21 отсто мажи заминуваат, a само 2,8 отсто жени ги напуштаат тешко болните сопрузи

Достапните научни докази укажуваат дека постои статистички зголемен ризик од брачна разделба кога жената станува сериозно болна, но тие не ја поддржуваат популарната претстава дека мажите масовно ги напуштаат болните партнерки. Мнозинството бракови остануваат стабилни и покрај сериозни здравствени предизвици

Сериозната болест претставува еден од најголемите тестови за стабилноста на брачните односи. Освен медицинските последици, хроничните и животозагрозувачките состојби, носат и психолошки, економски и социјални промени кои можат да ја трансформираат динамиката на партнерството. Во последните години јавниот дискурс сè погласно ја повторува тезата дека мажите почесто ги напуштаат своите партнерки кога тие стануваат тешко болни.

Ова тврдење стана особено популарно на социјалните мрежи и подкастите, меѓу кои и изјавата на планетарно популарниот Стивен Бартлет (британски претприемач, инвеститор, автор, подкастер и ТВ личност), во која цитира податок дека мажите за „624 проценти почесто“ ја напуштаат болната партнерка. Што неизбежно се креира мислење дека мажите масовно си заминуваат од немоќните сопруги, за разлика од жените кои остануваат. Но, дали и колку е тоа точно?

Највлијателниот извор за оваа тема е студијата објавена во медицинското списание „Канцер“ во 2009 година од Марк Чемберлејн и соработниците во која се анализирани 515 брачни парови кај кои еден од нив бил дијагностициран со сериозна болест, вклучително рак и мултиплекс склероза.

Резултатите покажале значајна родова разлика во брачниот исход. Развод или трајна разделба се случиле во 20.8 проценти од случаите кога пациентот била жена, наспроти 2.9 отсто кога болниот бил маж. Авторите заклучиле дека „полот на пациентот бил најсилниот показател за брачна разделба“.

Оваа разлика подоцна била претставувана како „624 отсто поголем ризик“ (оттука и изјавата на споменатиот Бартлет), што математички произлегува од споредбата на релативните стапки (20.8 ÷ 2.9 = 7.2). Меѓутоа, ваквата презентација ја нагласува релативната разлика, а не апсолутната реалност. (Што ќе рече, „624 проценти“ не се реалност, туку цифра за сензационализам.) И покрај статистичкиот ефект, мнозинството мажи во студијата останале со своите болни сопруги.

Подоцнежни истражувања се обиделе да проверат дали резултатите важат надвор од клинички примероци. Голема лонгитудинална анализа базирана на европската SHARE-база на податоци, објавена во Journal of Marriage and Family, опфатила повеќе од 25.000 постари брачни парови следени низ повеќе години.

Студијата покажала дека појавата на сериозно физичко ограничување кај сопругата, статистички ја зголемува веројатноста за развод, додека здравственото влошување кај сопругот нема споредлив ефект. Овие резултати укажуваат дека феноменот не е ограничен на една специфична болест или медицинска група, туку се појавува и на популациско ниво. Што ќе рече, мажите, кога партнерката не е веќе „физички функционална“ 21 од сто ќе ја напуштат, додека во обратен случај, тоа ќе го направат помалку од три жени на сто брачни заедници.

Сепак, според научниците, ефектот бил умерен и не укажувал на масовно напуштање, туку на зголемена ранливост на одредени бракови.

Најчестото теоретско објаснување се базира на родовата поделба на негувателската работа. Истражувањата за caregiving конзистентно покажуваат дека жените почесто преземаат неформална грижа за болни членови на семејството. Во студијата на Pinquart и Sörensen (2006-та) ,забележуваат дека негувателската улога останува „силно родово структурирана“, при што жените носат поголем дел од емоционалниот и практичниот товар.

Или, кога жената станува пациент, брачниот однос губи централна организациска фигура која претходно обезбедувала емоционална поддршка, домашна координација и социјална стабилност. Од социолошка перспектива, болеста не создава нови проблеми, туку ги разоткрива постојните нерамнотежи во распределбата на улогите.

Дополнително, истражувањата за здравје и брак покажуваат дека мажите во просек имаат потесни социјални мрежи и поголема емоционална зависност од брачниот партнер како примарен извор на поддршка (“Gender, Marital Status and the Social Control of Health Behavior” од Дебра Амберсон, објавена во списанието Social Science & Medicine, во 1992-ра). Кога таа улога исчезнува, адаптацијата може да биде потешка.

Научниците исто така предупредуваат дека разводот ретко е резултат на еден фактор. Возраст, економска сигурност, претходен квалитет на бракот и психолошка адаптација имаат значајно влијание. Како што истакнуваат Каракер и Лејтам во студијата (2015-та, “In Sickness and in Health? Physical Illness as a Risk Factor for Marital Dissolution in Later Life”), објавена во Journal of Health and Social Behavior, здравственото влошување често функционира како „катализатор на веќе постоечки брачни тензии“.

Имено, иако, сериозните истражувања укажуваат дека, условно речено, дури седум пати повеќе можете да очекувате дека мажот ќе ја напушти болната партнерка (што не е ич, за потценување бројка), современите социолози предупредуваат дека интерпретацијата треба да избегнува морализирање или генерализација за однесувањето на мажите или жените. Наместо индивидуална вина, феноменот подобро се разбира како производ на историски родови норми и нееднаква подготовка за негувателски улоги.

Достапните научни докази укажуваат дека постои статистички зголемен ризик од брачна разделба кога жената станува сериозно болна, но тие не ја поддржуваат популарната претстава дека мажите масовно ги напуштаат болните партнерки. Мнозинството бракови остануваат стабилни и покрај сериозни здравствени предизвици.

Најверојатното објаснување лежи во социјалната распределба на негувателската работа, емоционалната социјализација и структурните очекувања во традиционалните брачни улоги. Болеста функционира како критичен момент кој ги открива постојните динамики на зависност, грижа и поддршка во партнерските односи.

Или пак, жените традиционално (си) се перцепираат дека треба да ги вршат негувателските (најмалку благодарни) работи, а мажите, ако не можат да платат за истото најверојатно, ќе заминат. Барем, 21 од сто од нив.

Бранка Д. Најдовска

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *