Сутерен.мк

Ерленд Лу: Пекол

                 ПЕКОЛ

Ракел имаше тешка година, но не беше тажна. Само што навистина беше тажна. Малку.

Секоја втора недела Ракел имаше многу слободно време и не знаеше што со себеси. Ама имаше градина. Мала градина, изабен ашов и премногу слободно време.

Ништо од тоа што следи не би се случило, ако Ракел не ги прекопаше цвеќињата помеѓу оградата и грмушките со малини. Но мораше. И затоа се тоа мораше да се случи. Но таа за тоа не беше свесна кога го зари ашовот во земјата.

Човекот не е свесен за многу нешта. За жал. И за среќа.

Поранешните сопственици на нејзината нова куќа и го оставија тој ашов. Во шупата, на крајот на градината. Ашов со полош квалитет. Од видот што малку порано за’рѓува од што човек би помислил.

Претходно Ракел живееше во куќа со маж и голема градина. Но тогаш мажот и рече – тоа беше белким пред една година – дека запознал некој друг, а Ракел воопшто не се сомневаше дека станува збор за друга жена и дека нивниот брак сега мора да прими и трета личност или пак целосно и неотповикливо да се укине.

И се чинеше дека првата алтернатива е непрактична колку што е и емотивно напорна, па се одлучи за втората.

Стресните ситуации доминираа во следниот период. Децата беа известени и новонастанатата ситуација се разбира, воопшто не им се допадна. Она претходното им беше помило. Новиот партнер предизвикува немир кај децата. Па и кај возрасните. Не се штеди на немирот.

Куќата ја продадоа со рекордна брзина. Се што дотогаш беше цврсто, се распадна.

Плачење. Гаснење на пожар. Се ќе се среди. На сите им се случува. Ќе биде добро. После некое време. Но на сите им беше јасно дека нема да биде добро.

Ракел не спиеше. Не ни јадеше. Се шуткаше наоколу и не знаеше каде и е главата. Работеше напорно, за да не мора да чувствува. Манијакални тренинзи во теретана. Можеби би можела да најде нова личност, размислуваше, по можност маж, најпрвин маж, подоцна, после извесно преме, некогаш во блиска иднина, здравје боже, којзнае. Такви мисли и избиваа сосе потта и и се слеваа низ грбот. А ако тоа се случи, можеби, евентуално, по некоја случајност, добро би било да биде подготвена за тоа, чисто физички, но и ментално. Добро би било да биде урамнотежена. Такви работи се случуваат одненадеж, и рекоа другарките. Посакуваше некој да ја гали и прегрнува. Долго време никој не го правеше тоа. Да ја гали по кожата. По грбот. И по бутината. Ако не е проблем.

Недвижности, недвижности.

Убави места за кои нема пари и грди кои може да ги добие ама ги нејќе.

Агенти во скапи чевли. Списоци. Лицитации. Ја нервираше тоа што агентите сакаат да видат пријатели со сите. Би требало да се одлучат. Да бидат на страната на купувачот или на страната на продавачот. Не е редно да бидат сојузници со двете страни.

На крајот најде куќа. Се наоѓаше во населба направена од низи истоветни куќи и Ракел не ја сакаше, но веднаш знаеше дека ќе ја купи. Ист поштенски број. Близина на истото училиште. Соодветен број на спални соби. Мала градина. Совршено и сосема погрешно.

Промена на идентитетот. Преобразување на личноста која живее во засебна куќа во личност што живее во куќа во низа на истоветни куќи. Тоа се две фундаментално различни нешта. Како ноќ и ден. Не беше тоа лесен процес, но мораше да помине низ него, да ги стегне забите, а ги стегаше многу. Нејзиното тело мораше да се претопи и истури во нов калап. И во него да се стегне. А тој процес трае. Ах, процеси, помисли Ракел. Секогаш процеси.

Секундите, минутите, месеците, ја претвораа Ракел во личност којашто живее во низа на истоветни куќи. Нејзината низа ја правеа четири зелени куќи. Подобро ќе беше да беа црвени, сметаше Ракел. Или можеби сини. Тоа не беше многу битно, ама некако и беше битно. Но не доволно битно за тоа да го спомне во собранието на станбената задруга. Паметно е човек да не се истакнува на почетокот. Луѓето коишто живеат во низа на истоветни куќи не смеат да се истакнуваат во првите години. Такви се правилата.

Испадна дека третата личност навистина е жена. Со ѕвонливо смеење. Не многу поубава од Ракел, можеби само малку.

Ама помлада секако. Не беше пред педесеттата, на пример. А Ракел беше. И тоа ја преплаши. Се вкочануваше од страв. Теретана. Јога. Излети во природа. Анксиозност до сржта. Педесет, ебате. На сајтовите за запознавање пишуваше дека има четириесет и седум. Понекогаш и четириесет и шест. Каде отидоа годините? Каде, до бога, отидоа? А тоа што ги посвети на безвреден маж ја доведуваше до лудило.

Отиде на кафе со неколку мажи, да ја проверат хемијата, како што беше наведено на сајтот. Хемијата беше просечна. Или малку под просекот. Ракел и онака секогаш беше скептична кон хемијата. Се сеќаваше на хемијата во основното училиште. Беше тоа вистински пекол.

Од третата личност зрачеше леснотија. Како се да е во најдобар ред.

А од Ракел прво зрачеше тежина. Како ништо да не е во ред.

Знаеше дека леснотијата е попривлечна. Покрај тоа, смеата на Ракел воопшто не беше ѕвонлива. Туку сосема обична. Без никаква ѕвонливост.

Не е чудо што на мажот му здодеа.

Кога некој ќе кажеше нешто духовито, Ракел се смееше со својата обична смеа. Додека третата личност се смееше со ѕвонлива смеа. Ракел лесно можеше да замисли колку тоа убаво звучи.

Ѕвонлива смеа и железна врата отвора.

Обичната смеа ги затвора и заклучува.

Времето се растури. Мораше повторно да ги научи годишните времиња и месеците. Немаше поим дека ги има толку. Само се менуваа. Без крај.

И беше мачно кога ќе помислеше на роденденот.

Долго стоеше пред полицата со средства за мачнина во аптеката.

Мачно ви е? Имаме се што ви е потребно против сите облици на мачнини по ниска цена.

Ама го немаа тоа што нејзе и беше потребно. Нејзината мачнина беше отпорна на се. Беше тоа мултирезистентна супермачнина.

Од онаа страна на педесеттата година наѕираа само надолнини и здодевност. Бескрајни понижувања. Практични ситнурии. Нееластична кожа. Малодушност. Подготовка за смрт. Недостаток на забава, леснотија и магија. Ниту едно утро во коешто мора да се штипне за раката затоа што не може да верува дека е толку среќна.

Згора на се, се ближеше Божиќ. Како пред тоа да не беше доволно лош. Сега се претвори во наизменична прослава „де кај овој де кај оној“, децата ќе бидат кај таткото неколку дена од Божиќ до четиринаесет часот, а потоа кај неа. Ракел не беше расположена за ништо божиќно. Мајката мислеше дека е кај другарка. Другарката мислеше дека е кај мајката.

Ќебе. Кауч. Филмови. Серии. Божиќна програма. Божиќни песни. Виенски валцер. Пијалак.

Во низата на истоветни куќи човек пие. Во засебна куќа не. Ама во низата на истоветни куќи да. Главно вино, а понекогаш и чашка жесток пијалак. Или неколку чашки. Особено за Божиќ. Но во суштина цела година.

Деновите се потрошија. Светлината и темнината произволно се менуваа. Наизглед без било каков смислен ред.

Кога четвртиот ден од Божиќ дојдоа децата, Ракел го преврте денот наопаку. Им дозволи да седат пред компјутерите колку што сакаат и не ги извади надвор иако убаво паѓаше снег. Ние од ова соседство не излегуваме многу, им рече на децата со треперлив глас. Главно седиме во куќата, пиеме и гледаме нешто. На децата тоа воопшто не им пречеше.

Дојде зимата, дојде дури и пролетта. Страниците на календарот се откинуваа обликувајќи инка, црна дупка која ја вовлекуваше Ракел. Роденденот ја демнеше меѓу броевите на деновите, подготвен да скокне и да ја проголта.

Што имаше да слави?

Тоа што е напуштена зради нечија ѕвонлива смеа? Тоа што во животот ништо вистински не ја допре? Тоа што никогаш не доживеала голема љубов? Никогаш безусловна љубов? Не, никогаш таа безусловната. Или тоа што никогаш не најде работа што ја исполнува, како што другите очигледно најдоа.

Ништо немаше за славење. Баш ништо.

Имаше деца. Ама сите имаат деца. Тоа на почетокот беше нешто особено, но потоа, како што деновите одминуваа, се повеќе ја губеше својата посебност, за на крајот да стане нешто сосема непосебно и банално. Логистика, распоред на часови, ужини, лутење. Ова последново го наследиле од татко им, намќорот којшто сака ѕвонлива смеа. Нејзините деца, и девојчето и момчето, загарантирано ќе бидат исти како него. Во нивното однесување веќе имаше застрашувачки знаци.

Кога снегот се стопи, се покажа градината. Не изгледаше убаво. Претходните сопственици, кои сега се преселија во засебна куќа, не знаеле што прават. Неплански распоредени грмушки и цвеќиња, очигледно садени под влијание на алкохол. Нема тие да издржат во засебната куќа. Ракел тоа можеше веднаш да им го каже. Во засебна куќа од градината се бара нешто повеќе. Мораше да се насмее. Им даде пет години во засебната куќа, најмногу шест, дотогаш градината ќе им зарасне, тој ќе најде жена со ѕвонлива смеа, а таа маж со мускулести бутини и викендичка покрај море. Потоа еден од нив ќе преколнува да се врати на својата стара низа од истоветни куќи. Но тогаш ќе биде предоцна. Тогаш Ракел ќе биде стропроцентно натурализиран жител на низата и нејзината градина ќе блеска.

Во неделата после Велигден Ракел навлече гумени чизми и го најде предвреме за’рѓаниот ашов во малата шупа на крајот на градината, покрај малата капија што водеше до гаражата. Цвеќиња. Нив сакаше да ги среди. Четири-пет квадратни метра со кадифи, орлови нокти, рози и кандилки. Слободно ќе растат и ќе бидат радост за окото, а Ракел потоа ќе ги собере најубавите цветови и ќе ги пресува, долго, во дебели тешки книги, додека не се сплескаат и исушат. Потоа ќе ги лепи на абажури за ламби што ќе ги прави. Тоа го научи од постарите генерации, но никогаш немаше време да се занимава со тоа. Сега го имаше сето време на овој свет. Или не баш сето време. Ама многу време. И требаше да го исполни додека смртта не дојде по неа, што веројатно ќе се случи наскоро, помисли, земајќи во предвид колку е малерозна.

Абажурите ќе ги подарува на своите нови соседи. Како мал знак на внимание. Ракел беше љубезна личност, навистина беше. Меѓутоа, и за да создаде добрососедски односи и можеби би добивала покани на вечери и дружења. Претпоставуваше дека во тие низи на куќи има потенцијални пријатели, а можеби и привлечни мажи со кои повремено би можела да спие а нивните сопруги да не знаат за тоа. Можеби дури би можела да научи и како се игра бриџ. Луѓето во низите на истоветните куќи играат бриџ. Во тоа беше сигурна, но таа не умееше да игра бриџ бидејќи живееше во засебна куќа, а во засебните куќи не се игра бриџ. Соседите овде се многу подобри, тоа го сфати. Во засебните куќи луѓето се караат, а во нанижаните куќи многу помалку. Тука луѓето се пријатели и си ислегуваат едни на други во пресрет ако нешто им треба, брашно или јајца. Или путер. Или секс.

Кога го раскопа горниот слој на земјата, се уште измешан со есенските лисја, и кога сакаше подлабоко да го зарие ашовот, се слушна „кланг“.

Ја тргна земјата и здогледа мала врата. Беше од неодреден вид на метал и заглавена од горната страна со помош на тежок дрвен клин. Ракел погледна околу себе. Никаде никој. Во проспектот не се спомнуваше вратиче во градината. Сепак веднаш помисли дека таа мала врата е нешто позитивно. Можеби е тоа некаков трап, а такви работи не може да бидат лоши. Можеби ќе дојдат тешки времиња, читаше за тоа во весниците, па место за складирање на компири, на пример, би можело да биде корисно.

Веќе си замисли како ќе изгледа огласот кога ќе ја продава куќата. А тоа без сомневање ќе биде неопходно кога ќе запознае нов маж и ќе се всели кај него. Осамените мажи живеат во засебни куќи. Не во нанижани куќи. Значи ќе мора одново да се навикнува на старо. Ама за тоа потоа. Засега се радуваше на своето неочекувано откритие. Идилична куќа со подземен трап. И се чинеше дека тоа баш убаво звучи. А работите коишто баш убаво звучат добро поминуваат на пазарот со недвижности.

Во трапот можат да се чуваат прехранбени производи, помисли повторно, можеби може да се направи и некакво засолниште, или земник за деца, можеби некаква подземна куќичка за кукли. Идилична куќа со земница за кукли.

Ракел отиде во шупата и најде секира, исто изабена. Не толку изабена колку ашовот, но очигледно доволно за’рѓана за човек да не ја понесе кога се сели.

Со тапата страна го истера клинот. После третиот удар излета на ревата и остана да лежи под грмушката со малини.

Малата врата беше тешка, но после извесно време успеа да ја отвори со помош на ашовот. Кога со голем напор ја поткрена и оттурна, тресна на земјата со метален звук којшто одекна меѓу низите куќи. Соседот од левата страна, кој седеше во фотелја, го крена погледот и Ракел му мафна. И тој и мафна пред да му се врати на својот весник. Љубезен тип. А и згоден. Можеби е лекар. Гарантирано посветен скијач со добро срце и беспрекорен кардиоваскуларен систем, но веројатно не и човек кој копнее по нешто ново. Сопругата за жал му беше сјајна жена. И убаво изгледаше. Честити, фини луѓе. Тоа имаше и лоши страни, ама тоа е што е.

Ракел погледна во дупката и виде широки скалила коишто исчезнуваа во мракот.

Се збуни. Ова веќе мораше да го има во проспектот. Трап е едно, а долги мистериозни скалила нешто сосема друго. Куќа со мистериозни скалила што се спуштаат во ништожност. Тоа веќе звучеше помалку привлечно за потенцијалниот купувач. Во најлош случај можеше негативно да се одрази на цената. А ако не каже ништо и новите сопственици тоа го откријат, таа ќе биде виновна. Сега се вознемири.

Целата таа област била германски воен логор за време на војната. Тоа го знаеше. Тука живееле неколку илјади војници, насекаде имало касарни. Имаше слушнато гласини дека и во нивната и во соседната населба при копањето во градината може се уште да се наиде на бетон. На цврст германски бетон којшто не може да се отстрани без машини. Ама мистериозни скалила никој не спомнуваше.

Тргна накај куќата. Мораше да изеде портокал. Ги соблече калливите чизми на верандата, зеде портокал и пак излезе. Па седна на клупата покрај ѕидот. Сонцето ѕирна кога почна да лупи. Не брзаше. Со замислен израз на лицето јадеше парче по парче. Можеше евентуално да го повика претседателотна задругата Самсман и да го праша што се тие скалила. Но можеби е подобро да не го прави тоа. Се знаеја од видување и, кога еднаш го сретна покрај гаражите, го праша дали може да ги смени прозорците. Можеше, слободно. Но потоа за жал ја спомна и таа по малку несреќна зелена боја на куќите, и тогаш устата на Самсман истовремено се стегна и насмеа и рече зошто да не, нивната станбена задруга е демократска, секој предлог ќе се разгледа во собранието. Горчливото искуство ја научи Ракел да ги чита човечките лица, па веднаш сфати дека промена на бојата не доаѓа во предвид и дека ќе мора малку повеќе да се одомаќини на тоа место пред да предложи било што, ако баш мора, а и тогаш предлогот ќе треба да биде сосема неконтроверзен, да речеме набавка на нов контејнер за хартиен отпад бидејќи на стариот се појави грда пукнатина.

Ја зема кората од портокалот, влезе и ја стави на печката за пријатниот мирис да се рашири кога ќе ја запали малку покасно, можеби околу седум часот, си замисли, или дури и порано.

Потоа им се врати на скалилата. Не можеше да види каде водат. Скалилата слуќат за симнување. Или за качување. Но во нејзиниот случај за симнување. На некој начин значи мораше да се симне.

На скалилата им немаше крај. Ракел повремено се вртеше и го гледаше отворот високо над неа. На крајот се претвори во мала точка. Ги рашири рацете и со врвовите на прстите ги допираше ѕидовите. Рамни и мазни. По малку студени горе, ама се потопли како што се спушташе. Вкусот на портокалот во устата и се измеша со нешто загушливо и мемливо.

После повеќеминутното спуштање стигна до местото за одмор со нова врата. Ништо не гледаше, но напипа мала рачка. Ја притисна и ја отвори вратата. Се покажа ходник и се наѕре црвенкаст сјај во далечината.

Ходникот се повеќе се стеснуваше и после извесно време Ракел мораше да оди настрана. На крајот се провлече низ тесен процеп и влезе во малку поширока просторија. Осветлувањето се уште беше слабо, како во кабина во потпалува на траект за Данска во која влегува само зракче светлина од ходникот.

Жената седеше зад биро за пишување пред долга ниска полица на којашто имаше педесетина чифтови унисекс волнени влечки. Пиеше чај од црн филџан и ја гледаше Ракел чекајќи ја нешто да каже.

На ѕидот над полицата пишуваше со селеави букви:

Добро дојдовте во пеколот. Работиме нон-стоп. Не сме одговорни за имотот изгубен за време на престојот кај нас. Оставете ја секоја надеж.

Жената носеше сина униформа со ѓаволски неелегантен крој. Ништо не рече, ама и понуди на Ракел да земе чоколадна бонбона од чинијата. Ракел и пријде на чинијата и виде дека ги содржи само најнепопуларните бонбони на сите времиња.

Колебливо зеде една со таканаречениот вкус на банана и ги повлече краевите на сјајната хартија така што бонбоната полека ротираше и на крајот се покажа. Ја стави во уста. Беше грозна, но не сосема грозна. Мешавина на грозно и помалку грозно. Додека Ракел џвакаше, жената климна кон нејзините чизми и со прстот посочи кон полицата. Ракел сфати дека од неа се бара да ги соблече чизмите и да земе влечки.

Тоа е веќе премногу, помисли. Вкусот на бананата притоа се измеша со вкусот на портокалот и таа мемла во воздухот на промислено подмолен начин којшто и го расипа расположението и ја дезиорентираше. Искрено речено, беше затекната. Што е многу многу е. Пекол, мислам, навистина…

Се заблагодари за бонбоната и се врати до процепот во ѕидот. Се протна низ него и одеше настрана се додека ходникот не се прошири. Потоа се провлече низ вратата којашто, фала богу, се уште беше отворена. Се качи по скалите. Го затвори вратичето и го врати клинот. Влезе во куќата. Ја заклучи вратата од верандата.

Ја запали печката. Се обиде да се соземе.

Долго седеше пред печката загледана во пламенот. Мирисот на портокал се рашири кога топлината ја исуши кората. Пријатен и утешен мирис. Но ситуацијата цело време беше крајно чудна.

Зарем е можно, помисли. Влез во пеколот во градината. Кој би рекол. А продажба на куќа со пекол во градината допрва ќе биде пекол. Неколку часа се превртуваше во креветот додека не заспа.

Утредента се врати. Со ламба на главата. Оцени дека скалилата се долги неколку стотина метри. Сега беше подготвена, го заби клинот под вратата да не се затворат. Не знаеше дали во пеколот има провев, но заклучи дека веројатно има. Каде би го имало ако не таму?

Жената повторно седеше зад бирото и пиеше чај. Ракел љубезно ја одби бонбоната, ама се соблече и навлече волнени влечки. Кога зачекори да продолжи понатаму, жената ја запре и и рече дека мора да купи влезница.

Влезница?

Да.

Аха?

Ова е непрофитна организација. Сатанизирани сме во јавноста и непрекинато се трудиме тоа да го исправиме, но ни недостасуваат средства и едвај составуваме крај со крај. Пеколот не е ефтина работа, можам да ви кажам.

Ракел имаше впечаток дека жената рецитира. Ама па што. Секој мора нешто да работи, а инаку делуваше сосема пристојно.

Баш ми е жал, рече Ракел. Не знаев дека е така.

Принудени сме да собираме средства како што знаеме и умееме, продолжи жената. Без финансии целата работа ќе застане. А тогаш би настанал хаос. Тоа белким на сите им е јасно.

Да, одговори Ракел. Можам да замислам. Колку е влезницата?

Двочасовната влезница е триесет круни, а дневната педесет. А имате и десетодневна влезница за четиристотини. Но нема далеку да стигнете за два часа, додаде. Има многу што да се види. И забавно и помалку забавно. Луѓето кои ќе земат двочасовна влезница речиси секогаш се каат. Но после е доцна.

Ракел се пресмета во главата. Четиристотини круни за десет дена не е толку страшна цена. Ама дали ќе сака да дојде повеќе пати? Тоа не можеше да знае. Иако… Ако сега земе дневна пропусница па после сфати дека десетодневната била подобро решение, ќе се покае, а мразеше каење. А и помислата дека така би заштедила сто круни беше привлечна. Да, да, секако треба да се земе десетодневна. Жената задоволно климна, како да и се допаѓа што Ракел е во состојба толку брзо да донесе вистинска одлука. Потоа се наведна и извади црвено-црна влезница од фиоката. Поништи едно поле со некакви кондуктерски клешти и притоа и удри на Ракел сатански печат на раката.

Ако внатре го покажете жигот на несветиот, ќе добиете сок, рече жената.

Ракел се спушташе низ благо навален ходник. После извесно време и беше жешко, делумно поради самото движење, но и поради тоа што температурата непрекинато се зголемуваше. Ја соблече јакната, ја превитка и смести во практичниот ранец што го доби од маж и, минатиот Божиќ, пред да ја запознае жената со ѕвонлива смеа. Набрзо потоа го соблече и тенкиот џемпер и остана само во сина поткошула, сива тренерка и волнените влечки.

Набрзо почна да наидува на локалните жители. Изгледаа како и сите останати луѓе. Жени и мажи на различна возраст и понекое дете. Многумина делуваа неспокојно, некои и сосема апатично. Ракел се трудеше да се насмевнува и да климнува со главата, но никој не и го возврати поздравот. Добро, помисли. Одлучи да го батали поздравувањето. Ако така сакааш, баш и е гајле. Впечатливо беше и тоа што сите носеа обична облека. Она што го носеле кога умреле, помисли Ракел. Бидејќи воопшто не се сомневаше дека се мртви. Живи секако не беа. Наоколу поминуваа и поединци во иста неелегантна сина униформа каква што носеше жената зад бирото за пишување. Тоа беа вработените, сфати Ракел.

После извесно време ходникот ја однесе до огромна јама, со радиус од околу три-четири километра. Ракел се наоѓаше на врвот, а кога се навали преку оградата виде осветлени катови кои се нижеа во длабочината до каде што погледот допираше. Стотина други ходници водеа до врвот на јамата, господ бог знае од каде, и луѓето поминуваа и тука горе и на сите катови под неа. Никаде не виде скали, но ја забележа патеката што како спирала се извиваше долж работ на јамата. Беше симпатично што идејата за универзален дизајн стигнала дури до овде, и падна на ум. Тоа е солидарност. Долго стоеше, впивајќи го необичниот призор. Ова е значи пеколот, помисли. Ова е значи живеалиштето на грешните. Чудесно.

Од еден киоск зеде мапа, и кога го покажа печатот на раката навистина доби сок. Без лого. Ама беше тоа некаква кока-кола. Не онаа официјалната, секако. Имаше полош вкус од онаа на Земјата, но сепак ја испи. Пекол-кола. Не е во ред да биде пребирлив, помисли.

Ја погледна мапата. Покажуваше опсежен систем на ходници и големи јами, па сфати дека областа каде што се наоѓа е само еден од многуте делови на сложена целина. Различните области ги поврзуваше жичарница. Делуваше по малку расклатено, ама па зборуваме за пеколот.

Ракел сакаше мапи, па оваа сакаше да ја сочува, можеби и да ја врами и закачи на ѕид. Додека внимателно ја моташе, здогледа информативна табла со преглед на бројни активности во пеколот, со точно време и место на случување. А навистина имаше сешто.

Виде дека различни групи се мачат на различни начини на различни места во различно време. Имаше навистина многу информации.

Оние кои никогаш не беа задоволни од животот, иако имаа се што може да ги задоволи, се мачат секој ден во еден и петнаесет, пишуваше. Погледнете како тие кутри бедници страдаат и сликајте се со грешниците.

Во петнаесет часот посетителите накусо можеа да го видат ѓаволот, па дури и да го хранат. Гледајте како Сатаната јаде, пишуваше. Дајте му ја на Принцот на темнината омилената храна.

Ќесички со ѓаволска храна се продаваа во киосците.

А во осумнаесет часот на главниот плоштад се танцуваше сатанско танго.

Баш убаво.

Ракел ја испи пекол-колата и ја врати лименката. Печатот можеше да го користи неограничено, ја извести човекот во киоскот. Туризмот е многу битен за нас, рече. На што би личел пеколот без туристи, не смеам ни да помислам.

Ракел го праша што направил за да заврши во пеколот.

Го удрив своето куче, рече тој.

Уф, одговори Ракел.

Да. Тоа беше глупаво од моја стрна.

Дали го удривте повеќе пати?

Се плашам дека да.

Колку пати?

Двапати.

Тоа не звучи толку страшно.

Може само еднаш, така велат правилата. Ама мене никој тоа не ми го кажа. Тоа ви е ѓаволска работа со ова место. Претпоставуваат дека ги познавате регулативите и законите за кои никој не ве известил. Само еднаш да го удрев песот ќе бев слободен човек, но бидејќи го удрив двапати,овде сум засекогаш.

Баш ми е жал, рече Ракел.

Ете, што да се прави. Но на многумина овде им е полошо отколку што ми е мене. И тоа е некаква утеха. А и неделата ми е слободен ден. Па нема да се жалам.

Зошто го удривте кучето?

Сакав да седне кога ќе му кажам „седи“. Само тоа. За што служи пес кој нејќе да седне? Сите кучиња сакаат да седнат. Ама мојот нејќеше. Никогаш тоа не го научи. Најпосле се налутив и го удрив.

На Ракел навистина и беше жал. Делуваше како добар тип. И покрај тоа со песот.

Сакате ли да ве прегрнам? праша таа.

Потребна ми е прегратка повеќе отколку што би поверувале, рече човекот, но физичкиот контакт со туристите е забранет. Вистински пекол.

Ракел се симнуваше од кат на кат и наидуваше на се поголем број на жители. Не исгледаа задоволно. Се чинеше дека многумина ги мачи мигрена. Се држеа за главата, се потпираа на ѕидовите и гласно офкаа. Сиромашните тие, помисли Ракел. И нејзе повремено ја мачеа главоболки па знаеше како може тоа да изгледа.

Ја најде станицата на жичарницата и влезе кога гондолата пристигна. Седна напред и добро ги виде сите пеколни маки додека гондолата поминуваше низ тунелите и големите сали. Повремено гледаше јами слични на онаа првата. Секоја имаше безброј катови и тунели. Какво место, помисли Ракел. И секаде луѓето ги прободуваа, вареа и мачеа на гротскни начини. Некои од најстрашните ги злоставуваа големи инсекти, забележа. Леле. Гондолата за среќа имаше акустична изолација па не мораше да ги слуша болните врисоци. Пејсажот впечатливо личеше на визијата на пеколот на Јероним Бос од шеснасеттиот век. Ракел ги виде неговите слики во музејот додека студираше. Бос очигледно знаел нешто што другите не го знаеле.  Ракел сфати дека не е првата што нашла вратичка во својата градина.

Гондолата повремено застануваше и намачените луѓе со видливи и невидливи болки излегуваа и влегуваа.

На станицата што се викаше Палатата на Сатаната Ракел излезе и почна да ги следи знаците.

Немаше ни пет минути до хранењето на ѓаволот.

Немаше време да купи ќесичка од сатанската храна во некој од бројните киосци, но тргна по скромната поворка со туристи кон моќниот дворец од црна магматска карпа, опкружена со огради и чувари. Беше барокно украсен и сложената пиротехника беше во постојана употреба. Кога стигнаа до главната капија, лесно се проби во првиот ред. Очигледно не е во ек туристичката сезона во пеколот, помисли.

Штом си го зазеде местото, се појави Пинцот на темнината. Излезе од споредниот влез на палатата и тргна накај капијата. Изгледаше како обичен човек. Ракел тоа ја изненади. Замислуваше нешто подијаболично. Беше под влијание на крајно злонамерните претстави во светското сликарство на сите времиња, помисли. Црковните мрачни луѓе го оцрнија и луѓето се закачија. Човекот пред неа немаше ниту едн рог, ниту влакна на лицето, нималку срвенило на кожата и очите воопшто не му сјаеја. Напротив, носеше светол ленен костум и сина свилена шамија на риги околу вратот, беше бос и зрачеше со нешто што беше на работ на веселоста. Освен тоа беше виток, висок, и можеше дури да се нарече дека е атлетски граден.

Одеше со лесен чекор токму како мажите кои Ракел повремено ги сретнуваше на планина, жилави, силни типови со погледот втренчен во нешто дваесет километри далеку.

Се чинеше дека има педесеттина години, плус, минус, оцени. Иако несомнено беше значително постар, секако. Ама добро се држеше. Некое време стоеше на платото пред палатата уживајќи во сопствениот сјај, а после извесно време помина низ капијата и го восприми навивањето на луѓето, вкупно неколку десетина туристи. Ѓаволски климна со главата на секој поединечно, го направо ѓаволскиот знак со со прстите и потоа божем срамежливо ги крена рацете за да го смири аплаузот на којшто стишување воопшто не му беше ни потребно. Самоиронија, помисли Ракел. Самоироничен ѓавол. Тоа и се допадна.

Потоа и пријде на безбедносната ограда и се ракуваше со сите кои сакаа. Ги јадеше оревите што му ги додаваа – некој од купот истакна дека најмногу сакал макадамиски ореви.

Двајца Азијци со големи очила направија сатански селфи.

Кога се заврте за да се врати во дворецот, погледот му се вкрсти со тој на Ракел. Застана и ја гледаше. Погледот му беше ѓаволски продорен. Очите му беа сини, не, зелени, не, сини. Нешто помеѓу. Неодредено. Синозелени. Што би се рекло како тетрапак млеко со мало количество на масти што Ракел никогаш не го пиеше, но постојано го купуваше. Заради децата. Сметаше дека тоа е одличен компромис помеѓу полномасното и диеталното млеко. Но дека тоа е бојата на очите на ѓаволот, немаше поим.

Внимателно ја гледаше и Ракел почувствува скокоткање што почна малку под стомакот и заврши некаде во средината на мозокот, или можеби малку зад средината, и малку под. Одлично чувство. Долго не почувствувала ништо подобро. Всушност не можеше да се сети дека некогаш доживеала нешто слично. Не знаеше дали се насмевна, но претпоставуваше дека да. Сатаната сигурно тоа го забележа, бидејќи тргна накај неа.

Здраво, живо, рече.

Гласот му беше мек на пеколен и прекрасен начин. Како свилено кадифе, помисли Ракел, ако постои нешто што така се нарекува. Сатанска свила со 6,66 проценти кадифе.

Одговори: Здраво, живо и тебе.

Прв пат ли си овде?

Ракел климна.

Умее ова да го изненади човекот.

Да, баш е необчно.

Срдечно се насмеа. Како да не е, можам да си замислам.

Овде има чемер и јад колку сакаш. Го најде вратничето?

Да.

Каде?
Во градината.

Значи така. Немаше градини во минатото, знаеш. Но сега вие луѓето се раширивте на сите страни. Ве има се повеќе. Го забележувам јас тоа и овде долу. И не ни е лесно поради тоа, право да ти кажам. Само се шириме. Сега сме на дваесет и петтото ниво на градење. А не требаше да го поминеме осумнаесеттото. Луѓето се се побројни и се повеќе прават глупости.

И ја допре подлактицата на начин којшто изгледаше и случајно и намерно. Ама повеќе намерно. И поради тоа Ракел целата затрепери.

Дали зема повеќедневна влезница?

Да.

За колку дена?

Десет.

Мудро. Така е најдобро. Се заштедува.

Баш на тоа помислив.

Секако.

Го извади мобилниот телефон и се свитка накај нејзе така што главите им се допреа. Потоа ги сликаше и ја погледна фотографијата.

Види колку сме убави, рече тој.

Ракел климна со главата. Тоа беше сосема точно. Навистина убаво изгледаа. Сакаше нешто да каже, но на ништо не се сети. Останатите туристи ги гледаа. Стражарите на капијата исто така. Сатаната не се обѕрнуваше на нив. Повторно ја погледна право во очи.

Следниот пат понеси ореви, рече. Сакам ореви. Најмногу макадамиски ореви. Тоа ти  ѓаволски орев. Може и некое француско сирење. И тие се добри.

Се заврте, помина низ капијата и тргна по платото. Заради тие боси нозе и изгледаше како некој кој преживеал тешко детство, како длабоко намачен човек кој тврдоглаво истрајува во својата желба за слобод. Почувствува затегнување во стомакот кога се изгуби во истиот спореден влез од којшто и излезе.

Ожедне од сето тоа. Го покажа печатот во еден киоск и доби пекол-кола, седна на клупата и ја испи со долги голтки.

Се чинеше дека ѓаволот за јабележа меѓу сите останати. Малечката неа. Која дури нема ни ѕвонлва смеа. Мажите во тие години обично сакаат млади жени, помисли. Барем шест-седум години помлади. А пред се уште помлади. Но веријатно не се сите исти, помисли потоа додека за малку ја задржа последната голтка од пекол-колата во устата па ја олтна. И мажите се разликуваат, без разлика на се. И плус тие синозелени очи.

Уф, не треба да се занесувам, помисли и одмавна со раката.

Тоа е веројатно една од ѓаволовите ѓаволски особини. Сигурно сите помислуваат дека ги погледнал на особен начин. Тоа е трик. Сигурно е ѓаволски трик. Се насмеа. Неа сигурно нема да ја излаже на така ефтин начин. Таман работа. Еднаш можеш да паднеш на погрешен маж. Двапати никако.

Ракел се врати со жичарницата, го најде својот ходник и тргна дома. И климна со главата на жената зад бирото за пишување, веќе по малку одомаќинето, и таман почна да се провлекува низ процепот слушна некакво шушкање и тивок удар. Ракел ја сврте главата и виде дека жената вади цилиндар со порака од цефката што ѕиркаше покрај работ на масата. Погледите за момент им се сретнаа пред Ракел да продолжи да се провлекува и да излезе во ходникот.

Кога помина десет-петнаесет метри слушна дека жената вика по неа. Почекајте малку!

Ракел не застана. Имаше доволно впечатоци за еден ден. И повеќе од доволно. Пколно многу., всушност. Беше вознемирена и само сакаше да се врати дома.

Забрза низ ходникот и по скалите. Кога излезе, ја затвори малата врата и ја дотурка градинарската количка врз неа. Потоа долго се тушираше. До крајот на денот седеше на каучот размислувајќи за пеколот. Кој би рекол. Во градина. Од сите места. И сите тие кутри луѓе кои толку страдаат. Сигурно многу згрешиле, помисли. А потоа се запраша дали и самата направи нешто погрешно, нешто поради што ќе заврши долу. Сметаше дека не, но никогаш не се знае. Секако не удри ниедно куче.

Како што вечерта одминуваше, се помалку мислеше на пеколот а се повеќе на ѓаволот. Изгледаше сосема океј. Далеку помалку ѓаволски отколку што мислеше, ако и нешто мислеше. Нејзината верба ослабе пред многу години. Особено вербата во Бог кој казнува. И се чинеше дека тоа е многу глупав концепт.

Но што ако сето тоа е всушност точно? Господи боже.

Таа ноќ сонуваше дека таа  и Сатаната лежат на ќебе во шума и јадат француски сирења. Бле ди веркор-сасанж, кантал, морбје, мимолет. Ѓаволски се разбираше во сирења. Го соблече палтото и кошулата и лежеше гол до половината, мирисаше на лаванда и градите му беа мазни, а не неуредно влакнести како градите на оној идиотот со кого беше. Ѓаволот се навали за да ја бакне, но сакаше да го задева па почна да бега. Трчаше по неа, лесноног, бос, и непрекинато се смееја. Кога најпосле ја стаса, ја љубеше долго и страсно, почувствува скокоткање до врвовите на ножните прсти. Тогаш го пофали нејзиното смеење. Рече дека е многу убаво. Дека не е нападно ѕвонливо. Никогаш не можел да поднесе жени со ѕвонлива смеа, рече. Многу се глупави.

Утредента купи макадамски ореви и се врати.

Жента зад бирото за пишување ја крена главата кога Ракел се провлече низ процепот.

Зошто побегнавте? рече таа. Зарем не чувте дека ве повикувам?

Немав сила, одговори Ракел. Сето ова ме обзеде.

Ама сепак се вративте?

Да.

Тоа ми се допаѓа, рече жената. Моравте да се вратите. Нешто ве намамува и влече, но не знаете точно што.

Така е, одговори Ракел. Баш така.

Ех, колку ми недостасува тоа, рече жената. Тие мали противречности, ирационалноста, се што човек прави, а не знае зошто. Тоа е, да знаете, вистинскиот живот. Запаметете го тоа.

Жената го отвори цилиндарот што стоше на масата и ја извлече хартијата. И ја подаде на Ракел.

Пишуваше: Дознај како се вика таа жена и дали ја има на социјалните мрежи!

На хартијата со жолта спојувалка беше закачена фотографија на Ракел, снимена со камерата за надзор во гондолата.

Кој ви го испрати ова? праша Ракел.

Самиот врв. Тој. Гадот лично.

Го нарекувате гад?

Само кога не е тука.

Јас не мислам дека е гад. Напротив.

За вкусовите не треба да се расправа. А,а е гад. И зол.

Не верувам во тоа, рече Ракел.

Тоа е затоа што не сте биле изложени на неговото мачење.

Мислам дека длабоко во себе е добар.

Баш сте наивни.

Мислам дека не сум.

Мислете што сакате.

Ракел ги навлече волнените влечки и ја подаде влезницата. Жената го поништи второто поле и Ракел тргна низ ходникот.

Не одговоривте на прашањето во порката, подвикна жената по неа.

Знам, одговори Ракел.

Стоеше во првиот ред и мафташе со ќесичката ореви, кога ѓаволот излезе од својот спореден влез. Веднаш ја здогледа и тргна накај нејзе не обѕрнувајќи се на останатите туристи. Чуварите се загледаа. Невообичаено ѓаволско однесување.

Го хранеше со еден по еден орев.

Молчеа. Само се гледаа. Неговиот поглед продираше се подлабоко. Тој ден носеше поинаков ленен костум. Кафеав. Но повторно беше бос. Мали средени стапала со јасно изразени коски. Не би му штетело малку да се здебели, помисли Ракел.

Кога изеде петнаесет ореви, се извини и ја замоли да го почека.

Тогаш помина покрај безбедносната ограда и ги поздрави останатите собрани. Ракел препозна австралиски акцент и виде неколкумина Азијци, можеби од Сингапур, помисли. Тука беше и постара двојка од Романија. Момче сакаше да му фрли коска додека друг сликаше. Сатаната на сите им излегуваше во пресрет, се насмевнуваше о се смееше.

На крајот се врати кај Ракел и ја повика да појде со него. Стражарите откачија два реда од безбедносната ограда и ја пуштија. Ја фати за раката додека го преминуваа платотот кон споредниот влез. Дланката му беше мека и топла.

Ракел немаше никакви резерви. Го сакам ова, само помисли. Господе боже, го сакам ова.

Внатрешноста на палатата беше грозна. Црна магма и злато на сите страни. Пеколно тажно, помисли Ракел. Посака се да среди. Местото не мораше да биде толку безживотно само затоа што е живеалиште на Сатаната. Мораше да го смени начинот на размислување. Вазната со цвеќе и некои убави завеси белким можеше да си дозволи. Го замисли дезенот што најдобро би одговарал. Можеби нешто зелено. Можеби нешто со густи силнозелени точки на светла позадина. Следниот пат би можела да понесе неколку списанија за уредување на стан. Да, обврзно.

Сатаната не и ја пишташе раката додека и ја покажуваше палатата. Многу соби. Премногу за него самиот, рече. Послугата беше уплашена и сервилна. И не без причина. Беше тешко да се најде  добра послуга во пеколот, и многумина го почувствуваа ѓаволскиот гнев низ вековите. Знам да се налутам, рече и го спушти погледот. Многу да се налутам. Поради ситница. Тоа ми е можеби најголемата маана. Луѓето се исплашуваат. Не се однесуваат природно со мене. Крути се и се станува несмасно. Затоа сум често осамен и ми е здодевно. Се на се, зачмаен живот. Некогаш срцето ме заболува. Уф, сега сешто ти зборувам, те оптеретувам, слободно кажи ако ти здодевам. Ама како веќе да се поврзавме. Дали и ти тоа го чувствуваш?

И таа го чувствуваше тоа.

Сатаната го набљудуваше нејзиното лице кога мислеше дека не го забележува. Но Ракел, на која никој долго не обрнуваше внимание, се забележуваше. Се впиваше. Чувствуваше дека тој сака да ја допре, можеби да ја тргне кадрицата што постојано и паѓаше преку окото. Сакаше тоа да го направи. Но тој само продолжи да и ги покажува своите соби и предмети.

Главно, зборуваше, седи во контролната соба и нанесува болка, го насочува и надѕира мачењето преку монитор. По цел ден седи, па има проблеми со грбот. И рачниот зглоб го болел поради маусот, сега е подобро, но не е сосема добро.

И не може да каже дека чувствува длабоко задоволство на крајот на работниот ден. Ракел ќе згреши ако го помисли тоа. Во минатите времиња често било така, да чувствува дека обавува чесна работа. Ама сега се се смени и повеќе не е толку сигурен. Понекогаш се сомнева во целиот систем.

Ракел не го слушаше внимателно. Тој човек ѓаволски ја привлекуваше. Сакаше да ја допре. Само тоа сакаше. Да ја допре. Насекаде да ја милува и љуби.

Но тој само зборуваше. За прагот на болката, за казнувањето, за поимот на бесконечност, за тоа дека нанесувањето на соодветна количина на болка е вистинска уметност. Не смее да се претера со болката. Но исто така не треба да ја има премалку. На крајот Ракел веќе не можеше да издржи. Застана и го пушти да влезе во контролната соба без неа. Уште некое време продолжи да зборува додека не сфати дека ја нема. Во меѓувреме таа погледна околу себе и виде комода со грда ламба. На таа ламба и требаше нов абажур. Се на се, имаше силна желба малку да го среди пеколот.

Сатаната излезе од контролната соба. Ја погледна.

Ако веднаш не ме бакнеш, заминувам, рече таа.

Ја бакна. Страсно и меко. Потоа помалку меко, но и понатаму страсно. Потоа почна да ја допира и милува. Насекаде. Помалку или повеќе. Ги почувствува неговите дланки на долниот дел од грбот. Набрзо облеката им беше расфрлана низ ходникот. Вратата на спалната соба нагло се отвори и се фрлија врз креветот.

Ау, рече после ѓаволот. Кој би поверувал дека вакво нешто е можно? Како да сум се вратил дома.

Ракел го помисли истото. Се врати дома. А никогаш дотогаш не беше сосем дома.

Лежеше будна гледајќи ја лава-ламбата на наткасната и Сатаната кој така мирно заспа под јорганот. Низа на топли нијанси се менуваа во ламбата. Меурите кружеа. Прекрасна ламба.

Каков енигматичен човек, помисли. Има и грди и убави ламби. Ама кожата секако му беше мека. И беше внимателен љубовник. Дури ја праши и дали користи некаков вид на контрацепција и дали е во ред да не се извлече во последен момент бидејќи ѓаволски сака да сврши во неа. Само напред, рече таа. Наскоро полнам педесет. Моето време помина.

Глупости, и одговори, твоето време допрва доаѓа.

Следните денови Ракел виореше од чувства. Се чувствуваше стара и мислеше дека ѓаволот сигурно не е сериозен. Но тоа толку и требаше. Беше типично за неа да се залепи за првиот кој ќе наиде. А во случајов тоа беше уште и Сатаната лично.

Не функционираше на работа. Со децата беше нестрплива и раздразлива. Понекогаш само ќе заплачеше, од чист мир.

Кога една вечер децата заспаа, веќе не можеше да издржи. Отиде во градината, го отвори вратничето и слезе. Се провлече низ процепот и и даде белешка на жената зад бирото. Без зборови ја стави на масата за пишување. Па се заврте и се врати горе.

За помалку од еден час и стигна покана за пријателство. Го прифати со треперлив прст и само неколку секунди подоцна се слушна првото „плинг“.

Здраво.

Здраво.

Мислам на тебе.

И јас мислам на тебе.

Можеме ли да се видиме?

Втора недела. Дојди ти кај мене.

Не. Тоа е невозможно. Не е дозволено.

Не е дозволено?

Не е.

Мислев дека ти правиш што сакаш.

Само во мојот свет. Ќе мораш ти да дојдеш кај мене.

Ама тука ми се децата.

Па што?

Не можам да ги оставам сами.

Секако дека можеш. Децата се поснаодливи отколку што мислиш.

Не би ризикувала.

Се ќе биде во ред.

Кој ми кажува. Дали е тоа твоето стручно мислење?

Може да ја замолам сестра ми да ги причува и засолни.

Сестра?

Да.

Каква е таа твоја сестра?

Таа одлучува за се на небото и на земјата.

Значи таа е… ова… бог?

Да.

Господе. Исусе. Кул. Да, океј, може.

Тогаш ќе ја замолам да ги погледне твоите деца и да им подари милост на неколку часа.

Супер. Добро решение. Доаѓам.

Ја пречека зад процепот. Жената во неелегантна униформа исчезна, бирото за пишување беше покриено со кариран чаршаф и врз него имаше две чаши и шише шампањ. Сатаната носеше волнени влечки.

И ја подаде чинијта со бомбони.

Земи една со вкус на банана, рече. Најдобри се.

Го послуша. Вкусот овојпат беше подобар. Малку поблиску до добар отколку до одвратен, речиси.

И сам зеде една. Се насмевнуваа еден на друг додека џвакаа.

Подовите се многу студени во овие ходници. Не е како долу кај мене. Како е на површината?

Свежа пролетна вечер, одговори Ракел. Земјата е водена. Врнеше дожд.

Дали е убаво? ја праша.

Многу е убаво, одговори Ракел. Пролетта е нешто најубаво. Целиот живот се враќа. Се никнува, отпрвин претпазливо. А потоа експлодира. Се буи. Го обожавам тоа.

Долго ја гледаше. Никогаш тоа не сум го видел, рече. Убаво звучи.

Многу е убаво.

Имаш прекрасен глас, рече тој, би можел да те слушам цел ден.

Се бакнаа. Еднаш. Двапати. Трипати. Се бакнаа четири пати.

Извади простирка и две перничиња од корпата за пикник.

Ја рашири простирката на подот и ги намести перниците. Ја повика да седне. Се гледаа. Ја прегрна, и таа неволно затрепери и заплака. Не знам зошто плачам, рече. Баш сум глупава.

Де, де, рече тој. Тука сум, Ракел. Безбедна си со мене.

Солзите и понатаму туку така и доаѓаа. Ги избегнуваше луѓето. Трчаше во шумата. Порано не се осмелуваше. Сешто можеше да се случи таму. Секакви чудаци се мотаат низ шумата. Ама стравот го снема. Најде пријател. Можеби и повеќе од пријател. Не смееше да се надева, но се надеваше. Плачот можеше да ја обземе во секој момент. Се потпираше на смреката и липаше. Дали е вистина? Дали тоа навистина се случува? Дали е вистински можно да му се допаѓа? Таа којашто наскоро ќе наполни педесет а ништо не постигна. На работа помлади од неа стигнуваа до повисоки позиции. Не се трудеше доволно. Веќе многу години и недостасуваше енергија. Сето тоа беше порадо него, сфати сега, дозволуваше да ја гази и заради тоа се лутеше на себеси. Го пушти да ја изглода до коска, а кога на неа веќе ништо не остана најде некоја со ѕвонлива смеа.

Телефонот и стана најскапоцен предмет.

Се јавуваше од утро до мрак

Што правиш?

Само што се разбудив, одам да се истуширам.

Мм. Прекрасно. Земи ме и мене.

Ти си секогаш со мене.

Што имаш на себе?

Сини пантолони и свежо испеглана вела кошула. И шамија што ја носев кога прв пат ме виде. Ти?

Кафеав ленен костум.

Не носиш шамија?

Носам.

Црвена?

Не. Розикава. Со бели точки.

Те гледам. Сакам да те бакнам.

Мм. И јас би се бакнувал. Ќе дојдеш ли вечерва?

Нема.

Купуваше збирки поезија во книжара антикварница.

Се имаше смисла. Се беше поврзано. Она што со години немаше врска едно со друго сега се спои. Светот беше голем и убав.

Кога телефонот немаше да одекне подолго од еден час, и се чинеше дека ќе умре.

Ги фотографираше песните и ги праќаше.

Плачеше над земјата, а тој под.

Кога чезнеам по дождот,

чезнеам по тебе,

сонцето по по кое копнеам

сонце е со очите твои,

а смртта од која се плашам

смрт е без тебе.

Тој: Господе боже и Христосе на небесата. Токму тоа го чувствувам.

Таа: И јас.

Тој: Ти и јас мораме засекогаш да останеме заедно.

Таа: Да.

Не можеа да ги дочекаат првите понеделници. Слегуваше долу штом децата ќе отидеа во училиште. Лежеа на неговиот кревет и правеа се живо. А после разговараа. Гледаа во таванот и еден во друг. Пиеја шампањ. Си ја допираа еден на друг косата и кожата. Одново и одново. Очните одново им се сретнуваа. Насмевката не им се симнуваше од лицето. Токму кога ќе помислеа дека доволно се насмевнуваа, мораа повторно да се насмевнат. Луда количина на копнеж се судираше со друг копнеж создавајќи вулкани од фузија на љубовна енергија.

Кога се враќаше дома после трчањето, наидуваше на првите глуварчиња во таа година. Ги пресуваше и направи абажур. Му го даде. Ја замени лава ламбата на наткасната со ламба со нејзиниот абажур.

Секогаш ќе ја гледам, секогаш. Многу ти благодарам. Жолтите цветчиња го маѓепсаа. Никогаш не видел нешто толку убаво.

Господе боже, рече, толку се кревки и прекрасни. Никогаш не би поверувал дека такво нешто постои. И дека расте од земјата. Неверојатно. Мојата сестра навистина е блескава. Отсекогаш се правеше како што треба, а јас умеев само да се лутам и бунам. Сакаше да создава и гради, а јас само да уривам. Сакаше да го издигне човекот, а јас да го фрлам во амбис. Многу разговаравме за тоа кога бевме помлади, и се сложивме дека и едното и другото е потребно. Поставивме неколку едноставни правила и го поделивме светот на два дела. Вие луѓето тоа го толкувавте на разни начини и се искомплициравте, но во суштина е многу едноставно. Мојата сестра ви даде живот и мирна смрт. Јас ви дадов страдање и болна смрт. Со прстот помина по пластифицираното глуварче на абажурот. Па со истиот прст помина од нејзиното чело до малата јама на дното на вратот.

Мојата сестра и јас многу се смееме на вашите системи и механизми, продолжи. Си го отежнавте себеси животот и од нашите правила направивте нешто заплеткано и будалесто. А на крајот од краиштата се се сведува на една единствена работа. Бидете добри па одете кај мојата сестра кога ќе умрете. Или бидете лоши па дојдете кај мене. Тоа е се. Само тоа. Бидете добри или бидете лоши. Правете го светот подобар, не полош. Сите тоа го знаат и отсекогаш го знаеле. Чувајте се што живее. Имајте обѕири едни кон други. Разберете дека сте дел од нешто што е поголемо од вас самите. Кротко прифатете се што ви се случува. Зарем е тоа толку тешко? Одмавна со главата.

Изгледа дека е, продолжи. Тоа го гледам веќе неколку илјади години. Луѓето главно ништо не разбираат. Првата грешка ја простуваме. Ама не и втората. После втората завршуваат овде. А кај мене има многу повеќе луѓе отколку горе кај сестра ми. Многу, многу повеќе. Всушност, имаме проблем со пренаселеност. Тоа можам да ти кажам.

Дали сите тие луѓе се осудени на вечни маки? праша Ракел.

Не се баш сосема вечни, и одговори. Гледаш, проблемот со вечноста е во тоа што трае многу долго. Неразумно долго. Бескрајот е сепак бескраен. А Исус нема да се врати, како што некои од вас си замислуваат. Дечкото веќе не може ни да се облече самиот, а камоли да им суди на живите и мртвите. Никој нема да воскресне. Само ова постои. Затоа сестра ми и јас се договоривме да ги пуштиме луѓето малку да циркулираат. Гледаме како го поснесуваат страдањето и ако забележиме потенцијал за преиспитување на себеси, во некои случаи ги пуштаме на одредено време да се качат горе и малку да се соберат. Непрекинато вршиме проценки. Но оние кои отповеќе ќе се возгордеат се стркалуваат назад во истиот момент, тоа секако.

Го познаваш ли Исус?

Како да не. Тој ми е внук од сестра. Добар дечко, многу допадлив, ама е невешт и не се снаоѓа баш најдобро. Не го поднесе се она што сестра ми онојпат му приреди. Стана чуден и срамежлив. Потоа веќе ништо не му одеше од рака. Јас многу ја критикував заради тоа. Сметав дека беше престрога. Замисли да распнеш момче на крст и му ги нафрлиш сите светски гревови на грбот, каков е тој начин? Тоа беше премногу за него. Мислам дека тоа навистина не смееше да се случи. После таа се покаја. Но чуму? Шо е сторено, сторено е. Таа моја сестра не е секогаш добра. Понекогаш е страшно строга. После тоа со векови не разговаравме. Дечкото често доаѓаше кај мене. Не сакаше да има ништо со мајката. Нешто се расипа меѓу нив. И не можеше да се поправи туку така. Мораше да помине време. Тонекогаш тоа е единственото решение. Би рекол дека се уште имаат малку затегнат однос. Но тој сега секако функционира подобро. Малку свири гитара и ја пушти косата да му паѓа во некакви долги дебели прамени. Чудак, може да се каже.

Јадно момче, рече Ракел.

Да, рече тој, кутар.

Ракел сакаше да го гледа Сатаната додека зборува. Работ на неговите усни оцртуваше линија што сакаше да ја допре и бакне. И ја допираше. И бакнуваше.

Знаев штом те видов, рече тој.

Што си знаел?

Дека си ти таа вистинската. Дека морам да бидам со тебе.

Да, знаев и јас. А мислев дека тоа не е возможно.

Се е возможно.

Дали си била со многу мажи пред мене?

Бев во брак.

Тоа го знам. Но пред тоа.

Беа пет-шест.

Синозелените очи повредено ја погледнаа. Како да требала да биде попаметна и да се чува за него.

Или можеби малку повеќе, додаде тивко.

Колку?

Ракел ги затвори очите и изброи. Еден период од студентското доба и беше по малку матен. Не можеше да се сети на се.

Девет, рече најпосле. Сметајќи го и поранешниот сопруг.

Не ми се допаѓа таа помисла, рече тој.

Разбирам.

Дали те сакаа?

Некои да.

Но не сите?

Не. Не сите.

Ама имаше љубов со некои?

Мислев дека да. Но сега сфаќам дека тоа не беше вистинското нешто. Не како ова. Никогаш не сум доживеала ништо слично.

Мило ми е што го слушам тоа. Не сум ни јас. Ни блиску.

А ти?

Што јас?

Дали си бил со многу жени?

Ги имаше.

Колку?

Можеби две-три на секои сто години, или така нешто.

Тогаш тоа е многу.

Е. Но имај во предвид дека се беше само телесно. Никогаш љубов, туку само примитивна потреба што се наметннала. И се секогаш беше тајно.

Зошто?

Затоа што тоа не е дозволено. Мојата сестра бара целосна посветеност на работата.

Ама ти тоа не можеш да го издржиш?

Не можам. Морам да почувствувам допир и морам да допирам. Просто е така. Го сакам телсниот контакт. Тоа ми е слабост. Така сум создаден. Но ѓаволски добро умеам да правам повеќе нешта одеднаш, па работата никогаш не сум ја запоставил.

Што вели сестра ти кога малку ќе застраниш?

Не знае таа се. Не е како што луѓето си замислуваат, дека таа се гледа и со се управува.

Значи таа не знае за нас?

Не знае.

Што би направила кога би дознала?

Би направила пекол.

Ракел ја потроши цела десетодневната влезница. Па уште една.

Би требало сериозно да размислите за годишна пропусница, и рече жената зад бирото за пишување. Ако и понатаму ќе доаѓате волку често, ќе заштедите многу пари.

Ракел купи годишна влезница.

По третото предупредување дека понатамошно отсуствување од работа без лекарско умерение нема да биде толерирано, Ракел доби отказ. Толку беше вљубена што не забележа дека сметките се натрупаа. После еден особено прекрасен ден во пеколот конечно собра доволно сила за да го прегледа купот и да собере се на телефонот. Немаше ни приближно доволно пари во банка. Кредитот за куќата исто така не го исплаќаше. Се најде во незгодна ситуација. Толку и беше јасно. Не гледаше друг излез освен дса бара помош.

Можам да ти дадам злато, рече тој. Обожавам злато. Тоа е веројатно мојата најдобра идеја на сите времиња. Го измислив само за да ја нервирам сестра ми. Сакав да и докажам дека нејзината творба е полна со маани и недостатоци. Златото е совршено за тоа. Луѓето полудуваат заради него. Се убиваат. Преминуваат мориња во големи бродови и освојуваат континенти. Го имам толку што не знам што да правам со него. Земи колку што сакаш.

Ракел тоа не можеше да го прифати. Не сакаше подароци.

Сакам да работам нешто за возврат, рече.

Да речеме дека работа ти е да ме посетуваш, и одговори. Ќе ти плаќам за да се дружиш со мене.

Ракел одмавна со главата. Тоа секако би бил лагоден живот, рече, но би се чувствувала дека се продава. Сатаната тоа отпрвин не можеше да го разбере, беше малку старомоден во таа смисла. Но му објасни дека во последните векови многу нешта се променети во рамнотежата помеѓу мажите и жените. Можеби и не беше необично што пеколот малку заостанува во тој поглед. Не би можело да се каже дека тоа е место што непосредно ги прифаќа новите струења.

За мене тоа е прашање на самопочит, објасни таа. Поинаку не би можела да се погледнам во огледалото наутро.

Добро, што умееш да работиш? праша Сатаната.

Умеам со луѓето, рече таа. Имам пријатна појава.

Тогаш можеш да работиш во мојата аптека, рече тој.

Што точно би работела?
Пред неа има секогаш редица од луѓе со рецепти за аналгетици. Имаат секакви повреди, отворени рани, внатрешни крварења и што ти уште не.

Треба да им давам лекови?

Не, треба да ги земаш рецептите и да зборуваш дека за жал го немаш тој производ и дека ќе мора да се вратат некој друг ден. А кога ќе се вратат повторно да го кажеш истото. Секогаш истото. Ама тоа не е лесна работа. И платата е онолку злато колку што можеш да понесеш.

Ама тогаш нема да им биде подобро.

Нема.

Која е смислата на тоа?

Смисла? рече тој и од срце се насмеа. Ова е сепак пекол. Смислата е во страдањето. Никој не е овде без причина. Запомни го тоа. А на тие јадници може да им биде малку полесно кога ќе ја видат твојата насмевка.

Ракел размисли за понудата. И се допаѓаше идејата за постојано вработување и златото, но имаше мала задршка заради тоа што ќе станеше дел од казнениот апарат на Сатаната. Не можеше да определи што точно тука и пречи, но јасно чувствуваше дека постои некаков етички проблем. Исто така не и се допаѓаше помислата дека би работела во опкружување со толку многу страдање. Тоа веројатно ќе ја направи нечуствителна, помисли, а и депримирана, на подолги патеки.

Би сакала некоја друга работа, рече кога испотени лежеа еден покрај друг во неговиот кревет неколку дена подоцна. Му ставаше ореви во устата и го гледаше како џбака.

Не би онаа што ти ја спомнав?

Сепак не.

Дали поднесуваш да гледаш крв?

Да, ма не би ја гледала постојано.

Разбирам.

Ја милуваше по задната страна на бутината и долго размислуваше. Имаше толку меки раце. Умееше да милува.

Размислував за отворање на ново одделение, рече на крајот. Или институт.

Институт звучи подобро, рече Ракел.

Нели? Не мислиш дека е малку претенциозно?

Не мора да биде.

Тогаш се договоривме. Институт за предзнаци на апокалипсата. Ти ќе бидеш директорка.

Навистина?

Апсолутно. Би сакал така да биде.

Дали станува збор за канцелариска работа?

Да.

Нема да има луѓе со отворени рани кои вриштат и запомагаат?

Не. Се ќе биде чисто и уредно. И ќе имаш добро пензиско осигурување. И даночни олеснувања во декември.

А платата?

Исто како во аптеката. Злато колку што можеш да понесеш.

Таа работа ја сакам.

Зарем нема прво да слушнеш во што се состои?

Ја прифаќам во секој случај.

Ми се допаѓа таков став. Но значи ти ќе изработуваш предлози за предзнаци на апокалипсата што сестра ми и јас би можеле да ги спроведемо на дело. Кога луѓето ќе помислат дека се ближи крајот на светот се однесуваат уште поглупаво од обично. Сакаме да ги малтретираме со такви нешта.

Можам тоа да го работам.

Воопшто не се сомневам. Имаш необично имагинативна и умна глава.

Какво би било работното време?

Би доаѓала на работа кога сакаш и би си одела кога сакаш. Само мораш ужината да ја јадеш со мене. Овде во креветов.

Следеше добар период. Во вторите недели Ракел заминуваше право во пеколот кога децата заминуваа во училиште, и се враќаа попладне. Во првите недели остануваше долу цело време.

Не работеше којзнае колку. Сатаната постојано ја прекинуваше. Границите помеѓу работодавецот и вработениот што не треба да се прекршат беа кршени.

Ќе мораш да ме пуштиш да работам некогаш, ќе речеше кокетно кога тој ќе навратеше.

Предзнаците на апокалипсата не се нешто итно, одговараше тој. Луѓето најчесто ги создаваат самите. Мојата сестра веќе крена раце. Понекогаш се кае дека ги создаде.

Но Ракел сепак имаше време да смисли понекој предзнак.

Идеите ги запишуваше на жолти белешки.

Вртачи, стоеше на една.

Што значи ова?

Ако направиш да се отворат вртачите во десет големи градови истовремено, на пример, луѓето тоа ќе го забележат. Интернетот ќе полуди.

Дали е тоа пожелно?

О, да, токму тоа е целта. Завери и контразавери. Така се се распламтува.

Сатаната од срце се насмеа.

Знаев. Ти си најдобриот дизајнер на предзнаци на апокалипсата кој може да се посака. А што пишува овде?

Покажа на друга белешка.

Замокот на Дизни.

Што значи тоа?

Мислев да ги начичкаш шестотини или седумстотини мали замоци на Дизни во шумата и да ги повикаш луѓето да се населат во нив. Би било тоа населба од пеколот.

Болно.

Да. Токму така.

А што пишува овде?

Срвена урина.

А што значи тоа?

Мислев да направиш луѓето да мократ крв. Кога ќе одат на лекар урината да биде со нормална боја, но кога ќе останат сами повторно да поцрвени.

Хахаха, сјајно! Сатаната се плескаше по бутината и непрекинато се смееше. Црвена урина. Од каде ги вадиш овие работи?

Материјалната состојба на Ракел драстично се поправи.

На крајот на секој работен ден носеше една рака златни грутки и набрзо наполни цел шкаф. Освен тоа, цената на златото беше историски висока.

Го отплаќаше кредитот, но не брзаше премногу. Не сакаше луѓето да се запрашаат од кај и се ненадејните пари.

Не се расфрлаше, само купи мултипрактик машина за кујната и се почести, сепак, со бунда од волчјо крзно, видејќи беше на намаление во продавницата за облека од втора рака. Исто така со децата со траект отпатува во Данска малку да се забавуваат во Копенхаген, јадеа виршли и беа во Леголенд. Таму седеше на клупите со силни лего бои и се допишуваше со Сатаната додека внимаваше на детските активности со половина мозок, а понекогаш и само со третина. Додека јадеа помфрит во облик на лего коцки, нејзиниот син изјави дека му е многу посабавно со Ракел отколку со татко му. За тоа беше награден со најголемото пакување на лего коцки што продавницата го имаше на располагање. Ракел не се стеснуваше малку да ги поткупи децата. Нивниот татко сепак беше идиот кого животот претерано го галеше.

Ама иако Ракел уживаше со децата, сепак копнееше по пеколот. Чудно е тоа. Љубовта прави нешто со луѓето. Децата се деца. Но љубовта е сепак љубов.

Што правиш? напиша на шарената клупа.

Правам пекол. Ти?

Леголенд.

Ах, да, заборавив. Забавно ли е?

На децата им е интересно.

А тебе не ти е?

Ми е, но ми недостасуваш.

Сакам кога тоа го кажуваш. И ти мене ми недостасуваш.
Мило ми е што го слушам тоа.

Кога се враќаш?

Утре.

Ќе наминеш ли долу?

Штом заспијат децата. Ако сестра ти ги причува.

Ќе ги чува. Ветувам.

Совршено. Тогаш ти испраќам цмок.

Цмок и на тебе.

Понекогаш ноќе Сатаната се облекуваше како обичен човек и ја изнесуваше Ракел на мали прошетки по бројните катчиња на пеколот. Ги покажуваше и објаснуваше системите и методите на казнувањето.

Овде ги ставив оние кои ништо не направиле кога требало, туку чекале да видат дали проблемот сам од себе ќе се реши, рече тој и покажа неколку чемерни јами каде што гасови и потоци лава избиваа од тлото.

Зарем тоа навистина е казниво? праша Ракел. Зарем тоа не е сосема вообичаено човечко однесување?

Вообичаено е, рече Сатаната, но тоа ништо не помага. Човекот мора да води сметка за својот живот и да презема одговорност.

Не знаев дека правилата се толку строги, рече Ракел.

Се, строги се, и такви треба да бидат.

Каква казна трпат?

Секое утро им кажуваме дека можат да летаат. Тогаш ги носиме на онаа карпа таму, во чие подножје тече река од лава, а тие скокаат и се варат. Сатаната се насмеа. Ја сакам таа казна, рече. А најдоброто од се е што некои, како годините поминуваат, запомнуваат дека всушност не можат да летаат, но пак скокаат. Застануваат на врвот и велат: Дали е навистина така? Навистина можеме да летаме? Како не е, одговарам. И неколку секунди потоа се варат во реката.

А овде се крадците на велосипеди, рече Сатната после некое време. Со нив нема милост. Крадењето на велосипед е подмолно злосторство. Се обидов да го сместам меѓу седумте смртни гревови, но сестрата го одби мојот предлог. Секогаш мора таа да одлучува. Ама овде им нема спас. Ги терам да поправаат велосипеди и потоа ги палам и нив и се што направиле. И после повторно поправаат. Па повторно ги палам. И така засекогаш. Иако имаат две недели одмор годишно. Се разбира. Човек не може баш непрекинато да гори. Можеш ли тоа да го замислиш? Тоа страшно боли. Толку плачат за милост, болно е да се слушаат. Но сами се виновни.

Додека така ги обиколуваа различните делови на пеколот, рацете често им се спојуваа и се стуткуваа еден со друг, тоа ја одушевуваше Ракел. Нивната блискост беше толку природна и некомплицирана. Како судбината да сакаше да се сретнат.

А овде ги ставив оние кои седнуваа на првото седиште во автобусот иако местото до прозорецот било слободно, рече тој.

А овде се оние кои сакаа да ставаат ананас во пицата.

Овде се оние кои мрзеа снег.

Овде се оние кои, на пример, приоѓаа од автопатот четири, па се префрлаа на десната лента на раскрсницата во Синсен, но потоа подло вртеа на обиколницата три наместо да поминат под надвозникот како што налагаат правилата.

Овде се оние кои спиеле со други иако на својот партнер му се заколнале на верност.

Овде се оние кои налутено викале по децата кога требало да им се обратат со обичен глас.

Овде се оние кои мислеле дека земјата е нивна и дека можат да прават што сакаат со светот.

Непрекинато зборуваше. Ракел делумно го слушаше. Казните беа толку страшни што се трудеше да не ги прима тие информации.

Повремено поставуваше прашања. Нешто и навистина ја интересираше, но главно тоа го правеше само за да изгледа дека го следи.

А судбината? ќе прашаше на пример. Дали судбината постои?

Не. Не постои. Ништо не е однапред определено. Јас и сестрата го разгледуваме и проценуваме секој случај поединечно независно од останатите.

Значи ништо не е судено?

Не е.

Дури ни тоа што ти и јас се сретнавме?

Да, заради такви работи и ти доаѓа да поверуваш во судбина. Но колку што знам, се сретнавме сосема случајно.

А што е со малата врата во мојата градина?

Што со неа?

Тоа белким не е случајно?

Има стотици такви вратничиња, во градините и во шумите и секаде. Тоа што една се нашла токму во твојата градина не е мое дело.

Едно неделно попладне испија три шишиња шампањ во креветот пред да излезат на прошетка. Се кикотеа и глупираа повеќе од обично, па расположението им беше врвно кога дојдоа до нешто налик на гето, каде што група грешници играа фудбал на поле од лава. Ѓаволот го фати некој ѓавол па ја праша Ракел дали ви сакала со самострел да погодува некоја личност по избор.

Благодарам на понудата, одговори Ракел, но мислам дека тоа ќе го прескокнам.

О, ама ајде, рече тој. Можеби не смееш? Хаха, не смееш?

Престани, одврати таа.

Навикнати се тие на тоа, рече тој. Нишани во срцето па ќе биде брзо и нема многу да боли. После ќе го оживеам човекот. Ветувам.

Предлогот беше сепак возбудлив, особено со алкохолот во крвта, па Ракел го зеде самострелот и почна да нишани. Главата на стрелата имаше три многу остри ножиња што се спојуваа во гротескен врв. Го избра типот кој изгледаше како да му е потребна стрела во срцето. Ама не стоеше мирно. Сатаната виде во што е проблемот и свика: Еј! Ти таму! Да, ти! Застани мирно за мојата девојка да те зстрела во срцето!

Човекот застана и неговите другари малку се одалечија. Ракел нанишани и отпушти. Стрелата летна право низ градите на јадникот, удри во магматската карпа со метален ѕвекот и падна на земјата.

Човекот запрепастено ја гледаше Ракел неколку секунди а потоа безживотно падна. Другарите го тргнаа и ја продолжија играта.

Сатаната се насмеа.

Гледаш. Не беше толку тешко.

Ја крена раката за Ракел да му фрли коска, но таа не сакаше. Сфати дека врагот ја однесе шегата и се покаја што го застрела човекот. Прв пат уби некого и тоа воопшто не и изгледаше правилно. Беше во пеколот да, и тој човек веќе беше мртов во извесна смисла, иетичките правила беа малку поматни од обично. Но сепак. Сепак.

Не сакам да учествувам во ова, рече и го фрли самострелот. Врзо почна да се одалечува. Сатаната потрча по неа.

Ама ајде, рече, не беше белким толку страшно?

Ракел не застана. Сакаше дома.

Тој тип го убиваат секој ден. Навикнат е.

Таа нагло застана и се заврте.

Кој си ти всушност? праша.

Сатаната не одговори.

Ти не си нормален, рече таа. Ти имаш ментално нарушување.

Немам, белким, одговори тој.

Да, имаш. Ова место е болно.

Сатаната молчеше, ама изгледаше засрамен. Ракел продолжи.

Прости ми, повика по неа.

Повторно ја стигна и ја фати за рамото.

Те молам да ми простиш. Можеби и сум ненормален. Досега никој тоа не ми го кажал. Дури ни сестра ми. Микој. Долната усна му трепереше. Мислев дека сум како и сите останати.

Изгледаше толку очајно што Ракел го прегрна.

Двајцата пуштија солза.

После то Ракел не сакашеда оди во ноќни прошетки во пеколот. Наместо тоа лежеа во неговиот кревет. Се допира еден со друг и го гледаа абажурот со глуварчиња.

Чудо божје.

Ама нешто се расипа. Не можеа да разговараат. Не сакаа да бидат во кавга, но одненадеш се појави мала темна грутка на нешто неизречено што трепереше во заднината. Им ја препушија комуникацијата на своите тела. Тие се уште добро функционираа.

Впрочем, немаа многу што да кажат што кожата не можеше да го формулира подобро.

Но зборовите на крајот мораше да излезат.

Знаеш, она што го рече… кажа после неколку дена тишина. Она дека сум ненормален.

Да?

Во право си. Имам професионална деформација. Не требаше да те терам да го застрелаш оној тим.

Не требаше, одговори Ракел.

Не требаше да навалувам.

Не.

Нездраво е ова што го работам веќе илјадници години. Не е ова добра работна средина.. Премногу се вртам во сопствените мисли.

А што направил?

Кој?

Тој што го застрелав.

Ја изневери сопругата.

Само тоа?

Колку што знам.

Тоа е сосема вообичаено нешто.

Сфатив. Но мојата сестра тоа го мрази. Тоа никако не го прифаќа. Дадени ми се јасни упатства најстрого да го казнувам неверството. Стрела низ срцето е најчестата казна. И во извесна смисла најмалку груба. На некој начин го уништуваме она што не функционира. Симболично.

Заремтоа не е малку детинесто?

Не би рекол.

И каква порака треба да извлечат од тоа?

Од кај да знам, рече. Мојата сестра не ја интересира толку дали ќе научат нешто. Само треба да се казнат. Казната е поука сама по себе. Ако имаат дупка во срцето, па, ние ќе направиме уште поголема дупка и ќе го уништиме срцето еднаш засекогаш.

Мојот поранешен маж спиеше со друга жена.

Тогаш ќе заврши кај мене.

Мислам дека тоа не е нужно.

Такви се правилата.

Можеш ли само да му дадеш непријатна болест?

Што на пример?

Не знам… Можеби воспаление на главчето на пенисот?

Се насмеа.

Сакаш да ја замолам сестра ми да му даде воспаление на главчето на пенисот?

Може, благодарам.

Ќе и го споменам тоа во првата прилика.

Среќа е отсуството на болка, рече тој. Толку е едноставно. Луѓето главно не го сфаќаат тоа додека се живи. Се препуштаат на сите можни копнежи и желби, па се несреќни кога нема да се исполнат. Мојата сестра и јас на тоа многу се смееме. Но сите брзо се спуштаат на земја кога ќе завршат овде, ако може така да се изразам. Им даваме пауза навечер. Не сме ѕверови. И неделата е слободна, како што веќе знаеш. Тогаш можат да прават што сакаат. Ама надвор од тоа – пеколни маки без задршка.

Морам да признаам дека сум малку скептична кон ова казнување, рече. Има тука нешто средновековно. Тоа произведува само вечна темнина и стагнација.

Не се согласувам, рече тој. Казнувањето добро функционира и така е веќе цела вечност.

Ама ако човек ја изневерува личноста со која е во врска, продолжи Ракел, тоа честопати е показател дека во самата врска нешто не чини.

Во тоа веќе не се разбирам, рече тој.

Но така е. И понекогаш е навистина неопходно да се излезе од лоша врска. На човекот му станува подобро. Зарем навистина мислиш дека правилата се поважни од среќата?

Правилата мора да се почитуваат. Мојата сестра е сосема јасна кога е тоа во прашање.

Мене ми се чини дека твојата сестра има проблем со емпатијата, рече Ракел. Дали разговара со некого?

Не, колку што знам. Понекогаш со мене. Но не многу. И со синот, претпоставувам, ама тоа е главно од љубезност. Тој е препуштен сам себе, само се влечка наоколу, се мршти, собира шишиња и не знае што со себеси. Имаше многу маки со него. Мислам дека понекогаш се кае што воопшто го создаде. Ама главно работи. Повеќе од мене. Многу повеќе. Така што и стресот е секако фактор.

Дали е тип кој задржува се во себеси?

Би рекол дека е.

И тогаш се ќе се собере па понекогаш експлодира на сосема неразумен начин?

Тоа е таа во неколку зборови.

Дали се занимава со некој спорт?

Не.

Дали танцува?

Не, колку што знам.

Дали спие со некго?

Да.

Погледна околу себе, како да проверува дека неговата сестра не се крие во некој агол.

Не можам тоа да го замислам.

Тогаш не е чудо што се заминува по ѓаволите.

Во суштина, рече со тивок глас, мислам дека порано спиеше повремено со Светиот дух. Имаше нешто помеѓу нив неколку векови. Но мислам дека сега направија пауза. А Светиот дух воопшто не е добар. Тоа морам да ти го кажам. Пие и мрда настрана. Неразбирлив тип. Доаѓа и заминува како што му одговара. Де оди наваму, де натаму. Ги презема сите можни облици. Тие двајцата де се караат де се мират. Не е тоа добро за неа. И очаен татко е на својот син. Знам дека неколку пати го тепаше. Исус секогаш станува слабак во татковата близина. Доаѓаше кај мене со модринки, плачеше и не сакаше да се врати дома. Но на Светиот дух ништо не можеш да му објасниш. Се само се одбива од него. Ја тепа и мојата сестра, ама таа не сака да зборува за тоа.

Неколку дена подоцна Ракел праша што се случи со она воспаление на главчето на пенисот.

Не сакаше, рече тој.

Зошто, боже?

Рече дека тоа е неморално. Освен тоа казната треба да го стигне во задгробниот живот. Не на земскиот. Така било отсекогаш. Тоа е древен принцип.

Мислам дека твојата сестра не ми се допаѓа, рече таа.

Можеби ни ти не и се допаѓаш нејзе, рече тој.

Можеби не ми е гајле, рече таа.

Мислам дека сепак ти е гајле, рече тој.

Прашај ја уште еднаш, притискаше Ракел.

Не би, одговори тој.

Прашај ја.

Не.

Каков е таа семожен бог ако ни на мојот поранешен маж не може да му даде едно мочано воспаление на главчето на пенисот?

Би можела кога би сакала, одговори тој. Ама не сакам да и досадувам, морам да внимавам што правам.

Зошто?

Сомничава е кога сме ти и јас во прашање. Не сакам да дознае што правиме.

А што правиме?

Создаваме врска, одговори. И тоа доживотна.

И се допадна тоа што го рече. Многу и се допадна. Но воедно сакаше да прави се за неа. Да биде подготвен на се, без никаква задршка.

Се плашиш, рече.

;ожеме и така да кажеме, одговори. Не се осмелувам. Бидејќи мојата сестра не е некој кому би се спротиставил. Умее да избувне. Сум го видел тоа. И тогаш може сешто да се случи.

Таа мала расправија се претвори во болна точка во нивната врска. Продолжи да му досадува со воспалението на главчето на пенисот а тој непрекинато ја одбиваше. Ја критикуваше неговата сестра и застарените пеколни системи, а тој продолжуваше да ги отфрла нејзините обвинувања.

Тоа потраја неколку дена и нивниот однос залади.

Ти пречи се што правам, рече. Но ни сама не си ништо подобра.

Сум, одговори.

Никогаш не си направила ништо погрешно?

Ако и сум тоа не е ни блиску до она што ти си го направил.

Ракел извлече поука од своето болно искуство и последно што и требаше во животот беше уште еден невнимателен маж со емотивни проблеми за кои не е свесен. Вљубеноста од страната на Ракел можеби се намали за неколку проценти. За седум-осум проценти, оцени. Но понекој процент овде онде многу значи во љубовната врска.  Целосниот набој е единственото што се смета, чувствуваше Ракел. Набој со задршка не сакаше. Тогаш погледот почнува да талка. А можеби и да бара некој со ѕвонлива смеа.

Ракел за обзеде страв и со денови се држеше подалеку од него. Што ако погрешила? Што ако влетала во нешто што ќе ја уништи? Не одговараше на пораките. Престанаа да доаѓаат. Никој не сакаше прв да ја прекине тишината. Налутено работеше во градината. Налутено лупеше портокали. Се работеше со лутина.

Една недела Ракел им однесе вафли на фудбалерите на полето со лава. Извини што те застрелав в срце, му рече на човекот кој го уби. Тој климна со главата и се послужи. Еве, донесов и џем, рече Ракел. Од црна рибизла. Од градината. Извини, повтори. Не требаше да те застрелам. Нема проблем, рече човекот. Навикнат сум. И добро погоди. Така врзо се умира. Затоа немој да се оптеретуваш. Полошо е кога стрелата ќе го погоди стомакот или грлото. Благодарам за вафлите.

Сатаната збесна.

Како смееш да им угодуваш на моите грешници? рече. Ќе те замолам да не го правиш повеќе тоа. И треба да добијат стрела в срце. А не да им се сервираат вафли со џем од црна рибизла.

Не ми треба твоја дозвола за да се извинам некому, рече. Имав потреба тоа да го направам, и го направив.

Сам го заслужил тоа, по ѓаволите, рече. И се заколнал на жената на доживотна верност, а потоа ја изневерил. Сладострастието е сепак смртен грев.

Глупости, одврати Ракел. Тие старозаветни повраќаници немаат место во денешниот свет. Нештата се случуваат. Луѓето се менуваат. Се снаоѓаат како што можат. А ти и самиот си полн сладострастие.

Тоа е нешто друго.

Ма немој.

Тоа е нешто сосем поинакво.

Воопшто не е поинакво. Ја гледаш реската во окото на својот брат, а трупецот во своето око не го чувствуваш.

Глупости, рече тој.

Погледни се малку, рече таа.

Не можам да те препознаам, рече тој.

Иста сум каква што отсекогаш сум била, рече таа.

Тогаш можеби погрешно сум те проценил, рече тој.

Можеби и си, рече таа.

Се погледнаа. Каква тоа нетрпеливост се појави помеѓу нив? Ја пружи раката за да ја помилува по косата. Ја сврте главата.

Однадвор се изгледаше како театарска претстава. Кога Ракел сакаше да тргне, сепак се растажи.

Ќе смислиме нешто, рече. Не оди.

Тој беше на работ на солзи.

Морам да одам, рече таа. Втора недела. Децата ќе дојдат кај мене после училиште. Морам да купам леб, млеко и тоалетна хартија. Морам да ги платам сметките. Морам да ги одвезам на тренинг и после да ги земам.

Донеси ги овде, рече. Можат да живеат кај мене. Ќе ни виде убаво. Мислам дека би бил пристоен очув. И можам да им набавам трамбулини. Или коњ. Се што сакаат. Само кажи што им треба.

Го погледна. Дали е сериозен? Се чинеше дека е.

Не, нема шанса, рече Ракел. Моите деца во моментов поминуваат низ тежок период. Веќе еднаш се преселија и тоа го доживеаја како пораз. Покрај тоа емотивно се оптеретени со распаѓањето на семејството. Сега им е потребен стабилен живот со одговорни возрасни личности. Морам да ги бомбардирам со љубов и создавам чувство на безбедност. А ти предлагаш да ги одвлечкам во пеколот? Таман работа.

Ама јас те сакам, рече тој.

Не знаеше што да каже на тоа.

Беа тоа големи зборови. Во тој момент не можеше да ги изговори.

Ова е премногу за мене, рече таа. Илјада нешта одеднаш. Впрочем, потпишав договор. Не можам да се иселам од кругот на нивното училиште во следните пет години.

Очајнички ги рашири рацете.

Ми треба време да размислам, рече. И не е до тебе, до мене е.

Слушна колку неуверливо тоа звучи и виде дека тој се растажи.

Неделите поминуваа. Обичен живот на површината. Хаотични втори недели. Самотни први недели. Градина. ТВ серии. Тага.

Страв од роденденот.

Понекогаш ќе го земеше телефонот. Сакаше да ги види точките што покажуваат дека и пишува. Ама не пишуваше. Никој не пишуваше.

Сатаната се затрупа со работа. Работеше по цел ден. Ги ревидираше програмите. Го засили казнувањето. Јадниците навистина го почуствуваа камшикот. И стрелите во срцето. И крвоплачење. И дерење на кожата.

Во слободното време кружеше низ палатата. Го вадеше телефонот од џебот. Сакаше да ги види точките на Ракел. Ама не даваше точки. Никој не даваше точки.

Свиреше на клавирот. Шопен. Многу Шопен. И Рахмањинов. Месечевата соната. Таа му се допаѓаше. Го потсетуваше на месечината којашто никогаш не ја видел, но која ја сонуваше, и му покажуваше колку е осамен без неа. Многу.

Неговите неспокојни ноќни скитања секогаш го носеа до колекцијата на предмети од Првата светска војна што беа изложени во палатата. Тука обично уживаше. Поседуваше оружје, униформи, документи. Предмети што им припаѓале на завојуваните страни. Скелет на коњ. Тенк. Многу бодликава жица. Првата светска војна му беше омилена, Припаѓаше во неговите дека со коишто најмногу се гордееше. Симпатично бесмислена војна. Уште побесмислена од останатите. Дијаболичен врв. Милиони мажи се касапеа едни со други а не мораше да стори многу освен да наведе еден студент да пука во еден принц.

Но собата со тие предмети не го радуваше како обично.

Исто така одеше во собата посветена на маларијата. Тој паразит беше уште еден од неговите триумфи. Вистински ѓаволска идеја, ако не е нескромно сам тоа да го каже. Многу години работеше на усовршување на животниот циклус на паразитот. Влегува низ цицалката на комарецот. Па оди во бубрезите, па во крвта, па во нов комарец, па во нов јадник. Бескрајно тркало на страдање и смрт. Хахаха!

Сестрата му даде медал за тој паразит. Како и не би, боже мој.

Таа смета дека искушенијата се добри за луѓето. Ја проверуваат нивната цврстина и ја раздвојуваат пченицата од каколот.

Но тој сега чувствуваше само празнина, копнеж и дупка во срцето. Не можеше да се радува на своите најголеми триумфи. Само сакаше од телефонот да се чуе „плинг“.

Ракел не можеше да спие ноќе. Стравот од роденденот и ги изгриза ноктите. Копнежот и го расипа стомакот. Дали беше премногу строга со него? Премногу упорна? Сепак тој беше само кревко купче чувства. Токму како неа. На крајот мораше да го земе телефонот.

Здраво. Тука ли си?

Тука сум.

Не можам да заспијам.

Ниту јас.

Сакам засекогаш да бидам со тебе и нејќам да ја наполнам педесеттата.

И јас те сакам тебе. Само тебе те сакам.

Ќе ја замолиш ли сестра ти да повнимава на децата?

Ќе и речам да ги избави од злото и да им даде да пијат од изворот на животот.

Супер. Тогаш доаѓам.

На кујнската маса залепи белешка на којашто напиша дека излегла да џогира и потоа избега право во пеколот.

Се фрлија еден на друг во прегратка. Плачеа, се љубеа и се сакаа така што времето се истопи. Тела. Во ноќта. Потресно, потресно.

Те сакам.

И јас. Тебе, значи. Не себе.

Се насмеаја.

Не веруваа дека за малку ќе се изгубеа еден со друг од чиста глупост.

Кога Ракел се врати дома, со прекрасна болка во телото и целата претворена во насмевка, децата седеа во дневната соба заедно со нејзиниот поранешен маж и онаа со ѕвонливата смеа. Исчезнувањето на Ракел го пријавиле во полиција. Сите загрижено ја гледаа.

Каде беше?

Трчав.

Два дена?

Господи, помисли. Зарем навистина толку се задржа?

Да, трчав два дена, рече. Жал ми е. Ама трчањето многу ми годи. Премногу мислам во последно време.

Поранешниот маж ја повлече на страна.

Дали запозна некого?

Да.

Мило ми е заради тебе.

Благодарам.

Дали им кажа на децата?

Не сум.

Повеќе не си лута на мене?

Лута сум.

Ама малку помалку?

Можеби малку.

Дали го познавам?

Не. Всушност да. На некој начин.

Полицијата ја запре потрагата и поранешниот маж и ѕвонливата жена си заминаа дома. Сите сигурно мислеа дека Ракел полудела. Но што сега, помисли Вредеше. Имаше два фантастични дена. А времето пеколно брзо лета кога на човекот му е убаво во пеколот.

Постојано се гледаа.

Во непарните денови. Во парните денови. Во работните денови. Во неработните денови. Во празничните денови. Ракел слегуваше секоја ноќ. А неговата сестра им излегуваше во пресрет и им го подаруваше на децата благословот свој и милоста своја. Баш беше прекрасна.

Што и рече на сестра ти за нас? праша Ракел.

Се потрудив да и кажам што помалку.

Ама што мисли таа дека ти и јас правиме?

Сатаната се насмеа пред да одговори.

Мисли дека ме учиш да користам нова компјутерска програма.

Ракел исто се насмеа.

Затоа доаѓам волку често?

Да. Тоа е многу сложена програма, и велам. Многу нешта треба да се поминат. Ама после ќе биде се подобро. Ќе можеме да водиме точна евиденција на душите и сите приходи и трошоци. И конечно ќе и застанеме на патот на сивата економија овде кај нас. А тоа е навистина проблем. Луѓето мислат дека можат да прават што сакаат само затоа што се во пеколот. Но секако дека не можат. Така што вршиш важна работа.

Повторно се насмеа.

И таа се насмеа.

Двајцата се смееја.

Нивната кавга ги уплаши. Сега не сакаа да се разделат. Дури и времето што Ракел мораше да го поминува со децата беше премногу. Стана раздразлива. Викаше и трескаше без причина. Еднаш кон синот фрли портокал. Мек портокал, ама сепак. Го погоди во тилот и тој заплака. Добрата мајка не прави такви работи. Но се беше погрешно и децата ја нервираа. Ги мразеше сите кои не се вљубени. И сфати дека самата дотогаш никогаш не била вљубена. Но ништо не можеше да се мери со ова.

На крајот мораше да им каже на децата. Седна со нив покрај кујнската маса и им даде два сока од јаболко со сламка.

Дали ви се допаѓа новата девојка на тато?

Одмавнаа со главата.

Како се викаше?

Моника.

Да, така е. Колку детинесто име. И чудно се смее, зарем не?

Да. Многу чудно.

Некако претерано ѕвонливо, нели?

Повторно климнаа.

Како и да е, продолжи, вие сигурно сфативте дека тато не сака да биде со мене затоа што повеќе му се допаѓа таа со глупавото смеење, не ме прашувајте зошто, подобро прашајте го него, да, всушност баш треба да го прашате. Но, во секој случај, можеби се согласувате дека не би било праведно јас да останам сама до крајот на животот? Само затоа што тато нашол друга?

Децата се загледаа. Внимателно климнаа.

Мило ми е, рече Ракел, се наведна преку масата и двајцата ги помилува по образот.

Потоа отпи голтка од едниот сок. Па од другиот. Да нема разлика.

Значи, продолжи, можам да ви кажам дека запознав маж.

Навистина?

Да. Ама тоа се случи отпосле, кога вашиот татко веќе го истера своето, чисто да знаете. Тоа се случи кога ме остави и кога останав сосем сама на овој свет и кога веќе немаше никој да ме сака.

Ги погледна.

Освен вие, секако, додаде со насмевка за којашто се надеваше дека е срдечна.

Децата ја гледаа. Веројатно ја разбираа нејзината лабаво завиткана критика за нивниот татко.

Ете, така е, рече Ракел. Имам момче. Отворено ви кажувам. И сериозно е. Ѓаволски е сериозно. Го сакам тој човек како што никогаш никого не сум сакала. Навистина го сакам. Толку го сакам што секоја секунда умирам малку. Покажа на кујнскиот ѕиден часовник чијшто секундарник не лизгаше тивко туку накусо застануваше на секоја секунда. Еве сега умирам, рече, и сега повторно умирам, умирам, и уште малку умирам. Можеби ви е тешко да разверете, но така ми е.

А што е со нас? прашаа децата. Повеќе не мислиш на нас?

Како не. Мислам и на вас. Само малку помалку отколку порано, да бидам сосема искрена. Но ако можам да го гледам тој маж секој ден, ќе се смирам и повторно повеќе ќе мислам на вас. Прилично сум сигурна во тоа.

Децата беа шокирани. Ама вистината мораше да излезе на виделина.

Се ова сигурно ви е многу чудно, рече, но морав да ви кажам како стојат работите.

Децата долго се гледаа едно со друго. Па неа. Двата сока беа на дното. Интензивно сркаа.

Ве сакам и вас, секако, дополни. Само на друг начин. Тој и јас на пример постојано се бакнуваме во уста. И се допираме. Тоа не можам да го правам со вас. Тоа дури не е ни дозволено.

Долго ја гледаа.

Кога се случи тоа? праша ќерката на крајот.

Пред неколку месеци. Мислите дека е глупаво?

Децата повторно се загледаа. Беше тешко да се осени тој поглед. Но веројатно им беше малку глупаво.

Кој е тој?

Обичен човек. Многу фин. Всушност, не е сосем обичен. Посебен е. Специјален. Фин. Тотално прекрасен. Да го изедеш, всушност.

Дали е стар?

Да. Многу е стар. Ама е и млад. Тешко е да го ставиш во одредена категорија.

Како се вика?

Познат е под многу имиња.

Тоа им звучеше чудно. Не разбираа што значи тоа.

Каде живее?

Ракел малку се колебаше. Не сакаше да ги лаже.

Во пеколот, рече најпосле. Живее во пеколот.

Ги поведе децата да го запознаат. Со раширени очи чекореа во волнените влечки и гледаа секаков јад.

Ете, така е кога човек не се однесува како што треба, рече Ракел. Па ако не сакате да ве прободуваат со копја и да ве запалуваат на лава, подобро би ви било малку да се приберете.

Во палатата Сатаната ги пречека со голема помпа. Децата добија симпатични грутчиња злато о бегиско чоколадо.

Ракел го гледаше додека си играше со децата. Ја исполни топлина. Толку беше добар со нив. Тројцата трчаа од соба во соба и непрекинато се смееја.

Можете да ме викате Сале, им рече. Или стар враг. Како сакате.

Но кога тргнаа накај дома, децата беа тивки. Гледаа во земјата и ги покриваа ушите. Тоа место сепак беше нешто сосема поинакво. Ракел сфати дека вљубеноста ја направи помалку слепа. Сега одлично издржуваше голем дел од неправдата што не се однесува кон неа лично.

Што велите, дали Сале ви се допадна? праша кога се вратија дома.

Супер е, рече момчето.

Љубезен е и забавен, рече девојчето.

Нели? рече Ракел. Не можам да ви опишам колку го сакам. Стигнато е дотаму што едноставно морам да го поминам целиот живот со него. Едноставно морам. Затоа треба да се преселиме кај него, или тој да дојде кај нас. Или вие цело време да бидете кај тато. Што од тоа најмногу ви се допаѓа?

Децата се колебаа.

Не би сте живееле во пеколот?

Одмавнаа со главата.

Океј. Во ред, рече Ракел. Ве разбирам.

Се гледаа секој ден. Но тоа сепак не беше доволно. Не сакаа ништо друго освен животите и телата да им се испреплетуваат, да дишат ист воздух, од ден во ноќ, од ноќ во ден.

Ако не можеш ти кај мене, ќе дојдам јас кај тебе.

Можеш?

Јас можам се.

Мислев дека тоа не е изводливо.

Изводливо е ако ја изгубам бесмртноста.

Ау, па тоа звучи многу сериозно.

Сериозно е.

Белким не го сакаш тоа?

Го сакам. Заклучив дека токму тоа го сакам. Оваа вечност веќе по малку ми оди на нерви.

Ама ќе умреш, како сите ние останатите.

Го прифаќам тоа со двете раце. Ќе живеам со полни гради неколку години. Со тебе. Тоа ми е поважно од целиот свет.

А твојата сестра?

Ќе има многу дополнителна работа о малтретирање. И воопшто нема да биде задоволна. Ама тоа е.

А твојата палата? Сите твои убави работи?

Ништо од тоа не ми треба.

Зарем би можел да живееш во обична куќа, и тоа зелена?

Каде било, само да си ти тука.

Ми се допаѓа тоа што го кажуваш.

Разговараше ли со сестра ти?

Не сум се уште.

Рече дека ќе разговараш.

Знам.

Непријатно ти е?

Да. Малку.

Сепак кажи и.

Ќе и кажам.

Се уште не разговараше со неа?

Не.

Зошто не?

Се плашам дека ќе се налути.

Ќе преживееш.

Ама таа баш страшно се лути.

Дали сега разговараше?

Извини, заборавив.

Ама ајде, тоа не е нешто што се заборава.

Да. Не бев искрен. Не заборавив, ама многу се плашам.

Не се јавуваше.

Неколку дена.

Ракел се распаѓаше. Се плашеше дека се предомислил, но беше премногу горда да се симне долу. Не сакаше да го моли. Ако не сака, тогаш збогум. Но не можеше да го поднесе тоа молчење. Не спиеше. Не јадеше. Децата се прикрадуваа околу неа и сами подготвуваа храна. И даваа нова ролна со хартиени шамивчиња кога старата ќе исчезнеше од солзи и слуз. Манијакално се ѕвереше во телефонот чекајќи „плинг“ кое што никако не доаѓаше.

На крајот, кога се повеќе умираше секоја секунда, се чу најпосле „плинг“:

Жал ми е што не се јавував. Мојата сестра полуде. Воопшто не е добра. Ме проѕре и ме претепа како мачка. Ми го одзеде телефонот. Тешко ми е да станам од креветот. Мораш да ми помогнеш.

Ракел стрча кон пеколот најбрзо што можеше.

Господи, дали си жив?

Го прегрна и бакна. Се го болеше. Модринките, отеченото око, крвавите рани. Не изгледаше добро.

Не се чувствувам сјајно, право да ти кажам.

Изгледаш како да си поминал низ пекол.

Знам.

Те претепа?

Ме маваше со анатеми. Со најразлични ужаси. Ме фрлаше низ собата и удираше од ѕидобите. Баш ме сотре со гневот божји.

Што се случи?

Реков дека сакам кај тебе. Дека чувствувам како тоа и не е мој избор, туку дека така мора да биде. Мнозинството никогаш не доживува таква љубов, реков. А кога ќе дојде, мораш да и се предадеш. Просто е така, реков.

Но таа се налути. И не го прифати тоа. Веднаш стана агресивна. Моето место е овде, рече таа. Така ми е судено. Ама тоа е чисто дрдорење. Бидејќи судбината не постои.

Се каравме и викавме. Но не се давав и реков дека тоа ќе го направам, што и да мисли таа. Бидејќи јас имам слободна волја, реков. Сите ја имаат. Таа и ни ја даде. Сега не може да ја поднесе слободната волја. Знам дека се кае. Само вам на идиотите да не ви ја подарев словодната волја, често вели.

Кутар ти.

Ракел нежно го бакна во модринката на окото. А потоа во уста.

Оф, рече.

Ми се закануваше со пеколот. Ако одам кај тебе, рече, тогаш ќе завршам во пеколот. Тоа е сигурно. И не треба да очекувам посебен третман.

Болно се насмевна и и ја стегна раката.

И нема да можам да се вратам. Ако одам горем мора да останам засекогаш.

Каква старозаветна гадотија, рече Ракел.

Токму тоа е. Потполно е неразбирлива. И лишена од емпатија и сосем несоодветна за работата којашто си ја има доделено. А луѓето тоа воопшто не го знаат. Само и се молат. Пеат песни за нејзината милост и за царството кое божем ќе дојде. Да пукнеш од смеење.

Ракел остана кај него неколку дена. Му ги мачкаше раните со мелемите што Исус ги донесе кога наврати да се извини за мајчиното однесување. Целосно ја изгуби контролата, рече, во грозно расположение е и помалку приемчива од било кога.

На Ракел и беше жал за Исус. Зрачеше со неспокој. Брадата му беше неуредна и постојано тапкаше со стапалото. Синдром на немирни нозе, објасни Сатаната кога внук му отиде во ве-це. Не може да ја смири ногата, кутриот.

Ракел им послужи чај и зборуваше за своите деца. Исус ја потпрашуваше и сакаше се да знае. Очигледно сакаше деца и ја прегрна Ракел меко и срдечно пред да замине.

Навистина е пријатен, рече Ракел кога повторно останаа сами.

О да, тој е душа од човек, рече Сатаната. Многу го сакам. Само е штета што мојата сестра му го направи сето она. Сите светски гревови на грбот на тоа јадно момче. Тоа навистина не можам да и го простам. Таа е монструм.

Планираа бегство на површината. Не можеше да спакува повеќе отколку што двајцата можеа да понесат. Два ленени костуми. Омилените чевли. Неколку книги. Неколку грутки злато. ТРакел сметаше дека ова последново е особено важно. Бидејќи тој нема да има матичен број. Ни пензија. Ни здравствено осигурување. Сите тие работи ќе мора да се решаваат под жито, како што се вели. Ќе биде во илегала. До крајот на животот.

Сатаната не ни помисли на тоа. Вљубениот мозок слон е да ги банализира сите проблеми. Ама Ракел беше практична и инсистираше да го спакуваат целото злато што можат да го понесат. Имаше се уште прилично шкафови во куќата. Ако имаат среќа, ќе им потрае во наредните триесет години, во најдобар случај четириесетина. Бидејќи животот не е бесплатен. Особено во Норвешка. Додуша нема да мораат да плаќаат данок. Барем тој нема да мора.

Покрај тоа ќе ја имаат нејзината пензија. Но дури за неколку години. И нема да биде којзнае каква.

Ја бакна.

Се имаме еден со друг, рече тој. Ништо друго не ни треба.

Таа се насмеа. Беше многу сладок.

Будалетинко, рече. Мора да имаме пари за облека и храна. И за божиќни подароци. И малку заштеда во случај нешто да се случи со машината за перење, на пример.

Јас ќе ја поправам, рече тој. Ќе научам да поправам. Сакам да бидам тип кој поправа работи.

Одлично, рече таа. Тогаш парите ќе ни потрајат.

Можеме ли да чуваме кокошки во градината? праша тој.

Можеме, одговори таа.

Можеби и куче?

Куче?

Отсекогаш сакав куче. Сакам да го шетам. И да му фрлам топче па да го донесе.

На Ракел тоа и се допадне. Децата ќе бидат вон себе од среќа.

Мојата сестра не дозволува животни овде долу, рече. Не сака животни. Луѓето мислат дека ги сака сите живи суштества, но не е така. Речиси ниедно живо суштество не сака. Вклучувајќи ги и луѓето. Некогаш ги сакаше. Но веќе не. Сега на многу начини е ѓубре. Потребна и е помош. Таа е проблемот. Таа е проблемот на злото.

Кучето ќе се вика Хектор, рече тој.

Мислев дека ќе го наречеш Кербер, се насмеа таа.

Не, одговори. Не ги сакам тие стари имиња на пеколните кучиња. Глупави се. Моето куче ќе има нормално име. А Хектор отсекогаш ми се допаѓало.

Тогаш нека биде така, рече таа. И тоа е навистина добро име. Ништо не му недостасува.

Ништо, рече тој.

Чекаа доволно да заздрави да оди без патерици.

Му требаа четириесет денови и четириесет ноќи.

Во меѓувреме Ракел се враќаше горе за да биде со децата. Сестрата беќе не сакаше да им ја подарува милоста своја. Таа шема на чување деца дефинитивно пропадна.

Кога Ракел беше со децта Сатаната брзо потонуваше во самосожалување и мрачни мисли.

Без прекин и праќаше пораки.

Толку многу зло нанесов.

Не би ме сакала кога би знаела што се сум направил.

Правев грозни нешта.

Не заслужувам да жибеам.

Го тешеше колку што можеше.

Ти имаш многу добрина во себе.

Знам дека имаш.

Го гледам тоа секој ден.

Сестра ти те спречувала.

Си живеел под голем притисок.

Да, под нечовечки притисок.

Проклета сестра.

Ѓавол да ја однесе.

Нека оди по ѓаволите.

Де, де, одговори Ракел, сигурно се трудела колку што можела. Сепак не и е ни нејзе лесно.

Ракел му помогна да се спакува.

Најде цврста торба за златото. Златото беше поважно од гаќи. Тој сакаше да го понесат и убавиот абажур. Сестрата секако не смее да го добие.

Онаа зад бирото за пишување може да биде проблем, рече Сатаната. Мора да направиме нешто со неа.

Што?

Да ја неутрализираме.

Не сакам убивање.

Ниту јас. Убивањето го оставив зад себе. Но мораме некако да ја онеспособиме. Во спротивно ќе ја извести сестра ми и никогаш нема да излеземе.

Ракел му сервираме лажна приказна на својот матичен лекар. Свеже разведена и депримирана. Не јаде. Не спие. Доби апчиња. Сомле пет и ги истури во хартија којашто внимателно ја свитка и ја тутна во џеб.

Таа и Сатаната излегоа на последна ноќна прошетка низ пеколот. Го знаеше тоа место како својот џеб. Секаде имаше спомени. Ракел биде дека е тажен. Го фати за раката и тивко чекореше покрај негоТука го поминал целиот живот.

Тешко ти е?

Да. Повеќе отколку што би верувал.

Знаеш дека не мораш да појдеш со мене?

Само тоа сакам. Но овде сум од исконот, буквално кажано. Затоа сега се разделувам со се.

Дали беше напорно?

Можам да ти кажам дека да. Станувај во осум да казнуваш грешници. Век по век. Но имаше смисла. Понекогаш беше и забавно. Особено на времето кога сестра ми и јас бевме тим. Мислевме дека добро го средивме светот. Создадовме добри системи. Луѓето ги разбираа и ги следеа. Се плашеа. И долго се одеше како подмачкано. Но после се се смени. Периодот на просветителството навистина не уназади. Тоа мора да се каже. Проклетите филозофи и нивните ѓаволски прашања. Се осмелија да и се сптотистават на сестра ми и некои дури престанаа да веруваат. Отогаш имав повеќе работа. Многу повеќе. Премногу. Мислам дека тогаш почнав да се лутам. Огрубев, на некој начин.

Дали си помислил дека можеби си прегорел од работата?

Мислиш дека сум прегорен?

Мислам дека не треба да се исклучи таа веројатност.

Во тој случај мојата сестра уште повеќе прегорела.

И јас така мислам. Ама има различни видоби на прегореност. Една моја колешка целосно прегоре. Сјајот во очите и се изгасна. Викаше и прекоруваше. Солзи и течеа пради ситници. Повеќе од една година беше на боледување. И се уште врши работи прилагодени за неа.

Навистина? Зарем може да дојде дотаму?

О да. И тоа не е толку невообичаено.

Ау.

Застана и ја прегрна. Навистина силно ја стисна.

Господи, колку ми е мило што постоиш.

И мене. Што ти постоиш.

Ме спаси.

И ти ме спаси мене.

Се гледаа во очи. Долго. И погледот им беше вљубен. Продираше се подлабоко. Прекрасно. Прекрасно.

Зарем никогаш не си помислил дека твојата работа порано или подоцна може да влијае на твојата душевна состојба?

Никогаш. Барем не првите неколку векови. Ама откако ти се појави, не мислам на ништо друго.

Седеа прегрнати покрај бунарот со желби којшто Сатаната го направил за грешниците да имаат каде да фантазираат кога очајот и болката ќе ги обземат. Важно е понекогаш да се сонува, рече. На сите тоа им е потребно. Не само во пеколот.

Бунарот беше полн со парички.

Што правиш со парите? праша таа.

Го собирам од време на време и си купувам себеси нешто убаво.

Ракел го погледна и нежно се насмевна. Беше комплициран човек, но го сакаше. Едноставно така беше.

Кога се би сумирал, рече, дали би рекол дека позитивно си влијаел на светот?

Долго размислуваше.

Мислам дека прашањето е малку несреќно формулирано, рече тој.

Да, е. Извини. Ама сепак.

Навистина не знам, одговори. Корективниот систем што пеколот го претставува е неопходен. Без него луѓето би мислеле дека можат да прават што сакаат. А не можат. Нешто е правилно, а нешто погрешно. Постои прекршок и постои казна. Така отсекогаш било и така мора да биде. Јас пред се ја работев својата работа. Ама сега ми е доста. Пеколот навистина може да замори.

Меко ја бакна и фрли паричка во бунарот.

Што посака?

Тоа е тајна.

Ама ајде, кажи ми.

Не, не смее да се каже. Тогаш желбата не се исполнува. Мора да остане тајна.

Мислам дека посака нешто во врска со нас, рече.

Се насмеа и повторно ја бакна.

Лудачка мала љубопитна, рече. Ама ајде. Време е да излеземе од овој пекол.

Ја носеше торбата со злато. Тој ја носеше торбата со облеката, како и абажурот и уште неколку ситници коишто не сакаше да ги остави. Човек се врзува за некои работи. Чудно е тоа.

Облече сина униформа и не се двоеше од обичните работници кои го овозможуваа функционирањето на пеколот. Кога стигнаа со жичарата, рака под рака тргнаа накај ходникот којшто водеше до куќата на Ракел. Се разделуваше со се околу себе. Беше по малку нервозен. Сепак тука целиот живот се занимаваше со ѓаволска работа.

Човек знае што има, но не знае што го чека, рече.

Ракел го прегрна. Долго го држеше.

Де, де, рече таа. Ќе биде добро. И знаеш што рте чека.

Живот со тебе, рече тој.

Да, рече таа. Ќе ме имаш мене. Засекогаш.

Не засекогаш, рече тој.

Така само се вели. Ќе ме имаш се додека некој од нас не умре.

Тоа е доволно, рече тој.

Кога и се приближија на жената зад бирото за пишување, Ракел продолжи сама додека тој остана назад. Ракел ја соблече влечката и кажа дека малку се скинала. Жената ја пружи раката. Ракел и ја даде влечката и жената резигнирано одмавна со главата и и упати разочаран поглед.

Ќе морате да платите оштета, рече.

Разбирам, одговори Ракел.

Кога жената се наведна да земе формулар за пријава на штета, Ракел ја искористи приликата и го истури прашакот во чајот на жената. Успеа и малку да го промеша со прстот додека жената копаше по фиоките. Пеколот за среќа имаше пеколно многу формулари. Не се дигитализирале. А правилата беа правила. Се мораше да оди по протокол. И најмалиот пропуст би создал пекол.

Ракел не брзаше да го пополни формуларот. Име, адреса, време, место, причина за штетата. Жената ја копираше легитимацијата на Ракел и потоа со сонливите очи го следеше пополнувањето. На крајот горниот дел од телото полека и падна на бирото за пишување и остана неподвижно да лежи.

Ракел отиде по Сатаната па заедно потрчаа кон процепот во ѕидот држејќи се за раце.

Таа се заврте и го погледна пред да преминат.

Подготвен ли си за ова?

Никогаш не сум бил поподготвен за било што друго.

Го протнаа багажот о потоа и самите преминаа.

Го пушти прв да помине низ вратата и да се качи по скалите.

Тој застана на површината да ја впие глетката. Силната светлина. Долго подзамижуваше пред да успее сосема да ги отвори очите. Дрвја. Треба. Низи на истоветни куќи. Гаражи. Птичиња. Деца кои си играат. Автомобили.

Вака значи изгледа горе, рече тивко. Ова е значи светот на луѓето. Какво прекрасно место. И сите тие бои.

Се наведна и да допре тревата. Ох, рече. Погледни ги тие прекрасни лисја од трева. Толку се кршливи. Како самиот живот. Мојата сестра навистина умее да направи нешто кога сака. Тоа мора да и се признае. Вистински фраер е.

Ја затворија малата врата и посадија грмушка врз неа. Направија скромен кокошарник и купија кокошки. Сатаната им даде имиња и разговараше со нив додека ги собираше јајцата и им истураше храна на земјата. Имаше омилена кокошка, од расата роуд ајленд, па го гризеше совеста заради другите.

Не треба да се има миленичка, рече. Сите кокошки еднакво вредат. Така мојата сестра ги создаде.

Ракел сметаше дека не треба да биде толку стог кон себеси. Некогаш е во ред да имаш фаворит.

Сатаната добро размисли за тоа. Чувствата се чувства, заклучи тој. А во последните неколку месеци почувствува повеќе отколку во минатите две илјади години. Така просто беше и така мораше да биде.

Од првиот ден му беше мило што започна нов живот во населбата со истоветни куќи, а нејзе и беше мило што му е нему мило.

Понекогаш долго ја гледаше Ракел додека чита весник или гледа телевизија и чувствуваше како среќата галопира низ неговото тело. Каква прекрасна жена. И го засака! Замисли. Го засака малиот зол него. Никогаш не би доживеал ништо слично. Животот на светлоста исто така беше нешто друго. Нешто сосема поинакво. Ги извади сите завеси, легнуваше и се будеше во согласнот со сонцето. Доби убав тен. Најде бермуди на интернет и ги порача од Австралија. Почна да трча низ шумата во тенки патики. Стана арбитар во фудбалскиот клуб на ќерката на Ракел, а кога жителите од населбата сфатија каков скапоцен камен им падна во скутот, го избраа за член на управата на задругата. Никогаш не виделе толку шармантен и способен човек. Проклето добро умееше да склопува договори во име на сто и триесет станбени единици. И беше вистински ѓавол кога сакаше да протурка своја идеја во собранието на задругата, а притоа никого да не повреди. Сите чувствуваа дека ги почитува и го зема нивното мислење во предвид. Многу брзо се донесе одлука дека бојата на куќите сепак ќе се промени. Во црвена. Се зборуваше во целиот поштенски број. Ѓаволски добар тип се всели во бројот четириесет и седум. Тотално е супер. Убаво се облекува. Секогаш е бос, додуша. Но на луѓето тоа не им пречеше. Секој си има нешто свое.

Гледајќи ги упатствата на интернет научи да поправа велосипеди. Децата од соседството навраќаа со изкривени менувачи и скршени жици на тркалата. После извесно време и возрасните почнаа да доаѓаат. Никому не наплаќаше. Му годеше разговорот. А и немаше поважна работа. Научи да поправа и други работи. Наскоро решаваше проблеми со лозинките за безжичниот интернет, ги местеше ТВ-боксовите и поправаше тостери и моторизирани кујнски фиоки кои престанале да функционираат. А кога постарите соседи ќе ги направеа збрка со ПИН-кодовите и ќе го блокираа телефонот, им помагаше да го најдат ПУК-кодот. Тоа страшно ќе ги израдуваше и го честеа со сок и полжавчиња со цимет. Луѓето го сакаа и сите жени и завидуваа на Ракел. А и некои мажи, искрено речено. Но тој беше по малку конзервативен во таа смисла. Зошто оној од број четириесет и пет постојано ме гледа? Не ми е јасен тој поглед, и рече на Ракел. Личи на твојот кога сакаме да скокнеме во кревет. Ама не мисли белким а тоа? Па тоа е пекол.

Имаше многу што да научи.

Ракел му објасни како тоа сега функционира и што се се има случено а тој не ни знае за тоа. Ги ококори очите.

Дали е можно? рече. Тоа е сега дозволено? По ѓаволите. Ни збор на сестра ми.

Луѓето кои прашуваа зошто не работи добиваа одговор дека имал раководна позиција во државата, но дека прегорел на работа. Предвреме се пензионирал. Покрај тоа долго имал фамилијарни проблеми. Поради сестра ми, објаснуваше. Тешка личност е. Не ме разбира. Не се огласуваме добро. Секогаш мора да биде најдобра и постојано сака да заповеда и се да биде по нејзино. Таквите работи го совладуваат човекот после многу годин. Но на некој начин сепак ја сакам, рече.

Семејството некогаш е замрсена работа, му зборуваа луѓето.

Знам, одговараше. Ама таа сега слободно може да си тера по свое. Што да се прави?

Ракел почна да повраќа наутро.

Зарем е можно? Мислеше дека нешто такво одамна не може да се случи. Ама очигледно дека можеше.

Сатаната шеретски се насмевнуваше додека таа ја гледаше сината линија на тестот од аптека.

Беше тоа некаква ѓаволска работа.

Не можам да верувам, рече таа. Зарем тоа ми го направи зад мојот грб?

Не беше баш зад грб. Те гледав право во очи. А и ти тоа го сакаш. Признај.

Мораше да се насмевне. Беше во право. Го сакаше тоа.

Мислам дека тоа ќе биде добро за нас, рече тој со насмевка. Жив доказ за нашата љубов. Дете на љубовта.

Дете на љубовта од пеколот, рече таа.

Не е од пеколот, одврати тој.

Малку е, рече таа.

Добро, на некој начин си во право.

Мислев дека стана обичен човек кога дојде горе, рече таа.

Па, сега…

Имаш посебни моќи?

Не се ништо посебно, одговори. Ама немоќен секако не сум.

Имаш магија во стапот?

Не би го нарекол тоа магија. Но нешто имам долу, да. Ете, така е. Сепак бев Принц ма темнината. Чудно би било да немм ништо во ркавот. А и не би сакал моите гени да умрат со мене. Сакам да ги пренесам понатаму. Толку можам да направам за нив. Сепак се тоа по малку специјални гени. Не некои без врска.

Деновите поминуваа и Ракел се навикна на стомакот. Не и беше тешко. Дури и беше убаво. Сакаше да почуствува како нешто расте во неа, што и да беше тоа. Сјаеше и штрчеше во толпата како никогаш порано. Луѓето ја забележуваа. Не можеа да сфатат за што се работи. Ама нешто имаше тука. Богами да. Беше посебна. Избрана. Да ја изедеш. Многумина се вртеа по неа на улица.

Заедноредеа големи сложувалки. Мајмун. Шведската кралска двојка. Германски замок од три илјади делови. Некогаш легнуваа во кревет веднаш после вечерните вести н телевизија за да можат да се допираат со часови. Требаше да се истражи многу кожа. Незанемарливи области.

Гледаа серии на сред ден. Правеа пиво во подрумот. Ставаа сушен грашок во вода да отстои дваесет и четири часови пред да направат чорба од грашок. Гледаа интересни клипови на интернет. Луѓето правеа сешто. Беше волшебно. Се препуштаа на се и постојано се смееја.

Стигна и роденденот. Не сакаше да прави голема работа од тоа. Само тие двајца. Само да изедат нешто слатко. Да гледаат кулинарски програми на телевизија. Порано да легнат. Не беше така. Ја излажа. Секако дека ја излажа, лукав тој. Се појавија нејзините другарки. И децата дојдоа. Поранешните колеги. Нејзината мајка. Само пристигнуваа. Порача азиска храна. Напиша песна. Таа заплака. Тој одржа говор. Кој би поверувал дека такво нешто е можно, рече тој. Дека животот може да го содржи и ова. Дека постојат жени како што си ти. Јас сум нјсреќниот човек на светот. Таа плачеше и се смееше. Каков маж. И толку духовит. Топло срце и ѓаволски ум.

Другарките и завидуваа. Ја сака, помислија. Типично за Ракел. Проклето е среќлија.

Гостите заминаа и таа заспа на каучот. Тој ја гледаше додека спиеше. Потоа излезе во градината да запали. Неодамна почна да пуши. Беше прекрасно што е смртен и сосема фантастично што е ранлив и несовршен и што вистински може да почуствува се. Ама најмногу му годеше тоа што стана дел од се што постои. Подобро е да се учествува во играта отколку да се биде оној што ги одредува правилата, помисли.

Ги погледна ѕвездите над себе. Бескрај. И месечината. Замисли. Само тоа. Блескава топка на небото. Се наежи.

Тогаш почувствува две раце кои го фатија отпозади. Малата испакнатина на стомакот на Ракел му го притискаше долниот дел од грбот.

На рамената ги почувствува нејзините солзи коишто му ја навлажнија кошулата.

Благодарам, рече таа. Ти благодарам, многу ти благодарам.

И ја стисна раката не кажувајќи ништо.

Погледни, рече тој. Месечина. Луѓе чекореле по неа. Што се ви тргнува од рака. Каква екипа.

Те сакам, рече аа.

Лудо е што е така, рече тој. Не можам да поверувам.

Но вистина е, рече таа.

Да, одговори тој, токму затоа е неверојатно. И јас те сакам тебе.

Го бакнуваше. Долго.

Повторно ја гледаа месечината. И бескрајот ѕвезди и планети.

Тој: Чудесно е.

Таа: Да, баш е.

Тој: Ти доаѓа да помислиш дека помеѓу небото и земјата постои нешто повеќе од што човек би поверувал.

Таа: Се постои.

Ја прегрнуваше. Ја прегрнуваше и стискаше. Тие двајца, навистина. Тие двајца.

Ти и јас, рече тој.

Да, рече таа. Ние. Ние двајца. Чудо.

Во право си, рече тој, ти и јас сме навистина ѓаволско чудо.

Запали нова цигара. Повлече чад во сестрината фантастична творба со голема злорадост.

Ќе добијам ли наскоро куче? праша тој.

Мислиш дека тоа е добра идеја? одговори таа.

О, да. Дете на љубовта и куче на љубовта. Мислам дека тоа може да си го дозволиме.

Му се насмевна со целото битие.

Договорено, рече таа.

Кокошките се прибраа во кокошарникот.

Се беше тивко.

Под нив беше пеколот.

Над беше небото.

А тие двајца се наоѓаа некаде во средината.

Ерленд Лу

П Е К О Л

Роман

Штотуку разведената Ракел се преселува во мала типична куќа со градина. Секоја втора недела децата се кај неа, а во оние недели кога е сама има баш многу слободно време. И токму од таа досада еден ден одлучува да ја среди градината со за’рѓаниот ашов што го наоѓа во шупата, и тогаш, пронаоѓа врата и скалила кои ја носат право во туристичка посета на пеколот, и тоа со најповолна влезница за десетодневна обиколка. Ненадејното откритие ќе се претвори во неочекувана авантура која целосно ќе и го смени животот.

Во стилот на Лу, патувањето во срцето на темнината врие од апсурдности и црн хумор. Духовит, попрецизно, сатиричен, наивно детинест а мудар, Лу се пресметува со стереотипите и човечките слабости.

Контрадикторен, но сепак толку својствен за него, Лу напиша уште еден роман во којшто на непосреден, директен, доволно храбар да си поигрува со она со што не се игра, а и алегоричен, полн симболи и скриени пораки. Токму затоа, можеби овој роман и не смее да се чита само еднаш.

„Апсурден и прекрасен роман со неочекуван крај.“

Стејн Рол, Адресеависен

„Новиот роман на Ерленд Лу е забавен, но и изнендувачки инспиративен. Јазикот е подржан од хумор. Исреки, Данте и библиски стихови се сменуваат со медерен терапевтски јазик. Наивниот тон читателите на Лу секако ќе го препознаат.

Ерленд Лу напишал топла книга. Не само затоа штосе случува во пеколот.“

Герд Елин Става Сандве, Дагсависен  

Helvete / Erlend Loe

ISBN 978-86-6145-387-8

COBISS-SR-ID 57047561

И јас така мислам. Ама има различни видоби на прегореност. Една моја колешка целосно прегоре. Сјајот во очите и се изгасна. Викаше и прекоруваше. Солзи и течеа пради сит