Сутерен.мк

Касиопеја Наумовска: 30 години творештво

На 10 март (петок) со почеток во 19 часот во галеријата на Кинотеката ќе биде отворена ликовната изложба на Касиопеја Наумовска.

Поводот за оваа изложба е тридецениското творештво на уметницата Наумовска.

Касиопеја Наумоска „Првите 30“

Тешко е да се пишува за луѓе кои ги познаваш и ги сакаш!

Уште потешко е да се пишува за луѓе кои добро ги познаваш и многу ги сакаш!

Најтешко е да се пишува за луѓе кои и многу добро ги познаваш и бескрајно ги сакаш!

(Кога таквите луѓе уште и творат и создаваат дела, кога те пленат и кога те замолчуваат или кога ти провоцираат размисла, а патем, ти фрлаат светлина кон она што бескрајно го сакаш и мислиш дека многу добро го познаваш, тогаш пишувањето за таа личност и тој автор, станува навистина тешка задача.)

Кога станува збор за пригодна реч по некаков повод, каков што е јубилејниов, 30 години творештво на Касиопеја Наумоска, чинам дека пишувањето станува просто невозможно остварлива мисија?! А, не е прв пат да пишувам за Каси!
Затоа што, Каси и јас последните 10 години од нејзиното плодно 30-годишно творештво, изнапишавме во нашиот заеднички месинџер, текстови колку за 3 пати по 30 години дружење и творење, веројатно водени од побудата да ги надокнадиме сите оние силни години во кои не се познававме лично.

Да, јас го познавам творештво на Каси од нејзините официјални авторски почетоци од раните 90-ти години од минатиот век и што би рекле во мојата Гевгелија (а токму таму се случи таа прва средба со нејзините дела) ние „се пикасавме“, од прва! А лично „се кликнавме“, со организацијата на нејзината прва самостојна изложба во нашиот КИЦ во Софија, пред 10 години и оттогаш не престанавме да „се кликнуваме“, секој ден потоа.

Стотици и стотици дела кои сум имал задоволство и чест премиерно да ги видам и да им кумувам („Дај, Куме име!“), како и стотина мои текстови, најпрво поминале низ тој наш вжештен (од комуницирање, се разбира) месинџер! А на уште илјадници коментари, шеги, досетки, песни со рими и песни без рими и бисерни вицови, не им се знаел број?! А кога и тоа бескрајно мноштво од духовитости за миг би се исцрпел, така ентузијастички сме знаеле да им се навраќавме на старите добри заборавени хороскопи, колку да се потсетиме дека во еден декември од една дамнешна година, Каси требаше да биде „покосена од Аморова стрела, а јас требаше да бидам погоден по глава од телепринтер, факс, фотокопир или така нешто ?!“

Пишувајќи Ти ги овие редови текст, драга Каси, бидејќи јубилејов како повод МОРА да го испочитуваме, ми текнува дека никогаш, ама баш никогаш не сме се занимавале со бројки, скоро, во ниеден контекст! Никогаш не сме си отворале сметки и правеле пресметки, никогаш со кусури не сме се занимавале, нели?! Па, еве ни Каси, уште една неотворена тема, по повод „Твоите Први 30“ и тоа премиерно!

„30 го комбинира значењето на две компоненти, ова се броевите 3 и 0. Познато е дека вибрацијата на бројот 3 значи спонтаност, енергија, ентузијазам, шарм и комуникација. Бројот 0 ја комбинира енергијата на бесконечноста, целината, почетокот, продолжувањето и завршувањето во исто време“, ќе каже една група од посветени нумерозолози за симболиката на бројот 30!

(Се препознаваш ли во ова Каси, или да продолжам до првото следно јубилејно додавање нови бројки и нули, да Те потсетувам на таа совршена енергија што со леснотија треба да ги комбинира и подредува по Твоја волја – почетокот и крајот, бесконечноста, вечноста и моментот во кој живееш и твориш, празнината на сите нови затегнати платна и исполнетоста со која ќе заокружуваш целини од задоволства?!)

Според друга, подеднакво убедлива група нумеролози, бројот 30 претставува идеална комбинација од креативност и комуникација. „Познато е“, велат од таа група, „дека овој број зрачи со харизматична енергија. Бројот 30 ја содржи моќната енергија на Јупитер во себе. Нулата го засилува креативниот талент на бројот Три!“.

(Можеш ли и со ова да не се согласиш Каси, дека има повеќе од обична симболика во „Твоите Први 30“?!)
Уште нешто малку, во име на тие стари добри мудрости за Уметникот и за Уметноста што не сме стасале да ги размениме во нашиот погоре споменат вжештен месинџер, еве, Ти ги оставам и овде, како грст бисерни мудрости преку кои уште толку Те препознавам!

(Во спомен на телепринтерот што никогаш не ми падна на глава, телеграфски Ти ги сублимирам во една комплација и во еден здив!)

„Уметноста е единствената сериозна работа на овој свет. А уметникот е единствена личност која никогаш не е сериозна… Целта на уметноста е да ја открие уметноста и да го сокрие уметникот… Уметноста ни овозможува да се изгубиме и да се пронајдеме себеси, во исто време… Можеш да гледаш во некоја слика цела недела и потоа никогаш да не помислиш на неа. Можеш и само за миг да погледнеш во некоја слика и потоа цел живот да мислиш на неа… Уметноста е линијата околу твоите мисли… Да се биде уметник, значи да се верува во животот… Уметничкото дело е врескот на слободата… Секое дете е уметник, проблемот е само дали ќе остане уметник кога ќе порасне!

Во уметноста како и во љубовта, доволен е инстинктот… Да фрлиш светлина во срцето, тоа е повикот на уметноста… Силни причини создаваат силни дела!… Уметноста не е никогаш завршена, само за момент е напуштена… Одличниот уметник е најголемото благо на една нација…“

П.С. Да не заборавам?! Со оглед на тоа дека со „Твоите Први 30“ истовремено стануваш и два пати одлична (55?!), ред е јас да Ти кажам прв, во име на сите што Те сакаме и Те почитуваме -Ти си наше непроценливо лично и национално благо, Касиопеја Наумоска!
Д-р Васко Шутаров

Ако човек стори ниет да прогугла нешто за едно чудно и несекојдневно име како Касиопеја на кирилица, ќе се појават информации за едно далечно и сјајно соѕвездие кое го краси небесниот свод и за една наша сјајна уметница со тоа име, чии што слики красат ѕидови по изложби, галерии и приватни домови на колекционери и љубители на убавата уметност.

И ќе рече човек: види случајност, а јас ќе речам случајности не постојат. И го ќе додадам тоа што уште старите Римјани го знаеле велејќи Номен ест омен (Името е знак).

Во цела таа случајност ќе најдеме и сличности и различности.

Од тоа што ќе прочитаме за соѕвездието ќе дознаеме дека е сочинето од пет сјајни ѕвезди кои личат на развлечено Њ негде високо на небото, а за нашава Касиопеја дека е сликарка што стои цврсто на земја, ама знае да развлече многу линии како Њ по платната, да ги искомбинира и да нѐ остави без здив од она што потоа како слика ќе се појави пред нашите очи.
Таа првата Касиопеја била мајка на Афродита и се фалела дека со ќерка ѝ биле најубави. Поради таа своја ароганција и преголемо фалење, врзана е за својот стол и осудена да кружи околу Северниот Пол со главата надолу. Нашата Касиопеја не се фали со својата убавина, но и таа е врзана за стол, но не поради ароганција, туку поради љубовта кон уметноста и кружи околу својот штафелај со подигната глава во висина на делото кое го создава.

Најсјајна ѕвезда од ова соѕвездие е Алфа Касиопеја (Шедар). Оваа ѕвезда поради својата големина има портокалов сјај, баш онаков како на мноштвото слики на нашата Касиопеја.

Втората ѕвезда по сјајност е Бета Касиопеја или Каф. Таа има белузлавожолта боја, карактеристична за оние делови од сликите на Каси, кои за некого изгледаат како да ја замрзело авторката да достави боја, но за оние пак кои ја знаат како авторка, простор во кој со толку малку боја кажала толку многу.

Третата Гама Касиопеја или Цих има спектар БО. Тоа значи дека оваа ѕвезда е белузлавосина. И ете погледнете во сликите и неизбежно ќе ја сретнете и оваа нијанса кога четката ќе избега од основните контури премачкани со темносината боја која не може. а да ја нема во делата на Касиопеја.

За другите две ѕвезди не најдов податоци каква боја зрачат, но убеден сум дека тие бои сум ги нашол негде низ разиграните апстрактно-реалистични форми во Касиините цртежи и слики.

Пишува и тоа дека во соѕвездието Касиопеја има и маглини, т.е. ѕвездени јата.
Јас ќе напишам дека сме почестени што сме современици на Касиопеја, која несомнено е дел од она ѕвездено јато на прекрасни, талентирани и креативни сликари што Македонија ги дала.

И пред да ѝ посакам на Касиопеја уште многу години плодна работа со многу испразнети туби боја и истрошени четки и шпакли и оставени подзинати фаци на нејзината публика, би сакал тука да ја споделам нашата конверзација за да го напишам овој текст. Кратка и искрена од двете страни.

– Другарче, ќе успееш да пишеш збор-два за изложбата?

– Ама тоа секако. Имам очи да видам што црташ, имам зборови да кажам што гледам.

П.С. Каси, ова е моето благодарам за Тоширо Мифуне.

Отец Пимен

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *