„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Дона Алба“ од еден до најголемите романски писатели на ХХ век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова
Книжевната критика има укажано на очигледни сличности меѓу „Дона Алба“ и „Црвено и црно“ на Стендал, „Бел ами“ на Мопасан и целото творештво на Достоевски. Главните ликови во ова дело што не избледува се фатална жена и вљубен млад човек, подготвен на сè заради неа. Но, тоа е модерен урбан роман, извонреден по својата мистична атмосфера на Букурешт во тоа време.
Во споредба со Достоевски и Мопасан, романскиот писател Џиб Михаеску успеал да ги прекрши влијанијата на руските и на француските класици низ призмата на животот во Букурешт меѓу двете светски војни во дваесеттиот век. Тој вешто го води читателот низ улиците на магнетниот свет на декадентната и мистериозна романска престолнина за да ги открие неговите тајни и да раскаже модерна приказна за принцовите и просјаците. Ова е модерна урбана сторија за жените, парите и кариерите, сместена меѓу двете светски војни. Се смета за голем љубовен роман во романската литература меѓу двете светски војни, но тој е повеќе од љубовен роман.
Блескаво убавата принцеза Алба Ипсилант го привлекува вниманието на минувачите на декадентниот Букурешт. Животот на еден од нив ќе се промени засекогаш…
Џиб Михаеску (роден во 1894 година во Драгашани, Романија), чие вистинско име е Георге Михаеску, е еден од најзначајните романски писатели во првата половина на ХХ век. „Дона Алба“ е неговиот последен и најзначаен роман и првпат е објавен во истата година кога умрел авторот (1935, на 41-годишна возраст). Учествувал во Првата светска војна, бил адвокат во Кишињев и во родниот град.
Џиб Михаеску напишал пет романи: „Раката на Андромеда“ (1930), „Русинката“ (1933), „Чоколадна жена“ (1933), „Деновите и ноќите на задоцнетиот студент“ (1934) и „Дона Алба“ (1935). Автор е на три книги со раскази: „Грандифлора“ (1928 – неговата прва книга), „Ведениа“ (1929) и „Сонот“ (1935), како и на збирката драми „Павилјонот во сенка“ (1928).
„Дона Алба“ е првото дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик.