Павле Кузманоски, еминентниот македонски сликар е добитник на годинешнава државна награда „11 Октомври“ за животно остварување од јавен интерес од областа на уметноста!
Кузманоски е роден 1939 година во Тетово, своето стручно образование го започнал во 1959 година во Средното уметничко училиште во Скопје, а високото образование го стекнал на престижната Академија за применети уметности во Белград каде дипломирал. Во 1967 г. има студиски престои во Венеција, Торино, Франкфурт и Келн, а во 1973 г. пристапува во членство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во периодот од 1980-1981 како стипендист на Француската влада е на осуммесечна специјализација во Анже – Франција. Остварил четири студиски престои во Париз и учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии. До сега приредил педесетина самостојни ликовни изложби и бил дел од преку 250 колективни ликовни претставувања во земјата и во странство.