Да беше Гоце Делчев денес жив, веројатно ќе работеше како наставник во некое училиште. Денеска е четвртиот ден од месецот и веројатно ќе се чудеше како да ја развлече платата од минатиот месец, додека не стигне новата. Зашто стоденарката која му останала не се развлекува, туку од тегнење може само да се скине. А гледа на телевизија дека сме блескале, го убедуваат дека никогаш не било подобро, а тој тегне ли тегне, но стоденарката останува стоденарка.
Со страв и со апче за смирување, прекрстувајќи се, ќе влегуваше во маркет. На излегување, два пати ќе ја проверуваше сметката, оти таа е многу висока, а торбата празна, но грешка во нејзе нема. Многу си дал, малку си земал. И доаѓа дома и пак гледа на телевизија како му велат дека никогаш не било подобро. И ќе се запраше тој е во заблуда или овие нешто го лажат!?
Ќе стануваше наутро порано за да исцепи дрва за греење, оти струјата е скапа, ама ни тоа не помага – за да загрее друга соба за децата мора да пушти греалка и со тоа веќе е обвинет од Ковачевски и тајфата дека загрева базен, дека влегол во четвртиот блок и ја плаќа струјата по германски цени, а живее во Македонија со молдавска и украинска плата.
Ќе се чудеше дали и понатаму децата на училиште да ги учи да бидат чесни во животот, да им гради високи морални вредности, да ги учи да ја сакаат книгата и со тоа да ги осуди на сиромаштија, на беден и мизерен живот или да ги учи уште од малечки да бидат хохштаплери, подлизурковци кон „големите“, а арогантни „газди“ кон „малите“ луѓе, да ги учи дека треба помалку да читаат и да учат, а повеќе да знаат да се „снајдат“ во животот. Да ги учи дека си крадец ако украдеш малку, ама успешен и со претприемачки дух ако украдеш милиони и со тоа да го учи да не крадат по малку, туку толку што можат да соберат двете раце и уште неколку пати повеќе.
Ќе беше против Преспанскиот договор зашто тој го остава неговиот Кукуш на Грција како грчки град со грчка историја, иако тој самиот е жив сведок дека тоа не така. Со тоа, од гавазите на власта и од самата власт ќе заработеше јавно линчување дека е руски шпион кој работи против Македонија, иако ниту видел, ниту сретнал Русин во својот живот.
Ќе беше против Договорот со Бугарија оти тој ги прави Македонците Бугари, а тој не е тоа. И ќе се сеќаваше на војводата Шаќир кој велел дека на бугарскиот двор сите влегувале, кој низ врата, кој низ прозор, кој низ подрум, ама само еден никогаш не влегол – Гоце Делчев.
Ќе беше против Тиранската платформа, оти таа ја дели Македонија, а тој е за соработка со Албанците, а не за делба. На веќе поделената Македонија чие последно мало парче треба уште еднаш да се подели.
Ќе се чудеше како може народ кој некогаш ги имал и Солун и Халкидики и Кавала, кој излегувал на Егејско и Јонско Море, да го изгуби сето тоа, да го изгуби најубавиот дел од Македонија и сега да се сведе на простор од 160 км колку што е далечината меѓу Табановце и Богородица, а и тие 160 км не знае да ги уреди како што треба. Ќе се чудеше зошто не успеало Илинденското востание и зошто сите не излегле со пушка в рака, наместо да седат дома и да велат „брат, не сум јас за ова, кај ќе одиш со пушка против Османлиите“.
Ќе се чудеше зошто изгинало едно чудо народ во тоа востание, зашто целта била богата и просперитетна Македонија, светлина во душата на младите луѓе, а не темна, мизерна и бедна прчија на арамии, бандити и „коњокрадци“, чија цел е како на грбот на народот да се обезбедат себе си, своите деца, внуци и правнуци.
Ќе се чудеше како успеаваат да преживеат оние 600 000 негови сограѓани со 150 денари на ден кога тој не може тоа да го стори со неколку пати повеќе пари. Оти платата му е мала, ама сепак зема повеќе пари од тие 600 000 души. Ќе си фаќаше за глава за оние 80 000 кои живеат со 60 денари на ден и ќе се прашуваше дали за тоа загинаа илјадници Илинденци, за тоа ли загинаа илјадници борци во Втората светска војна? За да изградат нешто што само на хартија се вика држава, а во суштина е отворена гробница за просечниот човек и Елдорадо за избраната привилегирана каста и нејзините мегафони.
Ќе се чудеше како е можно некој да краде од оние што се болни од рак, како воопшто е можно да се случи такво нешто и што тој да им каже на децата, на што да го учи тие деца во општество кое, на крај сфаќаш, е изградено на такви темели, а „Онкологија“ е само продукт на тие темели.
Ќе се чудеше како е можно тие кои беа против пучот извршен на 27 април 2017 сега да лежат шеста година в затвор, а тие што го извршија пучот да ја водат оваа земја. Ќе се чудеше и како е можно тие што го поддржуваа пучот и беа рака под рака со извршителите на пучот, сега да се омилени величини на тие што беа против пучот, за на крај да сфати дека има мизерни души кои се слика и прилика на оваа Македонија која веќе не е ни тоа, туку некаква „Северна“ творба на народ на кој му велат дека е вештачки направен и дека тој сето тоа треба да го проголта, оти така било подобро.
На крај, ќе седнеше, ќе си свареше едно кафе, тешко-слатко, синџирлија, две кафиња во еден филџан„ какво што го сакал, на мало плинско решо за да не троши струја, и веројатно ќе заплакал. Од тескоба на душата, од саклма, од црна мрачна дупка која му се вгнезидила во срцето и која се исполнува со чемер, јад и мака. Ќе ги соберел во џебот манастирските бројаници на кои виси железно распетие на Исус и ќе сфател дека за ова не вреди да се бориш, за ова не вреди да загинеш. Зашто и во турското против кое се борел било подобро. Ах, само да го знаел тоа на времето.
(Авторот е новинар.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk