Сутерен.мк

Досадно, ами како!?

Драга дарлинг, во надеж дека ќе ми дадете искрен и практичен совет морам да ви се исповедам за, за мене сериозен проблем. Со момчето заедно сме од мојата шеснаесетта година, а сега имам 24 (тој е постар една година од мене). Планираме брак и семејство, но мене веќе не ми е интересно со него, а мислам ниту нему со мене. Се сакаме па затоа, ако можеш кажи како да си станеме повторно интересни еден на друг.

Ангела, Скопје

Ангела дарлинг, да се изјадам и јас – деновиве не можам да и се изначудам на фреквентноста на човековата глупост! Сардисаност од сите страни. Нејсе.

Добро бе девојко!? Имаш 24 години од кои осум си со еден ист човек!? Дури го читав ова писание, не можев да се оттргнам од мислата како после децении живот, седиш покрај внуците со семејните албуми во рацете каде им покажуваш твои слики.

Ете ги тие од градинка со другарчињата, па од забавиште со другарчињата и после од прво одделение па до пензионирањето си со овој, претходно споменатиот, кој уште сега ти е здодевен! Всушност, како и не би ти бил!?

Ти, тој, знаете дека таму некаде постои уште нешто плус, ама не се осмелувате да го дофатите. Тоа таму, не значи дека е подобро, но сигурно е – поинакво! Таа информација, што од пуста малограѓанштина останува непроверена, поразорна е за врските од промискуитетноста. Моногамноста е супер, но се во свое време.

Околу монотонијата…
Не мора да се има секс со друга личност за да се проверат и проветрат чувствата. Доволно е да се поразговара со друга опција, да се разменат погледи, да се испровоцира несигурност. Зашто, нема поголем убиец на добриот секс од стабилните емоции. Внесете конкуренција во вашиот живот. Навестете ја. Како расте ризикот да се разниша врската така и возбудата со тоа…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *