сточарство, патувањата и транспортот биле ретки. Секако дека биле забележани психичките и физичките деформитети кај родените од блиски крвни врски, па било неизбежно водењето евиденција кој со кого склучува брак. Така, семејната историја и колективното паметење се пренесувала усно од колено на колено. Со време, станува обичај брак да не се дозволува се’ додека меѓу сопружниците не е обезбедена разлика од девет до 12 генерации. Во воените времиња често се случувале миграции, а со тоа и бледнеење на сеќавањата на предците.

Во модерната доба, можностите и потребата за патувања, економската миграција, брзиот начин на живеење доведоа до големо мешање на родовите, а со тоа и намалена потреба од познавање на подалечните корени. Новите поколенија се женат и мажат во средини каде што веројатноста да се сретнат со роднини е минимална, па со тоа е занемарено и интересирањето за минатото.

Семејните стебла, па дури и оние на историските личности, како што се, на пример, на Конфучиј, кое се смета за најстаро на светот, или моментно на американскиот претседател Барак Обама, се сфатени само како лесна забава без непотребното оптоварување со потеклото.

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *