Една нескротлива жена е родена на денешен ден! Била незапирлива како во професионалниот, така и во приватниот живот. Танцувала во лелеави фустани со широк крој, што и овозможувале целосна слобода во движењата и имала врски со мажи и жени, кои не и замерувале ништо, но заради истите, целото општество се потресувало! Е…
На денешен ден (а можеби и вчера) пред 144 години родена е Исидора (или Исадора) Данкан, која со своите смели потези и пркосот на стереотипите, борбата за прогрес и ослободување на жените од очекуваните општествени улоги, ги удри темелите на модерниот балет!
Родена е во Сан Франциско, како најмлада од четирите деца на инжињерот и банкар Џозеф Чарлс Данкан и пијанистката Мери Исидора Греј. Татко и е обвинет за финансиски малверзации, родителите и се разведуваат, Исидора расне во голема сиромаштија…
Како десетгодишна го напушта училиштето и почнува да им дава „часови по танцување“ на децата од нејзината улица. Всушност, импровизира со и во танцувањето од најрана возраст, користејќи ја „кореографијата“ од сопствената фантазија што подоцна и тоа како ќе ја усоврши.
Со години ќе се пријавува на аудиции за конечно, да ја вработат во танцовата трупа на Аугустин Дејли во Њујорк, каде што некое време ќе вежба со славната балерина Мари Бонфанти.
Американската сцена брзо и здосадува, па во 1898 година се сели во Лондон каде што почнува да ја гради својата танцова кариера. Во Берлин во 1904 – та основа приватно школо за деца, од коешто ќе посвои дури шест деца!
И покрај тоа, со театарскиот сценограф Гордон Крег ќе ја добие ќерката Диадри Беатрис во 1906 година, а со наследникот на машините за шиење, Исак Сингер, синот Патрик Аугустус после четири години, но со ниеден од нив не се венчала. Голема трагедија и се случува кога во сообраќајна несреќа, во 1913 – та, ќе ги изгуби и двете деца.
Следната година ќе роди уште едно дете, син од италијанскиот кипар Роман Романели, но бебето умира набрзо по раѓањето.
Критичарите ќе ја сакаат и ќе го оспоруваат нејзиниот талент. Сеедно, таа ќе им биде инспирација на еден Огист Роден и Сергеј Есенин!
Есенин кога се вљубил во Исидора бил 18 години помлад од неа!
Турбулентаната и страсна врска меѓу поетот и балерината ќе се круниса со брак во 1922 година, но тој ќе заврши после три години по што Есенин ќе се обеси со шалот на Исидора.
Данкан во меѓувреме, работи на еволуирање на балетските движења т.е. секое движење да биде органски продолжеток на претходното. Нејзиниот танц го карактеризираат силата на промените, апстракцијата и ослободувањето. Во танцовите рутини користела трчање, потскокнувања и многу други енергични активности…
Балерината која со својот талент, харизматичност и храброст го смени светот не само на танцот, туку и на жените, својата интимна тага ја лечела со бројните љубовни афери и со алкохол.
Па така, на 14 септември 1927 година, на улиците на Ница, Франција, долгиот шал ќе и се заплетка на тркалата од кабриолетот во којшто се возела и ќе и го скрши вратот. Се друго е останато во нејаснотии…
Светот по нејзинта смрт е шокиран, а посвоените ќерки продожуваат да ја шират нејзината метода за танц на новите генерации. Денес Исидора Данкан се нарекува мајка и основоположничка на модерниот балет! Каде и да се случува тој…