Ѓорче Ставрески: Уметноста треба да биде бунтовна, да ризикува и да поставува прашања

„На кого му должи уметноста да биде дидактична и активистичка? Кога тоа стана принцип? Не ми е јасно, искрено. Јас сметам дека, напротив, еден од клучните квалитети во уметноста е авторите да не нудат помодни тези. За жал се створи пеколна атмосфера на страв од потенцијален дигитален ‘cancel’ во која повеќето се чуваат од погрешен потег и како папагали ги повторуваат слоганите на културниот естаблишмент, во јавноста и во своите дела“, вели авторот на филмови (и професор на ФДУ), кои се длабоко локални, но со универзална порака, со фокус на човечноста, малите победи и надежта

Ѓорче Ставрески е еден од најзначајните современи македонски режисери. Роден во Скопје во 1978 година, Ставрески дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2004 година. Неговата филмографија вклучува дела како „Дали си маж“ (2023-та), „Розов филм“ (2003-та) и „Скопје-Ремикс“ (2012-та), но најпознат е по неговиот дебитантски долгометражен филм „Исцелител“ (2017-та).

„Исцелител“ не е само филм за болеста, туку длабока приказна за семејната љубов, тагата и хуморот во време на општествена криза. Приказната се движи помеѓу трагикомични и емотивни моменти, нудејќи тон на тивка емпатија и човечност што ја прави универзална и препознатлива и надвор од границите на Македонија. Па така, филмот имаше светска премиера на Thessaloniki International Film Festival и освои десетина меѓународни награди, што ја потврдува неговата уметничка вредност и влијание.

Ставрески и припаѓа на генерацијата македонски режисери кои ја обновија видливоста на домашниот филм на европската сцена. Неговите филмови се далеку од спектакл. Тие се минималистички, со фокус на секојдневните луѓе и нивните интимни приказни. Како и самиот живот.

Пред две години, Ставрески започна со снимањето на својот втор долгометражен филм „Трампи“, македонско-чешка копродукција.

Што Ве инспирираше за „Исцелител“, а што за „Трампи“?

  • Кога го спремав „Исцелител“, бев исплашен од долгата форма. Имав солидно искуство правејќи неколку кратки филмови чија наративната структура е најчесто толку едноставна што можете поголемиот дел од информациите и емоциите да ги согледате, да ги почувствувате. Можете да ги затворите очите и лесно да го замислите филмот и сите детали. Меѓутоа ме вџаши наративното пространство на целовечерниот филм кое ми беше недофатно во тој момент. Бев опседнат со прашањето на количината на приказна доволна за да се оформи еден солиден долгометражен филм. Колку единици нарација е еден долг филм?

Читав и учев, искрено се обидував да ја предвидам големината на подвигот уште пред да зачекорам кон непознатото. Во таа смисла Исцелител беше замислен да го дооформи моето основно познавање за филм. Дополнително, жанровски ме насочи. Научив да си го почитувам својот карактер. Сакав да направам чиста семејна драма, меѓутоа сфатив дека сум склон кон ироничен и апсурден хумор и тоа за среќа се појави во филмот. Со следниот филм со работен наслов „Трампи“ тој товар на основните непознати прашања во однос на количината на нарација го немаше и бев слободен да експериментирам како со содржината така и со формата.

Како се менува процесот на работа од еден до друг филм?

  • Според содржината. Барем така би требало да биде: приказната ја диктира формата, а со тоа и процесот. Иако двата филмови се многу различни, скоро како да ги правел друг автор, сепак имаше доста сличности во процесот на работа. На пример продукциски, особено во однос на временските блокови, филмовите беа скоро исти, веројатно блиски до мојот идеален начин на работа. Имав скоро ист број на снимачки денови, а пред-продукцијата и постпродукцијата беа скоро идентични по времетраење. Меѓутоа, креативно, ликовно и содржински, не можат да бидат поразлични. Токму поради различната содржина. Исцелител е реалистичен филм за двајца механичари, Трампи е стилизиран филм за меланхоличен математичар.

Кои патишта треба да ги помине еден македонски филм за да стигне до меѓународна публика?

  • Многу премрежија има за да стигнете да го прикажете филмот на поширока публика. Да ме прашавте во некои други времиња, не мора толку далеку, пред петнаесетина години, на пример, ќе речев со квалитет и упорност сѐ е можно. Меѓутоа, во моментов сѐ е експоненцијално искомплицирано и има објективни културно-политички препреки кои веројатно во догледно време нема да можат да се премостат.

Во име на некои легитимно битни вредности, на пример заштита на традиционално незаштитените, европската културна матрица произведува лажни еднодимензионални моно-културни филмски производи, а под диктат на нивната кураторска елита секоја идентитетска група си има точно определена наративна функција, едниот е опресор, насилен и глупав, другиот е опресиран и бистар, третиот е неутрално симпатичен и смешен. Направија типизирана предвидлива кинематографија која на никој не му одговора, па ја презираат не само опресирачите туку и опресираните, во име на кои беше спроведена. Нормално, зборувам за обичната нормална публика, а не за културната врхушка која смета дека со својот „артивизам“ произведува ремек-дела на своите пулени.

Па така, во однос на прашањето, сѐ помалку зависи од тоа што вие сакате да го кажете со филмот, а сѐ повеќе од факторите на кои не можете да влијаете, како вашата доделена идентитетска група низ чија призма ќе се вреднува филмот. Со други зборови, одамна веќе победи постмодернизмот и сведочиме години наназад на раѓање на доминантен активистички филм каде „текстот“ е побитен од производот. За жал, за мене барем, ова се догматски тенденции кои се косат со принципите на уметноста.

На кого му должи уметноста да биде дидактична и активистичка? Кога тоа стана принцип? Не ми е јасно, искрено. Јас сметам дека, напротив, еден од клучните квалитети на уметноста е да биде  бунтовна и анархистична, да провоцира и да преиспитува, а авторите би требало да бидат храбри, да ризикуваат и да поставуваат прашања, а не да нудат помодни тези. За жал се створи пеколна атмосфера на страв од потенцијален дигитален „cancel“ во која повеќето се чуваат од погрешен потег и како папагали ги повторуваат слоганите на културниот естаблишмент, во јавноста и во своите дела.

Што мислите за продукциските услови кај нас, денес?

  • Никаде не е лесно да се направи филм. Меѓутоа, покрај типично тешките филмски проблеми со кои се соочува пошироката светска филмска заедница, ние имаме множество наши, би рекол, балкански проблеми. Кланови во филмската заедница, немање сплотеност дури ни за објективно битните прашања како формирање на здружение за остварување на авторските права од прикажување на филмовите или конечно да добиеме посебен конкурс за развој на сценарија и приказни, што мислам дека е од основно значење за продлабочување на квалитетот на сценаријата. Дополнително, институциите до таа мера го менуваат односот по секоја смена на власт што јас искрено не се чувствувам како да имам филмски дом.

Дали воопшто, постои уникатен „македонски филмски јазик“?

  • Нема и мислам дека не треба да има. Но сепак, во естетска смисла, ние не можеме да избегаме од нашите пејзажи, од нашите краишта, градови и луѓе и на тој начин несомнено нашите филмови ќе наликуваат. Сметам дека е грешка да се бега од нашите локални слики цврсто врзани за нашата идиосинкратска реалност, а инспирирани од туѓите иконографии да се обидуваме да правиме копии на нивните слики.

На колегите кои замислуваат детективска приказна во пустина со мотел и неонски светла би им предочил дека, ако го исклучиме поранешниот директор на МКЦ, скоро и да нема детективи во земјава, ниту пустина, ниту мотели, но за среќа може да најдат по некоја расипана неонка во мноштвото пропаднати институции. Инаку кога сме кај неонките, прочитав дека фината стаклена маса која се добива со толчење на неонките завршува како една од клучните состојки на кокаинот кај нас. Е тоа е веќе солидна приказна која вклучува неонски светла. Инаку, сметам дека кинематографијата ни е доста еклектична и горд сум на тоа. Така треба и да биде.

Што им кажувате на студентите кога се разочарани или несигурни?

  • Немам храбри совети. Успехот е логаритамски, не е линеарен, треба човек да биде истраен, за одеднаш, после долги години бескомпромисна работа во која жртви се дури и здравјето и приватниот живот, светот како да не може веќе да ве игнорира, па ќе почне да ве наградува. Но, тешко е да се предвидат деталите, па затоа единствениот функционален совет е планинарски: сконцентрирајте се на следниот чекор, а не на едвај видливиот врв во далечината.

Како може млад филмаџија во Македонија да ја изгради својата прва публика?

  • Мислам дека е погрешно упатено прашањето до мене. Без разлика на успесите на Исцелител, јас не размислувам на публиката кога работам и не предвидував дека мојот дебитантскиот филм ќе биде комерцијален. Сметам дека клучно нешто што треба да направат младите колеги е да го изградат сопствениот вкус, надевајќи се дека ќе има доволно луѓе кои ќе ги препознаат. Кога ќе кажам сопствениот вкус, мислам на суштинската потрага по елементите кои им се блиски, но и талентот за одредени жанрови кој не нужно се совпаѓа со нивната идеја за совршен филм. Ќе повторам, не мислев дека ќе има зрно комичност во моите филмови, но немав избор, потребата за хумор е посилна од мене.

Кој филм најмногу ви влијаеше како автор?

  • Невозможно прашање за одговарање. Еве една неструктурирана низа: „М“ и Метрополис на Фриц Ланг, Последниот човек, Носферату и Изгрејсонце на Ф.В. Мурнау, Страдањата на Јованка Орлеанка на Дреер, Човекот со филмска камера на Sига Вертов, поголемиот дел од филмовите на Италијанскиот неореализам, повеќето филмови на Буњуел, особено Заборавени, повеќето филмови на Микеланџело Антониони, повеќето филмови на Вонг Кар-Ваи и нормално уште многу останати.

Што би снимиле, кога би имале неограничен буџет?

  • Не сум режисер со епски тенденции. Мислам дека на сличен начин би работел со неограничен буџет, само филмовите полесно ќе ги преживувам и би имал повеќе пари за нормален живот.

Во „Исцелител“ и „Трампи“ постои силна човечка драма.  Зошто раскажувате токму такви приказни?

  • Мразам позерски филмови, формалистички. Иронично е дека јас, како човек кој поголемиот дел од детството го посветив на математиката и науките, сметам дека најголемата загатка е сепак, човекот. Заводливо ми е да се обидам да ги „решам“ човечките енигми низ филмска нарација. Сакам да ги извадам на површина човечките емоции, а иако човек лесно може да „лизне“ кон — ќе позајмам еден модерен термин од младава генерација — „кринџ“, кога ги уважува емоциите, јас не гледам друг начин освен да танцуваме внимателно на таа тенка црвена линија. Да не ме разбере некој погрешно, не заговарам екстровертни и гласни филмови. Напротив, многу повеќе го сакам Антониони од Фелини, на пример.

Од поновите споро-согорувачки емотивни филмови, ќе го издвојам јужно-корејскиот филм Burning на Ли Чанг-донг. Толку вешто ја крие бурата од емоции кај главниот јунак, што крајот делува прво шокантно, но потоа ве приморува да размислувате како и зошто не ги приметивте сигналите претходно. Филмот зборува за нашата ограничена природа верно да ги „прочитаме“ другите. Ќе повторам: човекот е најголема енигма на универзумот.

Кој момент во вашата режисерска работа досега ви бил најтежок, а кој најисполнувачки?

  • Има многу тешки моменти, не можам да ги набројам. Мислам дека клучната тешкотија за мене, но и објективно гледано во однос на другите човечки дејности, е дека се работи за контрадикторна професија. Филмот е парадоксален: војничка уметност. Во исто време треба да бидеш уметник и војник.

За да можеш да ги разбереш нијансите на приказната и психологијата на ликовите за да продреш колку што можеш подлабоко во комплексноста на филмската нарација, треба да бидеш емотивен, нежен, внимателен и интровертен, а за да се справиш со побарувањата на продукциските елементи мораш да бидеш ефикасен, безмилосен, упорен и груб. Тоа е невозможно тешко. Едвај се снаоѓам. Убавите работи се очигледни: раѓање на филмот во форма на наративна организирана реалност пред твоите очи.

Кој сте приватно? Што е следно од вас?

  • Приватно, години наназад се борам со ѓаволи. Универзумот ми скрои пакет од многу тешки животни околности, секоја пошокантна од претходната и сѐ уште се обидувам да излезам од тој лавиринт. Толку немав време, што целосно ја изгубив вештината: одмарање. Научив да живеам под голем и постојан притисок, а до таа мера ми беше згуснат ритамот со решавање на клучни животни проблеми, што сега повеќе ме плашат периоди на вакуум кога буквално не знам што да правам со себе, отколку вртлог од обврски и притисоци. Едвај чекам да дојде јули кога ме чека само една „мала“ обврска: завршување на докторскиот труд. Се лечам со: трчање, рубикова коцка и две чаши бурбон.

Бранка Д. Најдовска

Извор: mia.mk

Фото: приватна архива

 

И, не може, а да не се каже дека во време кога киното често тежнее кон гломазни продукции и спектакли, Ставрески нуди нешто поинакво, како тишина, емпатија и вера во малите чуда на животот

 

 

Неговиот пристап потсетува дека филмот може да биде моќен и кога е скромен, човечен и искрен

Приватно, години наназад се борам со ѓаволи. Универзумот ми скрои пакет од многу тешки животни околности, секоја пошокантна од претходната и сѐ уште се обидувам да излезам од тој лавиринт. Толку немав време, што целосно ја изгубив вештината: одмарање. Научив да живеам под голем и посто

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *