Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Две венчавки и погреб

Таман човек ќе помисли дека сме мрднале сантиметар барем, од аутистичниот провинцијализам, доволни се неколку општо – фамилијарни средби за да ти се зацементира сознанието дека сред-селскиот менталитет на овој народ, како победа на просечноста, не само што ништо не може да го урне туку напротив, тој јаде се она што може да даде надеж за некаков креативен напредок!

Не треба којзнае каква богата лексика, имагинација, интуиција и ерудиција за да се објасни состојбата на банкарското салдо на секој просечен државјанин во земјава особено, по септември. Тоа едноставно, вон секоја поетска матрица, уметнички стилски раскош и изразувачко богатство, се вика – банкрот! Финансиска нула, нуличка и нулиште! Нула во страшен минус! Значи нула минус милијарда минуси!

Господ не ми дал некоја којзнае каква дарба и никогаш не триумфирав со интелектуален, претприемачки или емотивен проблесок, но ми дал инает. Па така, во оваа армагедонска атмосфера, кога размислував да си направам листа на гости за мојот погреб, ми доаѓаат дури, две покани за на свадба. И, се премислив.

Чист цинизам, но не можев туку така да се предадам на Севишниот пред да ги видам најновите мајмунлаци на роднините. Не бива да се даде душата неинформирана, нели?!
Првата беше во една од најелитните ресторански градини во Скопје, каде што на мое ужаснување, присуствуваше голем дел од квази политичките и бизнис авторитети во државичкава ни распослана од Танушевци до Долно Дупени, така што гостите по својата гардероба и однесување изгледаа како да глумат учество на самитот во Давос, а не на семејна веселба. (Што е за право, јадење и пиење имаше да се нахрани пола Етиопија. По сите Ковид – протоколи.)

Она што од одма забоде очи беше дека речиси сите жени беа облечени во црно. Црно, најцрно на свет! Нема сјајни, весели детали, црнотија невидена! Мајката на невестата исто –и плус, плаче, ли плаче. Ја погреба ќеркава ли, што ли?! Сестрата на новосоцијализираната женка најмногу ми остави впечаток – ја ископирала Одри од „Појадок кај Тифани“ или разжалостена вдовица од „Истрага на местото на злосторот“, не сум сигурна.
Мажите исто така траурни. Темни костуми, со уште потемни кошули, вратоврски. (Џабе не вакцинираа. Чиповите се фалц.)

Второто релативизирање дека напредуваме во демократијата и удобноста на граѓанството беше фактот дека на оваа по сите прописи планирана семејна веселба, немаше деца!

Нови глупости

Отпосле „скапоцениот“ ми сопруг ми објасни дека на поканата било наведено дека нашето присуство е пожелно без деца и во формален дрес код. Да го прочитав ова, а не го прочитав зашто се уште не ми беа набавени новите очила од 125 денари што ги продаваше една „позната и призната“ дрогерија, ниту ќе им дојдев, ниту ќе висев од сабајле кај невестуљката.

Каква е таа свадба, која по сите нишани треба да е спонтан, емотивен одговор на среќата на блискиот, а која поставува правила?! Па, уште и без деца?! Кога нема деца, нема веселба. Децата се како добри духови кои носат, навестуваат барем, бериќет и радост во идната заедница.

Капакот, овие организатори, кои се очигледно последица на клановското одгледување на медиокритети со контролиран развој и воспитување, го ставија кога на венчавката, нашата надежна невеста и идна репродуктивка на потпросечни личности кои како и нивните родители, ќе напредуваат одејќи го патот на клиентелизмот изјави строго и надмено дека покрај своето, ќе го земе и презимето на сопругот, но со она – „ски“, а не – „ска“!

Џабе е кажано катаљарда пати дека уфилманиве госпожи со тоа „ски“, „ов“ во своето презиме само, се негираат себе си! Дека женскиот род во презимето е привилегија, идентитет, рамноправност, ретка ексклузивност што како нација ја имаме, а не „камењодизам“! Просто е: секоја жена чие презиме завршува во машки род всушност, негира дека е жена и дека и самата (освен, традиционално татко и) жали што не е родена како маж! Ај, што сама жали, туку се почесто жали што и ќерка и е родена како женско, па и неа ја обележува како машко со „ски“, „ов“?!
Нејсе, нека кршат глаа.

Втората свадба беше исто толку веродостојна колку и постоењето на македонската опозиција. Се заакавме во еден манастирки комплекс, каде што можевте и по тренерки и со посвоени кокошки да дојдете и плус, како друштво да пријавите бајачки, инструктори по бела магија, инстант пророци и сите автори на киоск – капитализмот што ви се во видокруг. Значи, верски објект, ала синдикалната зграда на Сопранови за време на новогодишните празници. Таму беа избрани скопјани кои носат мидер и црно фарбана брада, новинарки кои одат на „службени“ патувања како хостеси на политичарите и сите оние кои кога ќе чујат за некој трагичен настан велат „си го бараше!“

Штирканите плетенини

Не ја чув ни „Черешна се од корен корнеше“, кога ме зачека една стрина која полупијана едвај чекаше да ми раскаже зошто „некои“ не ме засакале никогаш. Зборуваше нешто од типот: “тоа што не им донесе миленца во мираз, никогаш не ти го простија!“ Боже господе, миленца, галички везови, колоритни ткаени черги имам да се тепа човек, но стринкава не можеше да ми објасни каде да ги ставам, во која од куќите што нејзината фамилија ми ги купи?!

Додека таа држеше тиради за мојата социјална неангажираност и неинвестирање во обебедувањето на поволен статус меѓу роднините чии имиња не ги ни знам, се појави и ѕвездата на манифестацијата: јатрвата на невестата дојде комплетно облечена во бело, помлада и поубава од дамата на вечерта. Чиста провокација!

Младенката пак, на која и беше очигледно најбитно што воопшто се омажила, си истера сопствен инает – облече балетанки и не се симна од масите на сватовите цела вечер. На крајот, новопечената сопруга, која си го задржа моминското презиме, беше толку пијана што ја однесоа на токсикологија, а некој во дречливо сино палто само дофрли: „ а се фалеа дека била од фамилија!“ Зетот (од „угледната и трезна фамилија“) ништо не забележа. Вечерта ја помина во еден ќош со две млади госпојци со вчерашна шминка на нив. Од некаде ми беа страшно познати, но никако не можев да се сетам од каде. А и не се напрегав премногу, следниот ден веќе ме чекаше погреб…

А до вечните ловишта се испраќаше еден стар, дебел и дволичен писател, публицист, собирач и издавач на десеттомна едиција на сопствени објавени, бајати новинарски текстови. На таа страшно спора церемонија се беше во манирот на нашето неталентирано и упорно бавење со едни те исти теми и потенцирање на се претходно кажаното.

Двајца негови помлади роднини зад мене нешто коментираа за покојникот. Увото ми го дофати само делот: „Бог не му даде ни луцидност, ни страст, туку само желба за саморекламирање, алчност за пари и жени. Ни една од тие негови ’славни’ љубови не гледам на погребов. Жена му се знаеше, а глеј ја, мислиш и таа ќе скокне со него во гробот!“
Фештата заврши со ретардираната практика на погребите на овдешните интелектуалци да им се чита поезија од Есенин, Лорка и Неруда, како да умрел тинејџер. Мене всушност, се ми беше халуцинантно. Сите тие ликови беа оние од свадбите, исто облечени, исто без никаков ред и поредок присобрани.

Десертни ТВ изданија

Попладнето веќе преморена од овие неколкудневни семејни дружби пуштив ТВ да видам дали светот е се уште на истото место. Ќе ме стрефеше срце!
Две водителки облечени во неглижеа, без чорапи и во такаречи, апостолки, седнале на карши еден кандидат за советник, будалетинка од локалните слаткарници, една бивша бајачка, испоцркана за внимание и за таа цел, преформулирана во некаков си граѓански душегрижник, една итра топаанчанка со сомнителни избори во минатото и бизнисмен, балкански контрабандит и, водат „сериозна“ дебата.

Се убив да сфатам што сакааат да кажат! На нашиве т.н. ТВ новинарки (машките пичови од слива, не ги ставам ни во муабет) ај, што им недостасува елементарно образование, тие имаат дупка и во визуленото поимање на себе си. Меѓутоа, дамла немаше да ме удри од визуелноста, ниту од муабетите што звучеа клако оној некогашен „снег“ после крајот на програмата, туку од тоа што тие беа истите две што на свадбата толку го забавуваа зетот што тој заборави дека се ожени со новатаопримената пациентка за детоксикација!

Не издржав веќе. Го подбрав „скапоцениот“ сопруг и го изведов на ќебапчиња. Испив една голема кригла пиво од која на заминување не бев сигурна дали е вистина тоа што го гледам или ми се причинува: на маичката на едно пет – шест годишно девојче со дречливи букви пишуваше „ грилс лове ХХХ 69“ !?

„Скапоцениот“ сопруг ми потврди дека натписот е тој и направи преседан: се согласи со се што потоа кажав. Поточно, испцув. Меѓу другото и дека веќе не одам на свадби и погреби и нема да гледам дебатни емисии со очајни удавачи и дебели новинари без и еден свој заб во устата, а влечкаат иста, невдомена швалерка 30 години.

Се додека истите не станат нормални. А, ако се заинатам доволно, можеби нема да морам на тоа да чекам уште пет века…

(Авторката е либерал – песимист.)

One thought on “Бранка Д. Најдовска: Две венчавки и погреб

  1. E многу ми се допадна овој текст. Додека го читав се чувствував ептем некако весело и лесно. Инаку со женскиве презимиња на – ски, мислам дека тоа им е од американските филмови, каде што, ради англискиот јазик, богатите вип дами, како дел од богати, најчесто Еврејски семејства, со потекло од Европа, се презиваат на – ски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *