Сутерен.мк

Горан Стефановски: Еве ви – на!

Првичната идеја на вашиот новинар беше да се селектираат реплики од три негови драми („Јане Задрогаз“, „Лет во место“ и „Диво месо“) и тој, после години, да даде свој „одговор“ на нив, во стилот „зошто тогаш, зошто така, зошто толку“ и како, истото – сега!

Идејата беше Горан Стефановски версус Горан Стефановски. Заради немањето премногу време, „разговорот“ се сведе на „Стефановски контра ’Диво месо’“,

Суетниот план пропадна од нефункционирањето на современите електронски апаратури, од околности надвор од човечката контрола, од преголема желба и доверба, од…емоции.

Впрочем, причините и не се битни. Битно е писмото на Горан, а во него вели:

„ Драга Бранка,

Како си ми денес?

Многу ми беше мило во два наврата да ти го чујам гласот. Едно слушање, еден век!

Думав, шетав и со саати ги гледав репликите од ’Диво месо’ кои ми ги испрати да ги коментирам. Ми се чини дека било каков коментар на репликите, извадени од нивниот драмски контекст и разведени од ликовите кои ги кажуваат е прозаичен!

Мислев дека ќе ми тргне ’со лесно’, ама згрешив! Репликите ми изгледаат посилни од објаснувањата. Убеден сум дека можат да стојат самостојно.Нели ќе биде ефектно само да ги објавиш овие цитати, па читателите нека ги коментираат по своја желба? Знам дека тоа не беше твојата идеја.

Лесно се нафатив да ја направам домашната задача, ама се испостави дека таа не е едноставна како што ми се причини.

Жал ми е што е така, ама така е.

Многу, многу поздрави и се надевам, до скоро видување.

Твој, Горан.“

„Ќе има војна, ќе има војна“, се вознемируваше Димитрија. „Доста беше ваков мир“, одговараше Марија. Десет години подоцна на дел од Балканот ќе му здосади таквиот мир. Една деценија потоа, истите реплики ќе бидат актуелни на сцената на Драмски. Кобеше ли Горан или предвидуваше?

  • Кога ја пишував „Диво месо“ мислев дека таа се однесува на минатото. Сега гледам дека таа се однесувала на иднината. И навистина, во 1980 година ми се чинеше дека сме ја дофатиле утопијата и дека сите битки се завршени. Сметав дека пиесата е сместена во предвечерието на Втората светска војна и дека опасноста по куќата на фамилијата Андреевци е од доаѓањето на нацизмот.

Денес, во 2000 – та ми се чини дека никаква утопија не сме дофатиле  и дека не постои опасност да дофатиме дистопија. Ми се чини како пиесата да е сместена среде современите балкански војни и тренингот на мускули на новиот светски поредок.  Куќата на Андреевци ја демнат поинакви опасности и искушенија.

„Веќе не сум оној Стево од пред десет години каков што ти ме паметиш. Заборави го тој Стево. Стево е сега друг. Па добро, ако сум оној истиот Стево како кога бев дете, како тоа тогаш не знаев да пливам, а сега знам?“

(Слободан Унковски тој 29 – ти декември 1979 година, премиерно им покажува на скопјани што направил од „Диво месо“, музиката на „Леб и сол“ е исто така на сцената, а Горан Стефановски има едвај 28 години. )

„Често ги гледам дланките. И чувствувам каква сила има во нив. Знаете што се можам да направам со овие раце? Чуда, чуда можам да направам. А вие сакате да ги ставам в џеб, да се оженам, да накотам деца и да почнам да р’ѓосувам. Еве ви, на! Не запирам додека не ја фатам среќата за гуша!“

(Александар Поповски тој 17 декември 2000 година, во Драмски театар, очекува како ќе реагира публиката на неговата „Диво месо“. Музиката овојпат е на Кирил Џајковски, а Горан има 48 години, одамна е оженет, татко е на две деца, живее во Кентербери…)

Горан не беше на премиерата на „римејкот“ на „Диво месо“… Оние, многуте, кои „сакаат да седат во публика, да грицкаат семки и чекаат голови“, веднаш рекоа: “Заради препирката со Диме Станковски.“

  • Не е така – вели Горан. Не е лут никому, само малку, тажен: – Најстрашно е кога човек мора сам да се брани.

Во телефонскиот разговор меѓу другото, вели и:

  • Ние сме Бранка, осамен народ. Веројатно е така, како што ни е, оти осаменоста раѓа страв, а стравот е добра подлога за ропство.

„Оние кои поминуваат покрај нас зад заматени прозорци и не гледаат како да сме муви на маштеница!? Некаде брзаат… Поминуваат со векови. Не држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Не држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние уплашено им правиме пат и ги поздравуваме. И се додека се плашиме, тие ќе газат преку нас.“

Коби ли Горан или предвидува?

  • Ни едното, ни другото! – вели. И уште додава: – Безбели, ќе биде подобро…

Ќе биде ли подобро или само поинаку?

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2000 година

П.С.

Ми остана од Горан и една песна за Преспа, за Преспанското езеро, за нашата дружба…. Го замолив нешто да напише за „Екран“, беше некаков јубилеј или Нова година, а тој ми напиша песна! Ја објавивме, секако. (За жал, баш тој број не е сочуван. А и оригиналниот ракопис „мистериозно“ исчезна, како и многу други писанија, при бројните селења од редакција во редакција… Но можеби, така е и подобро.)

Мене ми е и ќе ми остане еден од омилените. Особено, затоа што повеќето, како што вели: „Се мршојадци под тенката ципа манири.“

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *