Една сцена од нашиот „златен лав“, филмот „Пред дождот“, верувам, засекогаш ќе ми остане во сеќавањето. Зошто и која е сцената отприлика, изгледа вака:
- Главниот лик е во некаков судир со своите роднини, жители на пола патот за никаде. Мотивот за судирот и не е толку битен. Битен е фатализмот на филмскиот јунак – на заканата од својот роднина дека ќе му пука, па дури и в грб, ако не застане, овој помирен со сиот безначаен свет преполн недоразбирања, предрасуди и човечки слабости, вели: „Пукај бе, братучед! Пукај!“
- Во следната сцена, млада девојка заради истите предубедувања, недоречености и немање храброст за соочување со својот одраз во огледалото, бега од сличен нишан. Две мртви тела, со нашка приказна. Двете, под исто небо, од кое истура дожд, кој значи род, но и тага. Во фон оди музика. Филмска музика која „по правило“ би требало да ја дообјасни сликата, дооформи дијалозите, допрошири фотографијата.
- Сцената е кога се разлева „Со маки сум се родил…“ Дождот истура, двајца лежат неподвижно на земјата, а нечиј топол, мек, пригушен глас ве потсетува на длабочината на земјината утроба, на сите неодговорени прашања, на ветувањето на среќа што некој некому го дал и никогаш не го исполнил, на едноставноста на битисувањето, на се она што сте можеле, ама никогаш не сте станале, на сите пусти сништа!
- Таа музика, поточно, тој глас, не е фон туку, филм во филм, сегмент без кој ништо немаше да биде така како што беше, зашто во него е усвитеноста и елеганцијата, оплакувањето и воспевањето, жалоста и жртвата. Како црвено кадифе што студено ви го обвиткува срцето, отмено покажувајќи ви дека неговата душа ја имате на дланката, која токму заради тоа не можете и да ја затворите. Зашто едноставно, дланката ви е премалечка!
- Гласот, тој универзум сам за себе е на Вања Лазарова.
Некои, за прв пат токму тогаш го слушнаа нејзиното име. Некои, си приспомнија, некои воздивнуваа, некои се расплакаа, а многумина рекоа: „Ете, дојде и на Вања времето!“
Госпоѓата Лазарова на тоа има само кус коментар: „Ех, така е како што е. Некому порано, некому подоцна… Впрочем, за се има причина.“
Веројатно, тоа е едно од правилата за освојување на вечноста – гласност, што е можно потивка.
Забранети нешта
Вања Лазарова е тивка жена. Тивка, во нејзината величина и толерантност, во хоризонтите со кои не се расфрла, а кои се непрегледни.
Родена е во Страцин (Кривопаланечко), во 1930 година, во семејство кое му припаѓа на средната класа, но кое и тогаш го знае вечното правило, дека на младоста му припаѓа светот.
Така, од најрани години на Вања и се всадува отвореноста за комуникација и прифаќање на другите околу неа, такви какви што се, широчина што не ја изгубила до денес.
Покрај татка си, тогашен народен пратеник, ќе почне да патува (се уште и е незборавно првото патување со воз на релација Куманово – Белград) и ќе го види светот, а од мајка си ќе ги наследи умешноста околу женските ракотворби, вербалната наративност и љубопитноста.
И двајцата родители и се ортодоксни играорци и пеноспојци, едниот брат свирел на гитара, другиот на хармоника а Вања…
Вања оди по седенките особено, зимските, кога се преде волна, памук и свила и слушајќи ги постарите роднини и познанички, ги учи старите македонски песни, оние што со векови се пренесуваат од уста на уста и никогаш не занемуваат.
Наклонета уште од тогаш, кон љубовните, тажните, копнежливите…
„Да, да… Мојот репертоар е претежно со љубовни песни. Има нешто жетварски, малку печалбарски и неколку комитски. Повеќе ми лежат љубовните… Преку нив експресијата ми е поголема. Тоа е посебен сензибилитет, посебно доживување и душевност. Јас кога пеам ја гледам целата слика на песната, сета приказна и тоа поминува низ мене, го доживував тоа нечие искуство. Тешко ми паѓа тоа. Ме исцрпува и страшно вознемирува. Затоа ми се поблиски овие ’посекојдневните’, чувството што му е блиско на секого. Тагата.“
Лазарова ќе стане и самата тажна жена многу подоцна. Во своето младештво, таа е немирен дух, уметник, кој го бара двојот најдобар медиум. Веќе ученик на учителската школа, со своите 13 – 14 години учествува на својот прв јавен настап: на Југословенскиот фестивал во Белград, на Ташмајдан, каде што ја добива првата награда со песната „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“. Инаку, не оти ќе отидела на Фестивалот (во тоа време семејството Лазарови се преселува во Куманово, а од таму и познанството со чалгијата Аки, кој работи во Радиото и ја „открива“ Вања), ама ја „прелажале“ дека ќе патува со воз.
Тоа и е првиот и јавен, соло настап (пред тоа ја слушале само најблиските и кога пеела во училишниот хор).
Во исто време, нејзиниот професор по музика (таткото на Драган Ѓаконовски Шпато), препознавајќи го несовладливиот талент на младата девојка, од свој џеб и купува виолина, сакајќи да и го охрабри духот и дарбата! За прв пат, Вања се судрува со „правилата“ за градење на прифатлив општествен статус. Татко и е категоричен: „Ти си слободна личност, но нема да дозволам да свириш по кафеани и свадби!“ До ден – денешен тоа за неа важи.
„Можеби татко ми беше по тоа прашање престрог, но на некој начин и ми е мило поради тоа. Никогаш не ги запознав свирките во кафеаната, свадбите, крштевките… Душко (нејзиниот сопруг, етномузиколог и нејзиниот најдобар познавач, нов.заб.) исто така имаше против тоа. Фала му за тоа, зашто не ја изневерив македонската песна, не го изневерив својот народ и можеби најважно, не се изневерив себе си.“
Меѓу рачно ткаените свилени чаршафи, приказните, светот и авантурата, се појавува и конкурс за нови хористи во Македонската опера. Нашата соговорничка се пријавува и добива признание од Прокопиев и Скаловски. Прв настап и е во „Кавалерија рустикана“. Фаќа високо „Ц“ без проблем, нокако што вели, бидејќи трошоците за оперска кариера биле за неа превисоки, оди во Државниот ансамбл „Танец“, учествува во театарски претставим па дури ќе отиде и на „Дубровничките летни игри“…
Стапува во брак со Душко Димитровски (инаку, долгогодишен уредник во Редакцијата на народна музика на Радио Скопје, но кој и сега, иако пензионер, се уште е секој вторник во Радиото), кој се вработува како новинар во штипска „Македонка“, а таа во општинскиот комитет.
По некое време, се враќаат во Скопје. Лазарова е вработена во Дирекцијата за култура и уметност и ги води КУД „Македонија“ и културно уметничкото друштво при Сојузот на слепите. Инструктор е и во КУД „Орце Николов“, а со „Танец“ ќе ја пропатува целата планета, пеејќи и пред еден Черчил и англиската кралица! Пее и дуети со Никола Бадев, Кирил Манчевски, Симеон Гугуловски…
„Тогаш имаше ’лепеза’ од пејачи: Васка Илиева, сестрите Мавровски, Драгица Николова, Блага Видец… Можеше човек да бира кого ќе слуша! Лично, најголема чест ми има направено Мирвет Беловска. Ме сретнува на улица и ми честита за интерпретацијата на ’Петро, Петролинке’. Тоа беше ’нејзина’ песна. Кога ми рече дека многу убаво сум ја испеала, како цел свет да ми го подари. Како сета македонска песна да сум ја заслужила.“
Тагата е храброст
Сепак, нејзиниот глас, кој е и лирски сопран и мецосопран и алт… останува некаде помеѓу. Во сенка, но не туѓа, туку во своја, скриена во делата на Достоевски, везовите и прегратките на семејството. Мирот е тука, а за славата нека се грижат другите.
Се до кобниот момент, кога и умира постариот син.
„Васил беше многу болен и не можеше да зборува, но кога ќе ја чуеше на радио ’Со маки сум се родил’ даваше со раката знак да го исклучиме радиото… Затоа таа песна ми е до денес најважна. Другиот син Зоран, да ми е жив и здрав, ми е радоста во животот, но мајка, може ли да преболи смрт на чедо!? Кога умре син ми престанав сосема да пеам. Еден ден го сонував. Ми вели: ’Сакам да имам нешто од тебе. Запишани твои песни.’ Така, заради него после години повторно запеав и го снимив првиот албум со помош на Мирко Стефановски и мојот Душко“.
Вања тука се расплакува, ја здоболуваат сеќавањата за недорадуваното, за болката по откинатата утроба која оддамна ја нема.
Оваа наша пејачка икона зад себе има неколку носачи на звук. Последниот е „Ритмистика“, проект за кој како што вели, заслужни се и сопругот Душко, Кирил Џајковски, Иво Јанкоски… Сите кои работеле со неа: Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ, Златко Ориѓански, Ристо Вртев… Нема толку новинарски простор за да се споменат сите на кои Вања сака да им се заблагодари. Најмногу, најмногу фала сепак, вели, на нашиот народ, кој ја создал таа музика и зачувал таква – каква што е.
Лазарова е жена што го чувствува модерниот дух. И приоѓаат личности од најразлична возраст, па и оние кои бараат да им се потпише на училишните ранци. Таа е таа која ја врати во „мода“ изворната ритмистика во старите – нови вени.
Не пее на плеј – бек и не ја лаже публиката. Помага секаде кога има можност за тоа. Не пропушта хуманитарен концерт, ниту да ја подаде својата топла дланка каде што ќе почувствува дека е потребна.
Не го чита Андриќ. Вели: „Се навикнавме на готови дефиниции и мислења. Андриќ е преопширен за денешнинава. Читам весници.“
Не везе веќе.
Очите секој ден се повеќе и повеќе се затвораат од дождот што не престанува со години.
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2001 година