Сутерен.мк

Бранка Н. Доневска: Зошто мажите силуваат?

Да, не се сите мажи сексуални предатори, но сите сексуални предатори се мажи

Зошто само мажите можат да се враќаат ноќе пешки, сами дома, без страв? Зошто жените треба да избегнуваат сокачиња, темни ходници, ноќни автобуси, празни паркови? Зошто само женскиот пол не треба да ја отвора секоја порака на социјалните мрежи, да не одговара на секој телефонски повик, да не разговара со непознати? Зошто само ќерките, внуките, сестрите, снаите, сопругите, мајките треба да се на штрек од членовите на најблиското семејство, од оние во кои би требало да имаат најголема доверба?

Кој е најголемиот непријател на се што е женско?
Мажите. Не сите мажи, но мажите.

Ми раскажува еден внук, баеги корпулентен, редовен „трчач“ низ скопските карпоши:
„Прв пат ви го сфатив стравот пред некој ден. Ме фати с’клет некаде после два по полноќ, па викам, ќе одам да се истрчам, да ми помине стресот. Се клацкам едвај низ Лептокарија, кога пред мене девојка, сама. Кога ми ги чу чекорите, забрза, па се здрви, па пак забрза… Буквално, и го гледав уплавот од мене. Ми доаѓа да и кажам да не се плаши, не сум никаков манијак, само будала кој не може да спие, ама како?! Намалив со темпото, стана бетер – почна уште позабрзано да оди и на крај седнав на банкината, за да и дадам на знаење дека не сум никаква опасност за неа. Ме порази сознанието колку беше уплашена. Од мене. Од самото тоа што сум маж, кој е во нејзина близина толку доцна.“

Или, пријателка воодушевено ми раскажува дека таксист во четири наутро ја чекал прво да влезе безбедно во зградата, па од станот два пати да му кликне со сијалицата за да биде сигурен дека е ок, за дури потоа да си замине.
Што ќе рече, дури и мажите знаат дека ни се заканува опасност од мажите.

Зошто бе, некому да му збудалува срце од чукање, да му се препотуваат раце, да се тресе од паника, да има кошмари и немир и стравови и непријатност, само затоа што е женско?

„Види, ние мажите сме такви: ги силуваме автомобилите, жените, силеџии сме од кога е веков“, ми дрнда еден познаник.
Па, ако е така, вие не сте луѓе. Не сте ни животни, бидејќи ни во животинскиот свет силувањето не е толку често всушност, многу е ретко и е ептен заради еволуциски причини. Да ве затвораме по кафези тогаш.

Физички сте посилни, имате повеќе пари, владеете со светот и силувањето ви е “омилен” спорт. Тоа најдобро се гледа во војна, кога сите кочници ви попуштаат. Или во патријахални средини.

Во 2012 година, 23-годишна студентка групно е силувана во преполн автобус во Делхи и никој не мрднал со прст.
Таа умира неколку дена потоа, од последиците од ѕверскиот чин. Групни силувањаp се случуваат во Њујорк, Камбоџа, Конго, Косово, Македонија…

Во скопски автобус јавно се „трие“ маж од девојче пред очите на сите и никој не реагира.

Според светската статистка, на секои 15 минути се случува по едно силување (според пријавите).

Луѓето не се острови. Мажите сепак, не се од Марс. Некој ги направил такви.
Нашите баби, мајки, ние. Нашите дедовци, татковци, браќа, другари.

Сите оние кои велат: „ако беше машко се ќе ти препишев, облечи фустан, женско си, покриј се, легни му, ако сакаш мир во куќа“… Мајките со машки деца кои ни порачуваат „не провоцирајте со облека, стегнете ги со завои градите, изгаснете нотификации“… Сите тие се соучесници во злосторството. Сите што не веруваат во машката стерилност.

Машките не добиваат никакви информации за сексот освен, по спортските соблекувалници. Машките деца од бебиња се злоставуваат со намерни и сосема штетни ерекции – „да видиме колку му расте курето“ и подоцна, се до пубертет речиси, со поттикнување на сексуална желба што не ја разбираат – инсистирање на хетеросексуалноста и т.н.

Мажите ги учат дека имаат право врз жената. Дека таа е само предмет. Што е уште пострашно, и нивните мајки најчесто го мислат истото. Општеството само се лепи на ова. И никој, ама баш никој, не размислува колку со ваквите „упатства“ создава несреќни, не луѓе, ами цели семејства. (Среќна мајка значи, среќни деца, а за мајкината среќа најзаслужен е сопругот.)

Силувачите не се некои непознати монструми (тоа е статистички, ретко), манијачишта од подземјето, туку луѓе од најблиското опкружување.

И просто ги слушам „оние верничкине домаќинки“ како збеснато вриштат : „Ако не мрдне лисицата со опашката, ако не провоцирала, ако не се бутала…“

Настрана што на овие дијаболи не можеш ништо да им објасниш, тука ни ластегарка не помага, туку треба да им се забрани пристап на интернет, зашто за што ќе дебатираш: дека силуваната 80 годишна жена била „курвински“ облечена или дека 2-годишното бебе или петгодишно девојче го испровоцирало силувачот? Со што? Со пелените?

И зошто, секогаш кога ќе пријавиш дека некој истрауматизирал некое мало, големо девојче во автобус, влез, парк, дома покажувајќи му нешто, што не се покажува без согласност ни на баба, тие истите власти и заштитници на граѓаните, кои ги плаќаме да не штитат, само одмавнуваат со главата: „Пушти го будала.“
Ние сите, тој, будалата, го негуваме. Насилството. Со ќутенката.

Само кога машко дете е силувано покажуваме искрена загриженост. Само кога некоја протува е сторител, реагираме. (Иако, 52 отсто од злоставувачите на деца се оженети, семејни, солидно образувани личности. И речиси никогаш, не се тоа душево болни луѓе. Напротив.)

Во еден експеримент (Centro Europeo Neurosalus & Doctortesta) на улица е оставена „пијана“ девојка која бара помош за ориентација од мажи. Ниту еден, ниту еден од мажите кои ќе ги замоли да и позајмат мобилен за да се јави, не и излегува во пресрет. Уште полошо, сите се обидуваат да имаат сексуален однос со неа, што е можно побрзо и без премногу „замарање“ со тоа, која е и што е и каков проблем има.

Никаква „праисториска“ желба за репродукција не стои зад силувањата (рековме, зошто тогаш силуваат бебиња и старици), никаква провокација (силуваат и во радикалниот муслимански свет), никакви чудни манијаци не се во прашање (тоа се најчесто познати, блиски луѓе), никаков недостаток на секс не го предизвикува ваквото насилство (силуваат и оние кои се сексуално популарни)…

Зошто мажите силуваат?
Затоа што татковците им го дозволуваат тоа, а мајките не го спречуваат.
Не се сите мажи насилници, но сите жртви се жени.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *