Сутерен.мк

Димитар Башевски: Копање до дното!

Тој е романсиер и поет. А бил и новинар, уредник и постојан дописник на „Нова Македонија“ од Атина, како и директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ од Скопје. Претседател е на Македонскиот ПЕН центар. Роден е во 1943 година, во Ѓавато, Битолско и е преведуван на англиски, грчки, романски, српски, чешки и албански. Добитник е на многу награди…

  • Штотуку излезе од печат вашиот најнов роман „Бунар“. Во вашите досегашни дела најмногу се занимавате со егзилот, миграциите… Оваа книга е продолжение на овој „свет“ или…?

– Точно е дека моите претходни романи се однесуваат главно на темата на миграцијата, на егзилот. Тој егзил, кај нас на овие простори, беше пред се економски егзил, откорнатиштво. Тоа е тема мошне комплексна, која вклучува политички, економски, социјални, етички, етнолошки, психолошки и други аспекти. Значи, создава сложен контекст. Но ова е друго, ова е психолошки роман.

Тој се обидува да влезе во душевните и моралните консеквенци на обидот да се копа во себе, како во бунар, да можното појавување на она вирче како мало огледало, во кое ќе ги видиш сопствените победи и слава, или можеби нешто што е подобро да не си го видел и да не си го дознал.

  • Има ли разлика меѓу сегашноста и минатото, меѓу сега и некогаш, пред се кога е во прашање човекот?

– Има само во надворешните обележја. Во суштина, особено кога е во прашање човекот, нема. Човекот бил секогаш ист и ги доживувал работите на ист начин, во склад со својата природа. Земете ги сите сведоштва, особено големите литературни дела кои најдобро сведочат за она што сакаме да го кажеме, ќе видите дека нема разлика. Од епот Гилгамеш, преку Шекспир и Сервантес, до нашите денови, понекогаш, кога за миг ќе се ослободи од стравот пред смртта, знае и да се порадува.

15.MART 2012. Beograd; Dimitar Bassevski; Pisac Foto; TOMISLAV JANJICH
  • Романот го напишавте кога заминавте од „Култура“… Заминавте заради пишувањето или  здодеаноста од функцијата?

– Во „Култура“ бев 11 години и познато е  како работеше таа куќа. Имавме успех. И издавачки и економски куќата „фураше“ одлично. До последниот момент беше добро. Но реков, се менуваа и времињата и односите, требаше да се работи во согласност со новите услови, да се стегне куќата, да има, ако е неопходно, технолошки вишок… Видов дека еден број луѓе влечат на друга страна, дека сакаат „самостојност“. Моето заминување беше пред две години. Куќата остана да ја раководат други луѓе. Дојде момент когамораа и  решија да ја продадат. И акционерите се согласија и, конечно, се продаде. И јас ги продадов своите акции како и другите…

  • И, како е Ѓавато, го најдовте ли таму тоа што го баравте?

– Делумно сум го нашол она што го барав, но никогаш докрај, ние сме згатка за самите себе. Но нешто сум нашол, а тоа е нов ракурс на гледање на родното место и на луѓето во него, нешто кое откога ќе го напуштиме, склони сме да го идеализираме. Тој ракурс е жесток, без сентименталности.

  • Вие сте романсиер, поет и преведувач. Што е “најлесно“?

– Ништо од трите работи не е лесно. Напротив.

  • Обично движењето на еден литерат е од поезија кон проза. Кај вас се случува обратното…

– Не, туку можеби на време. Тоа е спонтана потреба за еден поразличен начин на говорење и комуникација со светот, а понекогаш тоа свртување може да биде поттикнато и од некоја моментна криза , или замор, заситеност, од пишувањето на она што дотогаш бил доминантен жанр.

  • Зошто еден прозаист би напишал песна, или обратно?

– Па, веќе реков. Не знам. Конечно, од гледна точка на уметноста, важен е резултатот!

  • Велите ПЕН се грижи за јазикот, писменоста, националбната култура и идентитет. А сепак, се забораваат Мисирков и Конески, азбуката… Институтот за ,македонски јазик молчи, писателите молчат, интелектуалците молчат?

– Не е баш, така! Токму кога работите беа најжешки по овие прашања, ПЕН, како што знаете, ја објави својата Декларација во која го осуди посегањето по македонскиот јазик и писмо, оној македонски народен јазик, врз чија основа е направено литературното нормирање, најпрвин од Мисирков, а потоа дефинитивно по втората светска војна од Конески и другите македонски дејци.

Со таа норма, во која некои би сакале да интервенираат, е напишана целата македонска повоена литература. Друг јазик овде во Македонија и воопшто Македонците, немаат. Тоа е нашата јазична татковина.

  • Долго време бевте и новинар. Како кренспондираат новинарството и литературата?

– Не коренспондираат многу. Тоа се два различни јазика, два различни модели на експонирање на светот и животот. Она што ги прави блиски р тоа што и во едниот и во другиот случај посредува пишаниот збор.

Разликата е многу очигледна – додека литературата се занимава со поединечното, со самиот човек во сложените интерперсонални односи, обидувајќи се са ги дофати неефермните нешта, дотогаш новинарството се занимава со општите и, често дневни, работи.

Ова не значи вреднување, дека едното е повредно и поважно, а другото помалку вредно или помалку важно, туку просто разликување на двете области по својот предмет и по својот начин на коренсподирање.

  • Што е македонското новинарство денес: бизнис, рекетарство, суета, инфериорност?

– Нашето новинарство во последниве десетиа години ослободи многу енергија, освои нови коти. Внатре пак, во него, можно е да има и бизнис, и рекетарство и голема површност и неодговорност, убиствено непочитување на достоинството нс луѓето, за сметка на некакво божемно освојување на читатели.

Ме фасцинира понекогаш, гледајќи од професионална гледна точка, неверојатно лесното  објавување на дезинформации. Но се разбира, новинарството не може да се апстрахира од вкупните состојби, од вредностите на средината во чие формирање, и особено афирмирање, и самото учествува.

Често се врзува за одредени центри за моќ, економски и политички, и потоа, професионално гледано, самото се шкопи. Од т.н. „независност“ и слобода нема ништо. Овие термини потоа се употребуваат како флоскули. Но, сакам да повторам, дека на многу начини сум горд што сум работел во новинарството цели 20 години, како новинар, уредник, коментатор, постојан дописник од Атина… се додека не преминав во издаваштвото.

Тоа, во принцип, е една динамична, витална професија и доколку може да биде поеманципирана, поотпорна на вируси, дотолку подобро.

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2001 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *