Сутерен.мк

Димче Мешковски: Песок, чамец и лифт

„Како актер, имав многу можности за патувања. А на тие патувања – доживувања, колу сакате! За оваа прилика, ќе издвојам една од најдрагите анегдоти. Зошто? Затоа што конечно ’наседна’ еден од најголемите штос – мајстори кои јас ги познавам“

  • Најчесто, најголемите зафрканции се случуваа меѓу нас, колегите. Кога би почнал да ги раскажувам би требало да се направи десеттотомна книга од тоа. Верувам, истото би било и со било кој друг од актерите.
  • Пред десеттина години, со Драмски театар гостувавме на Дубровничките летни игри, со претставата за деца „Шекспир во приказни“, во режија на Коле Ангеловски. Ги отворивме игрите, си ја завршивме работата за која бевме дојдени, па останавме да истераме еден одмор, приватен, кога веќе сме на местото.
  • И така, Чоре, Гоце, Дади, Коле, Ненад, Ванчо и јас се сместивме онака господски (или можеби и не баш господски), во хотел „Президент“. А пред хотелот плажа, на плажата жежок песок, на песокот ние. А ние мозгаме како да го зезнеме Ванчо Петрушевски бидејќи така ја имаше затерано, што ден немаше да помине, а некој од нас да не беше насамарен од него. И мисли, мозгај, мисли, мозгај… смисливме.
  • Кога тргнувавме накај Дубровник, Ванчо се беше вратил од Грција, па ни раскажуваше како таму му го украле штотуку купениот скап чамец. Е, тука лежеше штосот! На еден наш пријател му се јавивме во Скопје и му рековме да испрати телеграма во хотелот за Ванчо, адресирана од неговата сопруга.
  • Човекот чесно си ја  изврши задачата и по неколку дена стигна нарачаната телеграма. Ние повторно пред хотелот на песокта, овој пат и Ванчо со нас, само без Коле. Тој требаше да ја донесе телеграмата. И ја донесе. Му мафта со картичката пред нос и му вели:
  • Ти носам многу важна и убава вест. Само, за да ти ја прочитам треба да ветиш дека сите ќе не честиш онака, „дебело“!.
  • Ако е битно, ќе честам – вели Ванчо. И Коле, „мртов сериозен“ чита: „Драги Ванчо. Стоп. Чамецот е пронајден и пристигнат во Скопје. Стоп. Се е во ред и немој да се грижиш. Стоп. Поздрав Лидија. Стоп.“
  • Ванчо нормално, израдуван не собра во кафеанчето на плажата, па удри да вика тури. Човекот чести, ли чести… крај нема. Ние се дадовме на „работа“ и одвреме – навреме коментираме како на светов се уште има ете, чесни луѓе, па уште и по пошта испраќаат!? А Ванчо само потврдува, се согласува, одобрува… и се разбира, среќен е.
  • Но бидејќи кожа не го држеше, а да не се јави дома и уште еднаш сопругата да му потврди, не остави нас во кафеаната. Хотелот имаше од оние надворешни, застаклени лифтови. Сме застанале ние на песокта и го гледаме Ванчо како го носи лифтот нагоре и чекаме да не забележи.
  • Конечно не виде како сите на куп, гледаме нагоре. Е тогаш му удривме едно Детско кривење, во хор! Ванчо се фати за глава, сфаќајќи ја ујдурмата, ама беше доцна.
  • Извојувавме еден триумф иако, во споредба со тоа што тој ни приредуваше нам, ова беше ништо. Како и да е, изразот на неговото лице по она „хорското“ плазење, не може да се мери со ништо! Подоцна, во негов стил, секако дека ни наплати повеќекратно…

Б. Н. Доневска          

„Екран“, 1995 година

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *