Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Пораки врзани во панделка

Сите сакаме да даруваме речиси исто колку и да примаме подароци. При овие убави ритуали најважно е подарокот да се даде од срце и да се поведе сметка за вкусот и очекувањата на личноста која сакаме да ја израдуваме. Меѓутоа, преку него покажуваме и ние самите какви сме, нашите емоции, колку имаме дух, шарм, колку се трудиме, колку сакаме…

Подарувањето е уметност, бидејќи во малото, сјајно врзулче собрани се најубавите желби, чувства и пораки. Не е поентата само да се купи подарок, тоа го може секој. Финтата е во тоа да почувствуваме, да дознаеме тој некој кој го сакаме што посакува, што чувствува, на што се радува. Всушност, повеќето луѓе велат дека купувањето на подароци повеќе ги расположува, отколку кога ги добиваат. Психолозите тоа го објаснуваат со исконската потреба на секој човек да ги усреќи оние кои ги сака, а овие пакетчиња тоа го можат лесно. Така, ние даваме дел од себе на саканите. Подароците раздвижуваат убави емоции зашто никогаш не одат сами: во „комплетот“ се и прегратките, топлите зборови и честитките.

За жал, несебичноста во давањето, благодарноста во примањето, целата суптилна култура на дарувањето денес е по малку обезвреднета и обесмислена. Подароците стануваат се поскапи, а подарувањето се поефтино односно, се помалку ценето. Што е уште полошо, подарокот се повеќе го губи аспектот на давање на дел од себе – се повеќе се одомаќинува обичајот на нарачки на подароци, што во некои ритуали станува и правило. Така, веќе и кај нас се почести се младенците на пример, кои си составиле листа на желби поточно, порачки за сватовите во некоја продавница што дава такви услуги. На поканетиот му останува само да се појави на пропишаното место и плати за избраниот предмет. На овој начин, тој престанува да биде подарувач. Тој е спонзор или донатор, ако повеќе сакате. Подарок всушност и нема, само сметка што треба да се плати.

Мерлива љубов

Ништо подобра не е ситуацијата ни со децата. Тие денес растат во уверување дека константниот прилив на подароци е најсигурниот показател на љубовта. Неспособни да направат разлика меѓу внимание и поткуп. Заради фокусирањето на материјалната вредност на подароците тие не можат да ја разберат симболичната вредност и важноста на дарувањето.

Купувањето на подароци на нашиот подмладок често е и начин да си го ублажиме чувството на вина поради тоа што сме отсутни заради работата, секојдневните проблеми. Ваквиот образец на однесување велат експертите, е погрешен бидејќи ги учи децата дека вниманието што им го посветуваат родителите се мери со бројот на подароци.

Е сега, доаѓаме до „есенцијалното“: бидејќи им р’мбам 24/7 немам, ама ни грам чувство на вина, а патем, и сакам да ги послушам и професионалците, па така оваа година цврсто решив да не паѓам на она „ама сите имаат“! Што ќе рече, оваа Нова година домашнава ми младина ќе помине без неколку работи.

  • И покрај молбите и телешките погледи, нема ајфон! Ни ајпад, ни ајпод. Не е тинејџерката подготвена за вакви техникалии. Дури и да е – не е!
  • Нема куче! Да бидеме искрени: куче не е новогодишен подарок. Тоа се 15 години обврски, замотани во крзно. Да, да, слатки се и лесни за сакање, ама предодредено е да ви го скршат срцето. Затоа и се идеален подарок за Денот на вљубените.
  • Никакви кукли од 100 евра! Убави се да и идеални да стојат во продавниците како во музеј. Наместо тоа, ќе купам кукла од 5, 10 евра најмногу за да не доживеам нервен слом кога ќе ја ишишаат или расклопат да видат што има внатре.
  • Ама секако дека Ајронмен е закон! Меѓутоа, ние секој ден се среќаваме со вистински херои – лекари, пожарникари, наставници, пилоти… Не мора да измислуваме и лажни. (Сепак, не е воопшто убаво наместо голема вреќичка со слатки и грицки, на детето да му подарите еко – кутија со рендан морков, ок?!)

Впрочем, не мора секоја Нова година да биде иста: не мора децата да отпакуваат 19 кутии за да знаат дека ги сакаме, нели!? (Исклучок е ако бабите и дедовците ги купуваат подароците. Тогаш можат да бидат и 24 и да не ни е, ама баш ни малку грижа колку чинат.)

Скршениот бон – тон

Ситуацијата е уште погрда кога станува збор за празничните размени меѓу возрасните. Некултурата на подарувањето на овие простори се гледа и во процесот на одбирање и примопредавање – главно, ги заболе ноктето на малото прсте од левото стапало, кому и што подарувате.

Јас најверојатно, од мојот скапоцен сопруг и породот, ќе добијам уште еден предебел џемпер, 11 – ти во мојот шифоњер иако, џемпер облекувам еднаш во 5 години! (Ама од кај да знаат тие што носам, кога за нив сум само апарат во домаќинството!?)

Да бидеме реални: прашањето „што некому да му подарам“ честопати е многу комплицирано. Што некому навистина му треба?! Што тоа, некој навистина сака?! Што од работите кои ги сака и му требаат, ги нема?!

Доколку не сакате да подарите работи што некому му требале, а не ни знаел дека му требаат, вековите на еволуцијата овие наши одлуки ги имаат многу поедноставнето во изборот. Што ќе рече, никогаш нема да згрешите, ако подарите предмети што некој ги собира, нешто што личи на нешто, што некој секојдневно го користи, а се троши или изабува, книга.

Всушност, бон – тонот на подарувањето главно го кршат три сорти на луѓе: оние кои едноставно, не сакаат да размислуваат за подароци, оние кои не размислуваат „што е тоа, што некому би му требало“ туку, „што е тоа што јас би подарил“ и оние кои се обидуваат со подарокот некого да превоспитаат.

Кај првите, дијалогот во овие глави отприлика оди вака: „колку години има, 28? Ќе му ја купам книгата ’Што да правите со себе на 28 години?’“ „Кое годишно време сме, зима? Ќе и купам џемпер бидејќи во зима потребен е џемпер!“ „Што пие, пиво? Ќе му купам ѕвонче на кое пишува – заѕвони за пиво!“

Вторите пак, секташки заговараат одредени предмети и ја користат секоја прилика да ви ги натурат. Како стапчиња за ароматерапија од француски голи полжави, кои секако, се чудотворни и лечат секаква болест. Проверено! Такви веќе имаат подарено на дузина! Тоа што сте астматичар да речеме, кој најверојатно нема ни да се разбуди следниот ден, ако ги запали вечерта за нив просто, нема врска со здравиот разум.

Третите се најмрзеливи, но и најегоцентрични. Таквите на брадест маж ќе му подарат брич, на полничката сопруга членска карта за во теретана и инстант напитоци за слабеење, вратоврска на несредениот тинејџер, врамена слика на која сте вие и роднината со кого не зборувате една деценија, вага за во купатило, патување за двајца на местото каде што сака подарувачот да оди…

Преживување на први

Што и да биде, како и секогаш, за себе знам дека мачките и кучињата што ми се под тераса ќе бидат нахранети, старите алишта ќе ги донирам, ни еден бездомник тие денови нема да биде прескокнат, непотребните играчки и сликовници ќе заминат во детските оддели на болниците, ќе ги посетам пријателите и роднините кои живеат сами… Со маска. И средство за дезинфекција.

А што и да ми подарат, со благодарност ќе го примам. Ќе си мрчам во себе секако особено, на даровите од богатите и студени ми роднини. Подароците ќе ги преживеам и овој пат, но не сум сигурна дека без трауми ќе ми помине и први јануари!? Затоа што за нас, „домашарите“, ништо и овојпат нема да се промени.

Повторно глупави новогодишни ТВ „пригодни музички емисии“ со изветвени ора и песни, екран со логото на медиумот со накривената капа на Дедо Мраз, монтиран дигитален снег, изветреани јавни личности раскажуваат како го украсиле својот дом, брзи рецепти што кога вие ги подготвувате дома траат по пет часа, филмот „Сам дома“, некои луѓе кои аплаудираат на класична музика, ски скокови… А во Охрид не ти се оди. Па, сите скопјани се таму.

На крајот, како и секоја година, се ќе биде во ред. А во моментите на збоктисување и од празници, подароци и нивното толкување од разни познавачи и аналитичари, само помислете на оние кои не се толку среќни или се помалку среќни и благословени од вас. Здивнете, размислете за своето семејство и бидете благодарни на она што го имате. И на она што ќе дојде…

 

3 thoughts on “Бранка Д. Најдовска: Пораки врзани во панделка

  1. Наместо ко твоите врснички да чекаш внуци, пензија (а како што слушам и да умреш), ти напраи сајт.Честитки генерацјо! Сајтот е ко тебе посебен за одбрани луѓе!

  2. “Luda”, ubava, voin! Ari mi kaza za sajtov. Odlicen, originalen ko so i te lici! Pozdrav od London, imas sega mail, mob, javi se!

  3. Баки, сите сме на различни мрежи. Јас само на Reddit. Имаш се на mmail. Пиши, организирај не на вибер да се тркаламе од смеење!~ Браво за сајтот! Допрва ќе ги пореметиш. Одлични колумнисти! Оние Ноне и Игор ти се сјајни! Ајде да се кревељиме на вибер! Имаш голем поздрав од Црногорецот!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *