Сутерен.мк

Влада Урошевиќ: Поетот на градот напиша фолклорен роман

  • Вашиот најнов, петти по ред, роман (издание на „Магор”), носи недвосмислено фолклорен наслов: „Невестата на змејот”, а и неговата приказна е, несомнено, фолклорна. Вас критиката многу често Ве наречуваше „поет на градот” и Вашите теми, и во поезијата и во прозата, беа секогаш урбани. Како сега се јави кај Вас оваа желба да се доближите до фолколорната традиција?

– Мојата генерација, таканаречената „трета македонска повоена генерација”, која навлезе во литературата во втората половина на педесеттите години од минатиот век, од еден специфичен спој на македонскиот фолклор и на современиот поетски израз создаде свој заштитен знак. Во тоа време јас бев еден вид толкувач на тенденциите на генерацијата, ги објаснував делата на тие творци, ги истакнував особеностите, укажував на иновациите што тие ги носат. И, особено, ја бранев таа свртеност кон традицијата. Воопшто не бев „фолклорен тип” писател, но ја разбирав таа потреба од надоврзување на далечните корени и, можам да речам, ја охрабрував кај моите врсници таа насока. Во 1959 година го објавив текстот „Во знакот на јужните соѕвездија” каде што го најавив доаѓањето на оваа генерација и ги потцртав ваквите нејзини склоности, а во 1963 излезе мојата антологија на помладата македонска поезија „Црниот бик на летото” каде што се изврши инаугурацијата на овој нов поетски бран. И секаде ја истакнував врската на овие поети (од кои многумина се уште немаа објавено ни прва книга) со народниот песнопоец и раскажувач. Ете, тоа би можела да биде една од врските што го објаснуваат присуството на фолклорот во овој мој најнов роман. Сега, кога ги вртам моите стари тетратки, во кои ги бележев миговните поттици, наоѓам на повеќе места рудиментарни облици на идеи за преплетување на фолклорниот исказ и современата тематика. Многу долго време се носев со мисла да го направам тој спој. И, конечно, се решив – седнав и напишав еден „фолклорен роман”: една мома е грабната од змеј, нејзиниот брат поаѓа да ја ослободи… Но, за разлика од оние кои со фолклорот се сретнале уште од најраното детство, кај мене постои еден вид дистанција помеѓу двете искуства – она од древните времиња и ова што сме го стекнале низ допирот со современата цивилизација. Тоа донесува до емотивна двојност – кон тоа искуство на далечните предци ние денес чувствуваме и носталгија, но и иронија. Во една епизода од мојот роман две личности доаѓаат пред еден ан. Едната го чита називот: Ан „Кај Ќелешот”. А другата коментира: „Не ми се допаѓа називот, некако е премногу фолклорен.”

ПОСТМОДЕРНИЗАМ

  • Колку е тоа поврзано со движењата во современата светска литература? Постмодернизмот беше градење врз некои поранешни книжевни искуства, нели?

– Тоа поранешно искуство кај мене, во случајот на „Невестата на змејот” беше македонскиот фолклор. По повод постмодернизмот често се зборува за „поетика на читатноста”. Кај мене, во овој роман, тоа е очигледно – тој почнува и завршува со еден цитат преземен од волшебните приказни на Цепенков. Но, во книгата постојат и други цитати – некои се јасно кажани а некои читателот треба сам да ги открие. Една личност го зема за својот лозунг – како боен извик што го извикува во драматични ситуации – зборот „Палимпсест”, а тоа е термин кој означува низа од текстови што се стругани и бришани врз старите пергаменти за врз нив да се напише нов текст. Впрочем, јас ја употребував таа техника во мојот прв роман „Вкусот на праските”, излезен во 1965 година, во време кога не само што зборот „постмодернизам” се уште не беше измислен, туку кога таквите тенденции се уште не беа ни регистрирани од критиката и теоријата на литературата .

  • Работите со компјутер, но на Вашата работна маса се уште е машината за пишување. Колку компјутерот му помага на писателот?

– Долго време имав отпор кон компјутерот. Опстојував како „старовремски писател”, сметајќи дека машината не може многу да значи во еден творечки процес. Помладите писатели – честопати мои некогашни студенти – ме убедуваа во предностите на ова ново средство за пишување, но јас се противставував. Ми беше, пред се, туѓа помислата дека треба со едно очигледно итро ( и подмолно) суштество какво што е компјутерот да ги споделувам миговите на создавањето – тоа ми се чинеше како еден вид обесветување. А потоа, тука беа и старите навики, инерцијата, инаетот… Но, сепак, модерните времиња победија – научив да работам со компјутер (не премногу, но колку да отчукам текст и да го подготвам за печатење), и ги сфатив предностите. Сега веќе почнуваат, се чини, да навлегуваат некои нови елементи во мојата постапка на пишување – текстот станува нешто што постојано може да се менува, се е подложно на промени, на додавања, дури станува тешко да се рече: Доста, ова е конечната верзија!

  • Вашата сопруга Тања е познат преведувач на руската литература, а последниве години објави и два романа и поголем број раскази. Како се согласуваат двајца писатели во една куќа?

– Никогаш не ни бил проблем да се сочува толерантноста кон природата на другиот. Секој од нас го работи она што го намислил, а другиот дознава што е тоа само кога ќе биде поканет да го чуе или сам да го прочита. Кога некој од нас двајца работи врз превод, тогаш низ размена на мислења доаѓаме, често, до подобри решенија – некој збор, некоја реченица предложени од другиот помагаат понекогаш далеку поефикасно отколку вртење на многу речници.

МЛАДИ СИЛИ

  • Ќерката Вана е сликар. Дали таа барала начин на изразување што ќе се разликува од оној на нејзините родители?

– Многу рано таа се реши да се посвети на сликарството и уште пред да се запише на Академија со многу енергија се здобиваше со потребните знаења. Никогаш не сме се мешале, ни Тања ни јас, во нејзиното одбирање на идната професија. Навистина, сите тројца заедно ги обиколувавме музеите и галериите низ Грција, Италија, Франција, но Вана самостојно, без нашето мешање, го одбра својот пат. Ние само се радуваме на нејзините остварувања.

  • Дали успевате да го следите она што се создава во сегашниот миг од македонската литература?

– Правам напори да бидам во тек, да бидам запознат со позначајни остварувања во вистинско време, да ги насетам новите насоки. Се распрашувам кај помладите колеги што има ново и го читам она на што тие ќе ми укажат. Ме радуваат книгите на новите, млади поети, на новите прозни писатели. Мислам дека е мошне забележлив приливот на младите сили во книжевната наука – имаме извонредни млади работници на тоа поле, цела една плејада. Мене особено ми е драго што поголемиот дел од нив биле некогаш мои студенти и што ги знам од нивните најрани почетоци.

  • Колку современата македонска книжевност се вклопува во тековите на она што се случува на еден поширок план – во Европа, во светот?

– Убеден сум дека во книжевноста имаме вредности што заслужуваат да ги минат границите на Македонија. Тоа што тоа не се случува во доволна мера е резултат на се поголемата комерцијализација која завладува во областа на издаваштвото насекаде низ светот.

  • Колку тој процес е присутен кај нас?

– Ние сме ограничено јазично подрачје, и тоа е еден хендикеп. Но, од друга страна, фактот што кај нас никој нема да се вклучи во издавањето книги сметајќи само на голема заработувачка, не спасува од некои негативни последици на објавувањето книги кое носи само пари. Парадоксално, но малиот пазар ги чува, на извесен начин, уметничките вредности на книгата.

  • Колку е денес поетот пророк, искажувач на големи вистини?

– Патетичната поза на поетот како голем пророк, некаков народен водач денес е демодирана. Таа кај нас се уште постои, а инаку во светот поетот се повеќе сфаќа дека е отфрлен на маргините на општеството и неговиот хумор, може да се рече, е негова мала одмазда кон таквиот став на општеството. Тој самиот, преку хуморот, иронијата, подбивањето се брани себеси и својот интегритет од наложената улога на некаков трибун. Нема повеќе трибуни. Поетот веќе не е трибун. Тој е нешто друго. Поетот е еден создавач кој твори во полутемнина. Дали неговите зборови ќе дојдат до светлината на денот, тоа е друго прашање, кое можеби поетот не мора и не треба да си го поставува. Повеќе не постои начин поезијата да дојде до она што се вика „широки народни маси“.

НОСТАЛГИЈА

  • Во Вашето творештво значајно место му посветивте на Скопје, но на она од вашето детство. Зошто не пишувате за денешно Скопје?

– Носталгијата е она што ги бои моите записи за Скопје и очигледно е дека многу повеќе ми поаѓа од рака да пишувам за едно Скопје кое повеќе го нема, за едно Скопје од моето детство, кое се обидував, колку што е можно подетално да го пренесам, отколку да пишувам за денешно Скопје. Тоа би ми било многу потешко. Мислам дека прво жалиме за својот живот што изминал, а потоа жалиме за материјалните докази за тој живот кои нам ни се одземаат. Искрено ги марзам урбанистите кои немаат чувство за нашите лични сеќавања и за тие чувари на нашите сеѓавања кои се претставени низ такви објекти. За овој наш град поопширно зборувам во книгата на Владимир Јанковски, но накусо, јас знам дека во еден град промените се неминовни. За жал, Скопје немаше урбанисти, ниту политички одговорни луѓе кои го сакаа овој град. Повеќето од нив, мислам на политичарите, беа дојденци од провинција и тие во длабочината на своето битие го мразеа Скопје. Го мразеа и сакаа сето она што постоеше пред нив да го избришат. Тоа е карактеристика на нашиот град, тоа уривање на се што претходело. Бришење на сите знаци. Не од денес. Тоа сигурно трае 20 векови. Постојано се уриваат сеќавањата на минатите генерации.

  • Како е презимето Урошевиќ дојдено во Македонија?

– Мојот дедо по мајка, дошол со семејството од Пожаревац во Крушево во 1915 година, а три години подоцна се преселиле во Скопје. Беше општински чиновник, но една многу необична фигура. Еден посебен чудак, еден оригинален човек кој се интересираше за многу нешта. Јас се сеќавам колку многу се интересираше за парапсихологија, за сите видови на таинствени нешта. Истовремено, тој беше прагматичен човек, кој успеа да создаде еден голем имот во Скопје, кој се простираше таму некаде каде што денес е Педагошката академија. Потоа имаше едно лозје на Водно, многу плацови, неколку куѓи за издавање и така, може да се рече, беше еден имотен човек. Многу ми е жал што по неговата смрт не зачував една голема тетратка што со виолетово мастило целата беше исцртана и испишана со бројки, каде што тој правеше обиди да создаде перпетуум мобиле. Дедо ми исто така, се интересираше за далечните нешта, за механиката на вселената, за далечните егзотични краишта и, сето тоа, на определен начин, го пренесуваше и на мене. Се сеќавам како во најголемата немаштија, во Втората светска војна, кога немавме што да јадеме, тој ми велеше: „Слушај, кога ќе заврши оваа војна, јас и ти ќе отпатуваме со брод во Америка.“
Татко ми е роден во Гњилане и доаѓа во Скопје во 1918 година за да заврши гимназија по што се запишува на Скопскиот факултет, но сите негови блиски се починати истата година од „шпански грип“, така што тоа семејство на Косово веќе не постои. Со мајка ми се венчаваат во 1927 година и покрај мене, имаат и ќерка, сестра ми, која живее во Белград.
Татко ми, кој беше географ – етнограф, непосредно пред Втората светска војна веќе беше докториран и беше доцент на тогашниот Филозофски факултет кој беше клон на белградскиот универзитет. Кога 47-та се врати од воено заробеништво во Германија, каде што помина пет години, беше повикан од македонската влада да дојде во Скопје и да помогне во создавањето на скопскиот Филозофски факултет, почетокот на македонскиот универзитет. Татко ми се одзва на таа покана, така што ние, по прогонство од шест години повторно се вративме во Скопје. Меѓутоа, веќе ништо не беше исто. Барем не, за мене.

  • Зошто?

– Животот во куќата на дедо ми во Дебар маало на мене остави голем впечаток. Дедо ми имаше многу деца: имав тројца вујковци и три тетки. Тоа беше едно големо семејство во кое постојано некој доаѓаше, заминуваше, постоеше еден многу интензивен живот во самата куќа, која не беше многу голема, но која вриеше од живот. Дедо ми уживаше да собира околу себе учени луѓе, како антропологот Чајкановиќ, русистот Петар Митропан, филозофот Душан Недељковиќ… За мене, тој прв период на детството до 41-ва е навистина еден рај. Прво, бевме едно семејство кое беше богато, особено дедо ми и јас бев опкружен со вниманието на родителите и на сите други наоколу од фамилијата, а истовремено постоеше можност за еден суштествен допир со природата, што е одлика на секој престој во рајот. Потоа дојде Војната, како еден вид пандан, некоја спротивност. Од 41-та почна депортацијата, разните видови бегања. Сето тоа проследено со огромна немаштија, со едно страшно бескуќништво. Тоа траеше пет – шест години, но и по завршувањето на Војната.
Покрај се, мене минатото секогаш ми се чини поинтересно до иднината.

Дела и одликувања

Влада Урошевиќ (1934 година, Скопје) е поет, прозаист, есеист, антологичар. Член е на Македонската академија на науките и уметностите, на Европската поетска академија (Луксембург) и на Академијата Маларме (Париз), доктор од областа на филолошките науки, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Објавил десеттина збирки поезија, книги раскази, збирки критики и есеи, прозни записи, пет романи, а неговите антологии на современата македонска поезија се излезени во Белград, Антверпен и Ташкент. На македонски јазик ги препеал поетските дела на Жерар де Нервал, Шарл Бодлер, Артур Рембо, Гијом Аполинер…
За своите остварувања ги добил наградите: Браќа Миладиновци (трипати), Рациновото признание, Григор Прличев (двапати), Кирил Пејчиновиќ, Книжевно жезло.
За заслугите во афирмација на француската поезија Република Франција го именувала за витез на Редот на уметноста и литературата.

Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *