Сутерен.мк

Игор Пачемски: Македониум 2 – Култура

Сегашната министерка за култура прв пат ја видов на концерт огранизиран од Панда Зографска во претседателската вила на Водно, кога протоколот не остави да седиме на мокри столици и post event циркулиравме меѓу разните dignitaries со наводенети задници!

Мислам дека тука ми почна процесот на белите дробови кој се разви во пневмонија. Што од убиствено лошиот концерт на Панда, што од првата трага на есенското студенило таа вечер. Ирена, што би рекле французите со фразата “Avoir l’air” (нема да коњугираме) на референт од институционален ходник. Родена во 1967, неполни единаесет години постара од мене, го имаше што би рекле Англичаните “the unmistakable whiff” на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, кога од „Бољи живот“ станавме „Среќни луѓе“. Кога патината на стабилност и “excellence” беше заменета со „толку можеме“. Сепак, се надевав дека барем во оваа жена ќе видиме правичност и ако ништо друго, теткинска ефикасност.

Ништо толку не може да ме разочара како некој што е најавен како принципиелен, опасен и стручен, а всушност се покажува како расиплива роба (не сум сигурен дека секој човек спаѓа во оваа категорија) и што би се изразиле по Скопски, од мочка праена. Млака. Млитава. Неефикасна.

Додека Охрид е во опасност по две години да биде ставен на листа на загрозено културно наследство, министерката вика дека тоа не ѝе работа. Додека сите медиуми премолчуваат дека Куршумли ан и Безистен одат под јурисдикција и сопственост на Исламската верска заедница, со китап од пусто турско (и МПЦ не се поарни де), ова женче со енергија и харизма на бунар со жива си тера некоја нејзина агенда, резултатите од која се, во најмала рака, фрапантни.

Охридско Лето веќе неколку години е организирано од Наташа Поповиќ. Селектор е Даница Стојанова. Ова што го видов годинава, ме направи не тажен, не достоинствено резигниран, туку бесен! Бесен на начинот на кој во државата се фрлаат огромни суми во ветер и магла. Притоа, зборот “mismanagement” нема како, а да не фигурира.

Сé започнува со прес конференција одржана помеѓу два фрижидера со пијачки. Продолжува со еден безумен хвалоспев за тоа како Охридско лето било еден од најважните настани на светскиот музички календар. Истото објавено ad verbatum од доста голем број на портали. Даница исто така издаде CD (прекрасно дека биографијата ѝ била лекторирана од Елка Улчар) и дека нејзината струмичка појава е способна да отсвири 2 Chopin-а, без да бара помош од 4 или 6 раце беше пак, самодоволно споделуван на многу Фејсбук постови со лицемерното „браво“.

Даница исто така стана директор на средно музичко вест (споделена од „Нова Македонија“), која сама по себе е ненормална. Кога бре во екс – Ју добивање директорски мандат во средно училиште беше проследено со статија во весник?!

Исто така разбравме и дека директорката и селекторката беа облечени од „Елена Лука“. Со бауш ракави со препознатливо криво сошиените сатени, полно со провинциска самодоверба, двете самобендисано се насмеани до пукање на карминисаните усти и се секако, главна атракција за македонското културно новинарство со недели, што може да се нарече само, луд јебе збуњеног.

Со буџет од околу половина милион евра, во времето на ДПМНЕ (сите знаеме колку ги мразам) флејтистката Гордана (Буба Јагула, cyber сељанка од мојот лански осврт) како така, со помош на агенција за букирање таленти носеше по една ѕвезда. Сепак, беше донесен и Ennio Morricone. Можеме да дебатираме со часови за тоа дали тука му било место или не, но сепак, ете, глобално име. Ненамалениот буџет оваа година ни донесе блескави ѕвезди како на пример хорот на Косовска филхармонија (тој парагон на музичка екселенција), Хајди Елзесер, која иронично даваше изјави за медиокритети, небаре самата не разбрала дека, ако ова е фудбалска лига, таа би била голман на Ракотинци, и Иван Босиљчиќ, господин „Рањени орао“ на „Кошутњак филм“. Сето ова крунисано со сплет, да сплет (дали има нешто потрагично, попростачко и попровинцијално вариете од сплет?! Дали е ова Далида на Орф?!) од делата на Чајковски како светла точка на програмата и дело кое го отвара фестивалот?

Да бев фестивалски директор и буџетот ми беше скратен за 70 отсто, тогаш ќе ги донесев овие нон-ентитети и ќе кажев: колку пари, толку музика. Вака, ова не е ништо друго освен класична малверзација. Театро за функционери од локална самоуправа од 1983-та. Симон Трпчевски има нов проект. ВМРО-вец бил. Патриот бил. Голема работа. Колку и да ми пречеше неговото отворено додворување на Груевски, Симон за грото македонски концертни пијанисти е Владимир Хоровиц. Ана Нетребко беше во Атина на 10-ти јули. За Ана Нетребко се пушта државен авион. Впрочем, буџетот од половина милион евра можел тоа и да го покрие. Ама кој да ја договори? Овие две „бабароги“ со криво скроени фустани како за свадба од Сурдулица сигурно не?! Ако не Ана, Валентина Нафронита? Дури и Александрина Пендачанска од Бугарија. Ама кој ќе знае?

Сплетот на Чајковски беше експресно монтиран. Тоа е уметнички еквивалент на слика на Климт на шал или бонбониера. Уметност за масите. Андре Риу. Вредност, нула. И со кое годишно време вие го врзувате Чајковски? Оревокршачката дали има смисла да се игра во јули? Чајковски не излегува од мода. Да, госпожа. Ниту бунда од црн мерц. Но тоа не значи дека ја носиме за Илинден, n’est pas? Сето ова укажува само на една огромно непознавање, неукост, еклатантен простаклук и регресија. За сметка на тоа, во Скопје имаме едно мало фестивалче, кое добива едвај неколку илјади евра од Министерство за култура и е организирано од мојата драга Ема Попивода. Во четврток бев на отварањето. Концерт на Paolo Scibilia и Antonio Sarnelli de Silva. Вечер посветена на популарна опера.

Даут Пашин Амам, топол, ама некако ретро. Како омарнина од 1988-ма. Оваа “macedonia di frutta” колку и да беше „опера за почетници“ беше вистински тоник во една топла летна вечер. Камерниот set up беше перфектен за волуменот на баритонот, а публиката избрана, градска, и голем дел од нив дури и потпевнуваа арии. Сите бевме облечени comme il faut. Криви штепови немаше, како ни мегаломански бауш. Ема и Наташа Сарџовска, со која лично не се сакам, не изгледаа како анимир дами од општина. Изгледаа како две модерни жени на кои со големо задоволство би го предал Олимпискиот оган на македонската култура. Полиглоти, интелигентни, образовани и пред сé одлични во тоа што го работат.

Италијанците беа вратени на учтив бис, се пошегуваа дека сме во “bagno turco” и со звуците на Vaga Luna си отидовме среќни и весели во ноќта. Инаку, Даут – пашин амам ме потсеќа на дневна соба од најдоброто што Македонија го нуди. Небаре просторот е екстензија на личниот простор на луѓе од вистинскиот ков и vice versa. Тука има леснотија на постоењето, спонтаност, нема простачка мегаломанија. Овој простор не е за луѓе пораснати на чардак. Или во струмички кафани, Вере.

Објектот на МНТ во 80-тите направи скандал по кулоарите на финото скопско општество. Се сметаше за голема утка. Кога на Скопски џез фестивал се соочив со влезот, за прв пат по многу години, не можев, а да не се воодушевам од врамувањето на нашите културни достигнувања. Никогаш нема да бидете светски, но бидете локално силни, ни порачува вратата, со доволна доза шарм на скалилото. Дискретна елеганција која можеби нема да трпи фустан за црвен ќилим од Elie Saab, но ќе трпи шмекерски Армани смокинг со патика. И со таков старт, ние дозволивме националниот “flagship” настан Охридско лето да ни се претвори во кич парада од лошо напишани статуси од организаторки, емотикони, цвеќенце, уриме, братче мое. И иако сељанкиве не треба да се тука, пред сé е виновна министерката. Рибата од главата смрди. Оставка!

p.s. Оваа колумна ја пишувам од Охрид. Дојдов во Охрид да не отидам на Охридско лето. Исто така научив дека „Тинекс“ 25 години подржува култура. Јас мислев дека подржува пршута.

Нејсе. Македонија вечна.

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *