Зошто срцевиот удар кај жените често останува непрепознаен?

Замислете жена која доаѓа во брза помош бидејќи чувствува замор, недостаток на воздух, обилно се поти и има болка во грбот која се шири низ левата рака. Откако првичните наоди покажуваат уредни резултати, таа е испратена дома, а веќе следниот ден кардиолог проценува дека нејзините симптоми се најверојатно поврзани со анксиозност. Истата таа ноќ, жената доживува тежок срцев удар

Ова е вистинската приказна на Барбара Колура, амбасадорка на Фондацијата за семејно здравје на срцето во Соединетите Американски Држави, но и реалност и судбина за илјадници други жени ширум светот. Експертите предупредуваат дека родовиот јаз во кардиолошката нега сè уште многу жени ги чини живот. Во некои развиени земји, како Австралија, истражувачите проценуваат коефициент од дури дваесет проценти на смртни случаи кај жените кои би можеле да се спречат доколку тие го имале соодветниот третман како и мажите. Меѓутоа, тоа не е случај бидејќи жените помлади од педесет и пет години во Америка имаат седум пати поголема веројатност од мажите да бидат отпуштени од ургентните центри без соодветни кардиолошки прегледи.

Со децении наназад, лекарите ги опишуваат симптомите кај жените како атипични само затоа што се разликуваат од оние кај мажите. Сепак, во реалноста нема ништо атипично во појавите кои погодуваат половина од светската популација. Најновите истражувања покажуваат дека повеќе од деведесет проценти од жените и мажите за време на срцев удар чувствуваат болка во градите. Главната разлика е во придружните симптоми каде кај жените многу почесто се јавуваат истовремена мачнина, отежнато дишење, замор, болка во вилицата или специфична болка меѓу лопатките.

Кога лекарите ваквата комбинација на симптоми ќе ја означат како невообичаена, се зголемува ризиката знаците да бидат погрешно протолкувани како нешто што воопшто не е поврзано со срцето. Познатиот кардиолог Стивен Николс смета дека терминот атипично е целосно застарен и мора да се исфрли од употреба бидејќи сè уште постои погрешно уверување дека срцевите болести се првенствено машки проблем, иако тие денес се водечки причинител за смрт кај двата пола.

Оваа нееднаквост во медицината е позната како Јентл синдром, термин кој го воведе американската кардиолошка Бернадин Хили во деведесеттите години, инспирирана од познатиот филм каде главната хероина мора да се преоблече како маж за да добие еднакво образование. Три децении подоцна, кардиологијата сè уште се бори да го надмине овој модел бидејќи многу од тековните насоки за лечење и препораки се засновани на постари студии во кои учествувале главно мажи. Дополнително, специфичните ризици за жените, како менопаузата, полицистичните јајници или компликациите во бременоста, често воопшто не се земаат предвид при проценката.

Во популарната култура срцевиот удар обично се прикажува како ненадејна, разорна и драматична болка во градите. Кардиолозите од медицинскиот факултет Харвард истакнуваат дека ова е погрешна претстава која дополнително ги збунува луѓето. Во реалноста, нападите кај жените често доаѓаат тивко и бавно, поради што лесно се превидуваат, а болката почесто се опишува како тап или тежок притисок кој трае неколку минути, па привремено се повлекува. Жените исто така почесто доживуваат срцев удар за време на одмор или додека спијат.

Кога симптомите се јавуваат во вакви невообичаени комбинации, лекарите кои се навикнати на стандардни машки шаблони полесно можат да направат погрешна процена. Барбара Колура точната дијагноза ја добила дури при третата посета на лекар, откако веќе претрпела срцев удар, а една нејзина артерија била зачепена дури деведесет и девет проценти. Експертите советуваат секогаш да му верувате на сопствениот инстинкт и веднаш да побарате итна медицинска помош доколку почувствувате нови, необјасниви симптоми или непријатност во градите, при што никако не треба самите да возите до болница.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *