Сутерен.мк

Зошто двапати во различно време е пријавено исчезнувањето на Вања?

На 27-ми ноември 2023 година во 11 часот во ПС за општа надлежност Центар од страна на таткото е пријавено дека на 27.11.2023 година околу 7.27 часот неговата малолетна ќерка веќе излегла од станот и се упатила до ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во врска со случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска, која веќе шест дена не е пронајдена.

Неговата изјава предизвика збунетост кај јавноста, бидејќи официјалното соопштение од МВР по повод исчезнувањето на девојчето, објавено пред пет дена, гласеше дека мајката била таа која го пријавила исчезнувањето, и тоа во 8.35 часот.
Мајката потврди дека таа го пријавила исчезнувањето, веднаш откако класната раководителка и јавила дека Вања не дошла на првиот час.

Кој и кога всушност го пријавил исчезнувањето на девојчето, и зошто се појавија две верзии околу пријавувањето појаснуваат од министерството.

-Мајката на девојчето го пријавила исчезнувањето во 8.35 часот на 27-ми ноември, на телефонскиот број за итни повици, 112. Потоа пријавата е проследена до надлежните институции. Таткото пак, официјално го пријавил исчезнувањето во 11 часот, истиот ден, во полициска станица, соопштија од МВР.

Од таму во повеќе наврати апелираат да не се шират дезинформации и шпекулации во врска со случајот.
Денес пак, министерот Спасовски откри дека синоќа се работело до доцните часови и биле приведени пет лица, како и дека било обезбедено едно возило како доказ, односно како трага. Истакна дека се продолжува со активностите, со цел да се дојде до расчистување на случајот.

****

Мајката на Вања, Зорица, која прва на социјалните мрежи сподели апел за пронаоѓање на девојчето, само неколку часа по нејзиното исчезнување, изјави дека е свесна за интересот на јавноста за овој настан, но и дека шпекулациите не само што нема да помогнат, туку можат и да одмогнат во истрагата и да ја доведат во крив правец.

Таа за бројните реакции во врска со таткото на Вања, каде е тој и зошто ништо не објавува јавно, вели дека тој не користи социјални мрежи. И таа самата претходно многу малку објавувала на социјалните мрежи, така што не гледа ништо спорно околу тоа, вели загрижената мајка.

Таа исто така додаде и дека таткото на Вања, Александар, не се занимава со ризична професија и повторува дека сите шпекулации околу наводното киднапирање на нејзината ќерка заради работи поврзани со нивната професија можат само да и наштетат на истрагата.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *