Сутерен.мк

Кога животот е потежок од смртта

Суицидот годишно коси пове ќе животи одошто загинаа во воениот конфликт во 2001- ва. Иако, во споредба со светот, Македонија има релативно низок индекс на самоубиства, евидентно е дека суицидалноста е проблем и тоа проблем што директно извира од транзиционата криза!

Покрај постојаната професионална и морална дилема што ја имаат новинарите околу тоа како да се третираат случаите на самоубиство, неодамнешниот случај во Велес не стави на мисла дали и овој пат треба да се повинуваме на строгиот кодекс кој сугерира одмереност, па дури и рестриктивен приод се со цел, пишувајќи за тоа, да не се потикне и некој друг во смртта да го види излезот од своите проблеми.

А случајот, како што го нарековме, оди вака. На 9 март, 55-годишниот Илија Здравевски, се качил на највисокиот кат на една велешка висококатница, се полеал со бензин, па откако се потпалил, горејќи скокнал во бездната држејќи го во рака транспарентот што претходно го напишал, а на кој стоела само една калку разорно лапидарна толку и двосмислена и загадочна порака: „изгорев за Македонија“.

Оние што го познавале Здравевски велат дека бил мирен човек. Живеел во близина на висококатницата каде што си го одземал животот. Говорат, соци јалниот картон што го оставил зад себе бил онаков каков што во моментов го имаат илјадници луѓе во земјава – фрапанантен, несфатлив микс на исклучителни, ексклузивни искуства кога животот се гледа од аспект на поединецот и банална просечност од аспектот на статистиката. Тој, имено, бил самец без семејство, немал постојана работа, поточно ја изгубил кога се затворил некој од поголемите велешки индистриски погони, а од неодамна, од новинските извештаи не разбравме од кои причини, преестанала на работи и спортската кладилница каде што во последно време подработувал за да си ја закрпи егзистенцијата.

Се на се, значи, за моментниве наши прилики една типична македонска биографија со крајно атипичен завршеток, особено кога ќе ја согледаме на фонот на последната порака на несреќниот Здравевски. Изгорел ли тој, навистина за Македонија, онака како што обично знаеме да кажеме, на пример, кога во патриотски занес говориме за „историските околности“ во кои опстојува земјава („околностите“ во и околу Македонија, се чини, се секогаш „историски“). Или, пак, можеби изгорел од Македонија, во смисла на околностите во кои живеел и шансите што за сопствено човечко остварување му ги дала истата таа Македонија. Или, напросто, со тоа што го напишал Здравевски на тоа свое „тацибао“ од проштална порака треба да се разбере како негово цинично обраќање – во извртената смисла што во колоквијалниот говор ја има изразот „изгорев“ („пукнав“, демек, за ова или за она)  – до сите нас што останавме зад него да си ја (из)буткаме егзистенцијата, кому каква му ја намениле пророчниците, во оваа заедница на луѓе, на единки, што ја нарекуваме транзициска Македонија.

Како и да е, за таа иста заедница, Здравевски веќе сега, недела дена по неговата смрт, е, се чини, само статистички податок. Инаку, неговиот очајнички чин, неразбирлив за најголемиот број од нас, е едно од двете самоубиства што, во просек, се случуваат во текот на една недела во земјава. Патем, кога говориме за просеците, по зачестеноста на суицидите Македонија – тоа, имено, го говорат фактите, наспроти сите оние наши тврдења и впечатоци дека транзицијата не разјадува и на емоционален план – спаѓа во редот на земји со релативно мал индекс, кој од деведесетите години па до денес се движи некаде околу седум самоубиства на сто илјади жители.

Лани, на пример, според криминалистичката евиденција (која, за жал, е и единствената што системски се води во поглед на суицидите), животот си го одземале 108 наши сограѓани, што, пак, ако се направи некаква статистичка споредба со податоците од претходните години, говори, евентуално, за мал пораст што, велат експертите, и не мора да е некаков индикатив бидејќи во претходното десетлетие имало и години кога индекстот на индиценција на суициди опаѓал. Со еден збор, можеме да сметаме дека овој проблем за нас се уште не е толку акутен како во држави – на пример во Литванија, која последниве две три години е на врвот на евиденцијата за зачестеност на суицидите што се водат во Светската здравствена организација) –  каде споменатиот индекс се искачува речиси до 40 самоубиства на сто илјади жители, а  знае да отиде дури и над тоа.

Но, како  што велат, статистиката е волшебна работа – со неа може се да се докажуваат и да се тврдат најразлични нешта. Во оваа смисла, да речеме, кога ќе се земат предвид последните податоци за Кратово, каде индексот на самоубиства во 2005 година изнесуваше 29,1 (згора на тоа, ако го додадеме податокот дека овој индекс во однос на претходната година забележал пораст од речиси 70 отсто) за многумина ќе се евидентен сигнал дека нештата се движат во критична насока, особено што Кратово и не е некој голем исклучок во однос на забележително повисоките стапки на суициди што се бележат во регионот на источна Македонија.

И во поглед на етиологијата на смоубиствата, случајот Здравевски, се чини, е веќе „затворен“ при што слободно може да се констатира дека, од овој аспект, тенденциите се уште понејасни и позамаглени одошто е тоа случај со „голите“  статистички податоци. Имено, се добива впечаток дека психијатриските експерти во земјава немаат единствен став во поглед на, условно да ја наречеме, типологијата на суицидите, особено ако на случаите кои завршиле фатално, се придодадат евидентираните обиди за самоубиство кои, не само што се многукратно побројни (притоа со нагласена тенденција за зголеување од година во година и тука кај нас во Македонија), туку се и покомплексни за анализирање, дотолку што меѓу нив има и недефиниран број на таканаречени „апел“ обиди, кај кои, во основа, не постои вистинска намера за насилно прекратување на сопствениот живот туку тие се некој вид порака за помош упатена до околината на потенцијалниот самоубиец. Да не говориме, нели, за проблемот што го имаат психијатрите да откријат колку од „нереализираните“ самоубиства вушност не биле „апел“ обиди, туку произлегле од фактот дека човечкиот организам е „витална машина“ чија работа не се прекинува баш така едноставно.

Имено, ако се иземат оние најекстремните начини (бесење, скокање од високо или под воз), голем број на обидите за самоубиство, дури и тогаш кога постои јасна намера за тоа, се неуспешни (според некои американски студии секој шести случај на самоубиство со недвосмислена самоубиствена намера, дури и при користење на најекстремните методи, завршува така што самоубиецот преживува).

Уште поголем проблем, би рекле, е обидот да се разбере во која насока ќе се движат суицидалните инциденти во земјава кога како основа за анализа ќе се земат неколкуте од науката дефинирани „типски“ индикатори на суицидално поведение. За дел од психијатрите, имено, разните форми на нарушено ментално здравје (пред се депресијата, разните присилни и манијакални неурози, шизофренијата, психотички растројства) се главните „причинители“ на самоубиствата. Но, покрај ова, науката дефинирала и низа други типиви „тригери“ што можат да потикнат самобиствени мисли. Дел од нив се однесуваат на таканаречените „стресни самоубиства“ во кои, покрај самоубиствата поради изгубена чест, или оние направени, да речеме, за да се избегнат одредени законски санкции) спаѓаат и прилично бројните примери на суициди предизвикани од „пост-стрес“ синдроми, последица на најразлични лични, но и колективни трауми какви што се, на пример, војните или големите социјални кризи, меѓу кои, секако, може да се вбројат и кризите на таканаречените општества во транзиција.

За случајот на несреќниот велешанец несомнено многу нешта можат да кажат и овдешните социолози дотоку, нели, што според некои (конечно, според таткото на модерната социологија Емил Диркем) случаите на одземање на сопствениот живот е пред се социјален феномен, појава која задира во самата суштина на определницата „општество“ сфатена како заедница, соживот на индивидуи.  Најнакрај, размислувајќи на оваа тема, постои и една зона на испреплетеност на психијатријата и психологијата, од една страна, и социологијата од друга. Зона во која, исто така, до сега се појавиле најразлични становишта за самоубиствата, вклучувајќи ги, да речеме, тезите на еден Ерих Фром (неговото становиште за „здрави“ и „нездрави“ општества, според кое индивидуалното психичко здравје на единката секогаш ја одразува состојбата на колективното „ментално здравје“) или размислите на цела лепеза теоретичари од таканаречениот „пост-структуралистички“ корпус, вклучувајќи го тука, да речеме, и семиотичарот Мишел Фуко, кој говорел за категориите поврзани со појмот ментално здравје како за еден вид „јазик“, комуникациска  норма, навистина екстремен, но, секако, со определена „сигнификантност“ и значење. Врочем, веќе констатиравме дека она по што самоубиството на Здравевски отскокнува од вообичаената суицидална „типологија“ и „етиологија“ е токму пораката што ја оставил зад себе.

Значи, основното прашање е што нереќниот Здравевски ни бил нам, на сите останати во заедницата што тој ја споменал во својата проштална порака, и обратно, што сме му биле ние нему, не одбегнувајќи го, нели, и прашањето дали со нешто и со што заедницата придонела тој да го превземе очајничкиот чекор.

Некои, несомнено, на оваа етичка дилема веднаш ќе одговорат: „да, виновни сме за смртта на тој несреќен човек“, мислејќи, секако, не на себе лично, ами на сите оние „општи места“ од нашево транзициско катадневие, од „кризата“, „стечаите“, „распадот на системот на вредности“, па се до оние „конкретните“ виновници – „политичарите“, „тајкуните“, „арамиите“ што ја искрадоа Македонија. Ќе речеме така и со тоа ќе ја „склопиме“ папката на досието Здравевски, исто онака како што прави полицијата која, на наша жалост е единствената институција во земјава што се занимава со смоубиствата и самоубијците, а која, откако ќе констатира дека не станува збор за убиство туку за насилно одземање на сопствениот живот вели „ case dismissed“, случајот е затворен. Крај.

Парадоксот е во тоа што, транзицијата, кај и да е, ќе мине и Македонија ќе стане попристојно место за живеење со, во просек, малку посреќни и малку побогати жители. Но, за жал, самоубиствата и натаму ќе постојат и, што е најважно, најверојатно ќе бидат позачестени одошто е тоа сега случај, дотолку што еден од малубројните факти што се познати за суцидот е тоа дека тоа е „болест“ пред сж на оние побогатите општества. Во таа смисла не е ли можеби умно да се присобереме уште од сега кога овој проблем и не е така акутен на национално ниво и да почнеме поинаку да размислуваме за самоубиствата. Да речеме во категириите на „солидарност“ и вистинко „разбирање“ на проблемот. Првиот чекор во оваа смисла би можело да биде тоа државата, значи админстративиот апарат, посериозно да почне да се занимава со ова прашање така што ќе креира системска стратегија за превенција на самоубиствата или што ќе обезбеди средства за водење сериозна „банка на податоци“ за сите самоубиства, и оние со фатален крај, и оние во обид.

Инаку, во моментов, според некое глупаво решение во нашиов здравствен систем кој е во перманентна трансформација и реорганизација, оние што се обиделе да си го одземат животот со токсифицирање, а преживеале, сами мораат да ги платат трошоците за лекувањето. За нив сините картончиња не важат.

Доцент д-р Антони Новотни, директор на Клиниката за психи јатрија во Скопје

Потребна е јавна кампања!

 

Македони ја не е во групата на земји со висока стапка на самоубиства, но факт е дека бројката расте секоја година. Секој ден сме бомбардирани од застрашувачки информации, атмосферата е речиси катастрофична и со веќе постоечките секојдневни проблеми, тоа е често капка што ја прелева чашата. Човекот има одреден психолошки имунитет, но тоа не може да оди во недоглед! Ние сме биолошки, психолошки и социјални битија и не можеме да функционираме доколку оваа целина не е усогласена! Доколку едното не штима и другите две ‘компоненти’ попуштаат.

Според она што ние на Клиниката го следиме, а тоа се обидите за одземање на сопствениот живот, можам да кажам дека нивниот број се зголемува и за жал, тоа се случува се почесто меѓу младата популација.

Според светската здравствена организација, во 2010 година се очекува депресијата од сегашното четврто место на листата за најчестите болести, да дојде на второто. Студиите укажуваат дека секој втор пациент во општата пракса (кај матичниот лекар) е всушност, со психички тешкотии односно, со знаци на депресија. Колку од нив се потенцијални самоубијци?! “

Со губењето на традиционалните вредности, и во Македонија се зголемуваат ваквите негативни тенденции. Токму поради ова, со помош на Министерството за здравство, ние наскоро ќе се обидеме да го отвориме прашањето на депресијата и психолошката криза во општеството. Планираме да се направи една јавна кампања за тоа колку сме во депресија и како да се справиме со неа.

Проф. д-р Нелко Стојановски, професор на Институтот за социологија

Болната и долга транзиција остави проследици

 

“Самоубиството е еден од најсложените општествени проблеми. Во секој случај, тоа е еден парадоксален и нелогичен акт – да се отфрли сопствениот живот кој е највредното нешто! Може да се каже дека е личен чин, но и општествена појава што се јавува во сите средини, но во различен обем.

Според поголемиот број автори меѓу кои и Емил Диркем, самоубиството е во директна зависност од интеграцијата на индивидуата во општествените групи. Диркем укажува дека силните тектонски потреси во утробата на општеството се причина за згилемувањето на бројот на суицидите.

Во Македонија самоубиствата се во постојан пораст, иако не сме со голем индекс. Во секој случај, потребно е навреме да се кренат браните оти врнежите очигледно доаѓаат! Кај нас се уште ова е табу тема и време е да почне за тоа да се зборува. Болната и долга транзиција остави последици. Старите норми се изживеани, а новите не се зацврстени. Во ваква ситуација голем број на луѓе не можат да се адаптираат и мислам дека е време да се удри ѕвончето за аларм дека нешто сериозно се случува.”

Д-р Владимир Ортаков, раководител на Центарот за ментално здравје “Пролет“

Колективното и индивидуалното се цврсто поврзани

“Едно е јасно, како за професионалците од мојата струка, така и за лаиците – човек си го одзема животот кога ја загубил смислата и кога не гледа друг излез. Некој тоа ќе го нарече депресија. Јас овде би сакал да ја отворам приказната за една посебна димензија на самоубиствата, онаа што значи интеракција на поединецот со колективот. Дури и со чинот на самоубиство човек сака да остави ’трага’. Самоубиството значи ’порака’ за некого.

Случајот на самоубиецот од Велес за мене е повод да проговорам за еден локален, македонски колективен феномен.  Јавноста веднаш ’побрза’ да го квалифицира ова самоубиството како резултат на душевна растроеност.  За него зборуваме како за ‘случај’, а не како за личност.

Колективното и индивидуалното се цврсто поврзани и ‘црпат’ едно од друго. Општествениот стрес секако се манифестира кај секој поединец. Не знам дали постои поединец, кој би имал таков психолошки интегритет, без било какви последици, макар да е тоа и само во одредени, да речам ‘бенигни’ аспекти на однесувањето.

На пример, на мислење сум дека во Македонија како држава е сж поприсутна е состојбата на ’страв од надевање’. Јас сакам да го гледам овој феномен како нешто што го ’моделирало’ нашиот менталитет не само во текот на последните десетина години, туку со векови наназад. Честите подеми и падови на она што би се нарекло општа состојба на општеството, секако не останале незабележани во нашето ’колективно несвесно’.“

Бранка Д. Најдовска

“Глобус”, 2008 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *