Колку е реален филмот „Конклава“ за изборот на нов папа?

По објавата дека папата Франциск починал на 88-годишна возраст, првата асоцијација кај многумина беше филмот „Конклава“ (Цонцлаве). Не само поради неговото значење како затворен состанок на кардиналите што со двотретинско мнозинство избираат нов папа, туку и како име на минатогодишното остварување кое ѝ даде на јавноста редок, возбудлив увид во еден таинствен и ритуализиран процес.

Филмот, режиран од Едвард Бергер, мајсторски ја прикажува и светата и секојдневната страна на Ватикан – од церемонијалите, палењето на ливчињата за гласање и белите чадови, до гласините во салите и интригите меѓу фракциите. Како политички трилер за изборот на следниот духовен лидер на светот, „Конклава“ е најблиску до документарец што може да го добие еден обичен гледач. Но, колку е навистина верен на реалноста?

Историчарката Кетлин Спроз Камингс од Универзитетот Нотр Дам вели: „Многу детали се точни. Филмот одлично го прикажува човечкиот фактор – мажи со амбиции и силни чувства за тоа што ѝ треба на црквата и Светиот дух, за кого веруваат дека го води процесот“.

Бил Кавана, професор по католички студии, додава дека продукцијата била исклучително прецизна. Иако Ватикан не бил директно вклучен за да не влијае на приказната, тимот интервјуирал кардинали, ја посетил Сикстинската капела и ја пресоздал во студиото „Чинечита“ во Рим. Консултирани биле и верски советници за тајни ритуали како уништувањето на прстенот на починатиот папа.

Филмот успева да го долови духот на неформалните разговори меѓу кардиналите пред конклавата, познати како „општа конгрегација“, во кои учествуваат и постарите кардинали кои не можат да гласаат, но имаат влијание. Камингс се шегува: „Не можеш филм да го крстиш ‘Општа конгрегација’, тоа е премногу здодевно“.
Во „Конклава“ фракциите се симболизирани преку неколку архетипи: Кардинал Тедеско (Серџо Кастелито), италијански конзервативец, Кардинал Белини (Стенли Тучи), прогресивец кој сака да ја продолжи визијата на починатиот папа, Кардинал Адејеми од Нигерија (Лушан Мсамати), кој претставува силниот Глобален југ, но со ригидни ставови за хомосексуалноста, Кардинал Тремблеј (Џон Литгоу), амбициозен Канаѓанец, и Кардинал Лоренс (Ралф Фајнс), умерен Британец распнат меѓу традицијата и либерализмот.

Иако овие карактери се карикатури, според експертите, тие сепак, прикажуваат вистински разлики меѓу кардиналите.

„Има традиционалисти кои мислат дека папата Франциск отиде предалеку. Има и такви кои сакаат неговата мисија да продолжи непроменета“, вели Камингс.

Филмот, сепак, има и неколку неточности. Како на пример, измислениот мексикански кардинал Бенитез, кој наводно бил тајно именуван за кардинал („ин пецторе“) и кој се појавува како аутсајдер и станува папа.

„Тоа е невозможно. Таен кардинал нема право да гласа додека не биде јавно објавен“, појаснува Камингс.

Функциите на деканот и камерленгото исто така се мешаат, а ниту една калуѓерка не може да шета сама по Ватикан ноќе.
Сцената со експлозија во Сикстинската капела е оценета како „високо неверојатна“, но Камингс додава: „Процедурално, сè е точно. А естетиката е совршена“.

Еден особено емотивен момент, кој ја доловува човечката страна, е разговорот во кој Белини го прашува Лоренс како би се викал како папа. Тој прво вели дека не размислувал, но подоцна признава дека би се викал Јован. „Секако дека секој кардинал си има замислено папско име“, вели Камингс. Најдобриот хумор во филмот, што инспирираше и мимови, е претставата дека никој не сака да биде папа додека сите се сомневаат дека другите сакаат.

„Конклава“ завршува со изненадување – избраниот папа Бенитез му открива на Лоренс дека е интерсексуалец, што ја предизвикува догмата на Црквата за полот.

„Тоа е малку пренапумпано, но идејата дека не знаеш кого всушност, избираш е сосема реална“, вели Кавана.

На крајот, вистинските настани во Ватикан речиси никогаш не се откриваат. „Не смееме да знаеме кој за кого гласал“, вели Кавана. Но сепак, гласините секогаш се појавуваат, како онаа дека Бергољо, сегашниот папа Франциск, бил втор во трката по Јозеф Рацингер во 2005-та. „Конклава“ успева да ја прикаже таа неизвесност и човечност во една навидум совршено организирана институција, балансирајќи меѓу светото и слабостите на луѓето кои ја водат.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *