Сутерен.мк

За ЕУ Бугарите се граѓани од втор ред

Бугарија реагираше исклучително остро на одлуката на Холандија да не ја прими земјата во Шенген зоната и на коментарите на холандскиот премиер Марк Руте, кој отворено се посомнева дека властите имаат способност да ги заштитат бугарските граници.

„Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам!“. Така, претседателот Румен Радев на Фејсбук го коментираше ставот на Холандија да ја спречи Бугарија од Шенген и да ја пушти Романија да влезе.

„Неодамна тројца бугарски полицајци загинаа чувајќи ја надворешната граница на Европската унија. Денеска премиерот на Холандија Марк Руте недозволиво предложи оваа граница да се мине за 50 евра“, посочува Радев.
Остра реакција имаше и од службениот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.

„Република Бугарија е полноправна членка на Европската унија, која вложува извонредни напори да ја гарантира безбедноста на своите партнери. Бугарските безбедносни сили секојдневно со своите тела го штитат мирот на сите европски граѓани, вклучително и на холандските, на најтешката копнена надворешна граница на Европската унија, и покрај зголемениот миграциски притисок – 4 пати поголем од лани“, рече Демерџиев.

Тој уште додава: „Предлозите дека можете да ја поминете границата за 50 евра се крајно навредливи. Нашите напори не заслужуваат занемарување! Нашите напори не заслужуваат навреди! Ја минимизиравме секундарната миграција кон централна и западна Европа, плаќајќи висока цена“, рече Демерџиев.

Службениот министер за правда Крум Зарков е особено остар спрема Марк Руте, но тврди дека Бугарија ќе влезе во Шнеген за неколку дена или за неколку месеци.

„Руте даде предлог дека за 50 евра може да се помине границата. Бугарите загинаа не за да нѐ чуваат само нас, туку и нив. Руте треба да внимава затоа што ова нема да мине едноставно така“, рече Зарков за бТВ.

„Не се работи за емоции, туку за право. Сè што е кажано е направено. Не очекував ваква реакција. Преземаме многу чекори во оваа насока. Тоа е постојана борба. Не сакам да се борам против корупцијата заради Холандија, туку заради нас. Она што го кажа Марк Руте не е став на Европа. Европската комисија на највисоко ниво, Европскиот парламент и сите земји-членки освен една се на страната на Бугарија“, додаде тој.

И политичките лидери побрзаа да го осудат ставот на Холандија. Копретседавачот на Продолжуваме со промената и поранешен премиер, Кирил Петков, коментира дека Бугарија заслужува да биде полноправна членка на Шенген.

„Пред една недела отворено разговарав со холандскиот премиер Марк Руте и инсистирав на решителните чекори преземени од последната редовна влада на земјата, како и обврзувачките обврски според Планот за закрепнување и отпорност за да се обезбеди владеење на правото и одлучна борба против корупцијата, да се има предвид“, напиша Петков на Фејсбук.

Лидерката на БСП, Корнелија Нинова, ја оцени одлуката на Холандија како „незаслужена и понижувачка“. „Бугарија ги исполни критериумите за нашето прифаќање во Шенген. Сепак, тие нѐ третираат како луѓе од втор ред. А ние не сме. Мораме да го кажеме тоа доволно цврсто без да го свиткаме грбот и да добиваме мито. Шенгенот е една од ретките теми тоа нѐ обединува. Ајде сите заедно и категорично да го браниме нашиот национален интерес“, порача таа во објавата на социјалните мрежи.

Проширувањето на Шенген зоната со Хрватска, Романија и Бугарија е вклучено во агендата на состанокот на министрите за внатрешни работи и за правда од Европската унија на 8 декември. Одлуката за прифаќање на нови земји се носи едногласно, па гласот „не“ на Холандија е сосема доволен за блокирање на Бугарија.

Се очекува да се гласаат за две одделни одлуки – за Хрватска, и за Романија и Бугарија. Хрватска ужива целосна поддршка. Сигналите од Австрија во моментов се дека ќе се спротивстави на приемот и на Бугарија и на Романија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *