Сутерен.мк

Да го испочитуваме чудото

Дека животот е чудо, ќе се согласи мнозинството од оваа планета. Кога е во прашање, пак, оддавањето почит кон истото, веќе настануваат колебања. Особено кога тоа чудо, тој толку виден, а секогаш неповторлив феномен, треба да го вдише првиот здив на овој свет. Поточно, кон личноста која е главниот „медиум“ за тоа и да се случи.

Ги решивме тајните на мозокот, срцето и душата, но за жал, некои породилишта кај нас, но и во светот, се уште за трудниците и во 21 век се места каде што идните мајки доаѓаат со неизвесност. Па од нив излегуваат како да прележале некоја страшна болест и, со цврста решеност повеќе никогаш да не им се случи истото премреже.

Терминот породилна траума (која е еднаква на егзистенцијалната) прв го дефинирал Сигмунд Фројд, а понатаму  е развиен во толкување дека е можно сите трауми подоцна да се произлезени од оваа при породувањето. Непосредно се трауматизирани мајката и детето, но ваквите настани оставаат силен печат и последица врз целиот фамилијарен систем.

Некои ќе речат: „Е, што им фалеше на нашите мајки и баби, кои се породуваа сами во плевните?“ Ништо. А што би ни фалело нам, сега, да одиме на работа, на пример, на магаре?!

Точно е дека некогаш породувањето во болниците за жените бил недостижен сон и стапката на морталитетот е значително намалена откако болничкото породување е стандард, но точно е и дека нешто во текот на овој процес во одредени институции тргнало наопаку. Зошто, инаку, и денес мајки од одредени породилишта се случува да излезат со морничави сеќавања и без ниту еден одговор што всушност им се случило. Можеби затоа во Холандија секоја трета родилка се породува дома, со асистенција на бабица, а притоа оваа земја има најниска стапка на смртност на доенчиња и родилки во светот.

Не е поентата сега да ги укинеме родилиштата и да се враќаме на „корените“, туку малку повеќе да се потрудиме она што треба да се доживее како исполнително и интензивно чувство на целосен сегашен момент и срж на животот, она што треба да се почувствува како миг на најубав подарок на природата, да не се претвора во кошмар.

Родилката е на пиедесталот на сите можни пиедестали, познати и непознати, на врвот на сите фактички и фиктивни приоритети. Токму затоа, кога го носи тој нов здив во овој наш универзум, тоа треба да го направи во блиско, пријатно, интимно и безбедно опкружување. Таа треба да биде испочитувана, прифатена и заштитена.

Барем додека не измислат начин како да се размножуваме во саксии…

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *